Роковите за изборите на 5 јуни започнаа да течат

Нови избори - засега на 5 јуни. Фото: скриншот

 

 

Според Уставот, Собранието мора да се распушти 60 дена пред изборите, значи на 7 април. Листите на пратеници треба да бидат објавени на 13 мај, а Државната изборна комисија избирачкиот список мора да го стави на јавен увид на 22 април.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Годинешниве предвремени парламентарни избори се одложуваат за шест недели, па наместо на 24 април, како што беше предвидено првично со Договорот од Пржино тие ќе се одржат на 5 јуни. Така барем изгледа според редица изјави на различни страни вмешани во преговорите, иако и овој датум може да подлежи на промена, ако заради ништо друго, тогаш барем заради фактот што тие веќе еднаш беа одложени. Но, овој датум е засега договорен по целодневни разговори со меѓународните посредници, лидерите на политичките партии на 24.02.2016 година со што на само дваесетина минути пред полноќ беше сменета одлуката, која на 18 јануари ја донесоа ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, а според која парламентот требаше да се распушти на 24 февруари.

Двете најголеми партии ги вкрстија повторно копјата веднаш по одредувањето на новиот датум за избори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на прес-конференција во еден часот по полноќ, им порача на опозиционерите дека само до 5 јуни може да глумат победници, но дека тогаш ќе видат кој е вистински победник.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, во својата реакција рече дека ова е уште еден пораз на Груевски и дека во Македонија мора да има и ќе има слободни и фер избори.

Американскиот амбасадор Џес Бејли, пак, изрази уверување дека ако секој работи напорно и игра според правилата, изборите на 5 јуни може да бидат кредибилни и да ја придвижат Македонија напред во надминувањето на политичката криза.

Според Уставот, Собранието мора да се распушти 60 дена пред изборите, значи на 7 април. Листите на пратеници треба да бидат објавени на 13 мај, а Државната изборна комисија избирачкиот список мора да го стави на јавен увид на 22 април.

Според сегашниве состојби, ако изборите се одржат на 5 јуни изборната кампања ќе почне на 16 мај и ќе заврши на 4 јуни.

  • 13 мај: ДИК мора листите со кандидати за пратеници да ги објави во дневен печат односно, најдоцна 23 дена пред денот на изборите.

 

  • 48 часа пред утврдувањето на листите или најдоцна 48 часа по утврдувањето на листите за кандидати, тие мора да отворат трансакциска сметка, да обезбедат единствен даночен број и да ја достават сметката до надлежната изборна комисија;

 

  • Државната изборна комисија преку МНР во рок од 48 часа ќе ги достави до ДКП односно конзуларните канцеларии утврдените единствени листи заради јавно објавување;

 

  • 16 мај: Изборната кампања почнува 20 дена пред денот на изборите, и мора да заврши 24 часа пред денот на изборите, на 4 јуни.

 

  • 22 април: Најдоцна 15 дена од денот на распишувањето на изборите ДИК мора да го стави Избирачкиот список на јавен увид.

 

  • 6 мај: Државната изборна комисија најдоцна 30 дена пред денот определен за избори треба да ги објави описите на изборните единици утврдени со овој законик.

 

  • 12 мај: Јавниот увид трае 20 дена, до 12 мај;

 

  • 17 мај: Пет дена откако ќе заврши јавниот увид, ДИК ќе им го достави изборачкиот список на политичките партии, а тие, пак, во рок од пет дена, до 19 мај, мора да достават барање за запишување, дополнување или бришење податоци;

 

  • 27 мај: ДИК мора да го заклучи избирчакиот список најдоцна 15 дена по јавниот увид.

 

  • 2 јуни: Државната изборна комисија изборниот материјал треба да го предаде на општинските изборни комисии најдоцна во рок од 72 часа пред денот определен за одржување на изборите.

 

  • Министерството за надворешни работи изборниот материјал на ДКП го доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа по приемот.

 

  • 4 јуни: Општинската изборна комисија е должна еден ден пред денот определен за одржување на изборите (4 јуни) да го предаде изборниот материјал на избирачките одбори на територијата на Република Македонија.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција