Роењето на пчелите е сосема природна појава
Роењето на пчелите е сосема природен процес и појава, наспроти изнесеното во објавата дека станува збор за неприродна појава. При овој процес, штом се испили нова матица, старата матица заедно со дел од пчелите заминува во потрага на „нов дом“, додека пак остатокот од пчелите со новата матица останува во „стариот дом“
Роењето на пчелите е сосема природен процес и појава, наспроти изнесеното во објавата дека станува збор за неприродна појава. При овој процес, штом се испили нова матица, старата матица заедно со дел од пчелите заминува во потрага на „нов дом“, додека пак остатокот од пчелите со новата матица останува во „стариот дом“
Анализираме објава на Фејсбук која споделува напис со фотографија на која се гледа рој од инсекти и вели:
Неприродна појава
Во написот што го споделува објавата, кој е на српски јазик, се посочува дека жителите на Бања Лука се соочуваат со наезда од пчели. Според напишаното, жители од различни делови на градот пријавувале дека роеви пчели се појавуваат на фасадите на зградите, балконите, дрвјата, па дури и автомобилите.
Но, спротивно на тврдењето во објавата дека ова е неприродна појава, станува збор за сосема природна појава, што е потенцирано и во написот.
Роењето е природен процес за проширување на пчелните колонии, но во урбаните средини често предизвикува загриженост. Сепак, експертите нагласуваат дека роевите во такви ситуации ретко претставуваат закана – пчелите потоа се фокусираат на заштита на матицата и наоѓање нова локација за кошницата, пишува во написот што го споделува објавата.
Пишувајќи за оваа појава, веб-порталот Агротим во јули 2020 година пренесува изјава на пчеларот Бранислав Вилотиќ.
Сега е време кога се прави делење односно роење и тоа едноставно така е создадено со еволуцијата. При овој процес, старата матица излегува и води дел од заедницата со себе или се дели на неколку роеви, а подоцна излегуваат младите матици. Во принцип кога заедницата ќе се изрои, од неа ќе се одвои една војска од пчели кои ќе донесат мед, полен и за кои ќе биде многу полесно да се обезбеди храна за зимата. Од друга страна, ако овој рој не биде фатен, ќе биде препуштен сам на себе некаде во дивината. Ако условите се добри и има добри можности за паша, ќе се подготви соодветно за претстојната зима, истакнува Вилотиќ.
Во одреден момент на развој чим пчелната заедница осети дека им станува „тесно“ во нивното живеалиште, кај истата се развива нагон за роење.
Во пчелното друштво се создаваат „матичњаци“, од кои се испилуваат нови матици. Штом се испили матицата, нејзина прва задача е да ги уништи преостанатите матичњаци, а доколку има и друга матица, настанува борба во која едната ја убива другата. Во случајот со роењето, штом се испили нова матица, старата матица заедно со дел од пчелите заминува во потрага на „нов дом“, додека пак остатокот од пчелите со новата матица останува во „стариот дом“. При заминувањето пчелите понесуваат и дел од храната. Ројот пчели прво се стационира на локација (пример дрво) во близина, од каде пчели извиднички се упатуваат во различни правци, барајќи ново живеалиште. Остатокот од пчелите, мируваат на локацијата сѐ до донесувањето на крајната одлука во однос на новото живеалиште. Начинот на кој се одлучува кое би било новото живеалиште, како пчелите извиднички ги известуваат другите за пронајдените предлог локации и како оди одлучувањето, е импресивен процес кој е опишан во следното видео.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека роењето кај пчелите е сосема природен процес и појава, наспроти изнесеното во објавата дека станува збор за неприродна појава. При овој процес, старата матица излегува и води дел од заедницата со себе или се дели на неколку роеви, а подоцна излегуваат младите матици.
Поради ова, објавата ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар