Роковите за оставка на премиерот Никола Груевски веќе течат
Кога Никола Груевски треба да поднесе оставка на премиерската функција и до кога најдоцна треба да биде избрана неговата замена, односно преодниот премиер? Што велат законите, Уставот, Договорот од Пржино и самите политички лидери?
Кога Никола Груевски треба да поднесе оставка на премиерската функција и до кога најдоцна треба да биде избрана неговата замена, односно преодниот премиер? Што велат законите, Уставот, Договорот од Пржино и самите политички лидери?
Пишува: Владо Ѓорчев
Пред Нова година се засилија пишувањата и очекувањата за оставка на премиерот Никола Груевски, согласно Договорот од Пржино. Сепак, се чини дека единствената дилема е кога тоа точно ќе се случи. Досега единствениот што прогнозираше некаков датум за повлекувањето на Груевски е лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој во интервју на Алсат-М телевизија (на 25.12.2015, видео: од 30.16 до 30.27) изјави дека премиерот ќе се повлече на 10 јануари 2016 година.
Во Договорот од Пржино (точка 6, алинеја IV) точно е предвидено:
Актуелната влада формално ќе поднесе оставка до парламентот во соодветно време за да се овозможи новата влада да поднесе заклетва на 15 јануари 2015, односно 100 дена пред одржувањето на парламентарните избори кои ќе се одржат на 24 април 2016. Новата влада ќе ја предводи Претседател предложен од ВМРО-ДПМНЕ, а владината програма ќе се ограничи на организирањето на изборите.
На седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 9 ноември 2015 година се донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за влада на Република Македонија, при што се додаде нов член 43 кој гласи:
Сто дена пред одржувањето на избори за пратеници, а по претходна оставка на претседателот на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе избере нова, преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, предводена од нов претседател на Влада кој го номинира партијата со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија.
Инаку, Груевски, ако се почитуваа роковите предвидени со закон и се запазеа сите датуми, „мораше“ оставка да даде на 15 декември.
Законските рокови за избор на нова влада се следни:
- Претседателот на државата дава мандат во рок до 10 дена; (Устав на РМ, член 90)
- Мандатарот новата влада треба да ја предложи во рок од 20 дена до Собранието; (Устав на РМ, член 90)
Ако беа испочитувани овие рокови:
- Претседателот на државата требаше да го даде мандатот на ВМРО-ДПМНЕ на 25 декември, а:
- Мандаторот да ја предложи новата Влада пред Собранието на 14 јануари.
Ако, пак, роковите се скусат максимално, сето тоа може да се случи и на 14 јануари.
Во тој случај, за само еден ден претседателот на државата би ѝ го доделил мандатот на ВМРО-ДПМНЕ и истиот ден новата влада би била предложена, а предлогот би бил доставен во Собранието за гласање.
Деновиве, на ова прашање изјави имаа и премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
На прашањето дали тоа ќе го стори на 10 јануари, како што за телевизијата „Алсат-М“ најави неговиот коалициски партнер Али Ахмети, Груевски одговори: (пренесено од „Телма“, 26.12.2015,18:45):
Тоа што е договорено е нова влада да има на 15 јануари. Тие рокови ќе се испочитуваат.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, при посетата во струшкиот регион, пак, рече (Пренесено од „Плусинфо“, 27.12.2015, 12:41):
Ќе има нова влада и ќе има нов премиер, ама Груевски никогаш повеќе нема да биде премиер. Заминува. Промените доаѓаат во Македонија, слободата, демократијата, правдата, европските вредности повторно ќе се вратат и никој не може тоа да го спречи.
ИЗВОРИ:
- Службен весник на РМ, бр.196 од 10.11.2015 година, [Пристапено 28.12.2015]
- Заев во Струшко: Груевски веќе никогаш нема да биде премиер! (ВИДЕО), Плусинфо, 27.12.2015, 12:41, [Пристапено 28.12.2015]
- Интервју со Али Ахмети, Алсат-М 25.12.2015, 10:15, [Пристапено 28.12.2015]
- Груевски: Нова Влада на 15 јануари, Телма 26.12.2015, 18:45, [Пристапено 28.12.2015]
- Договорот од Пржино – превод на македонски јазик, Вистиномер 09.10.2015, 14:05, Пристапено 28.12.2015
- Законот за изменување и дополнување на Законот за влада на Република Македонија, бр.196 од Службен весник 10.11.2015, [Пристапено 28.12.2015]
- Устав на Република Македонија, [Пристапено 28.12.2015]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар