Ролан Гарос не вовел задолжителни ЛГБТ нараквици за играчите, а ниту Ѓоковиќ одбил да ја носи
Не постојат веродостојни докази дека светски познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ бил повикан да носи обележје на ЛГБТ заедницата во форма на виножито, ниту дека организаторите на Ролан Гарос вовеле задолжителни ЛГБТ нараквици за играчите.
Не постојат веродостојни докази дека светски познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ бил повикан да носи обележје на ЛГБТ заедницата во форма на виножито, ниту дека организаторите на Ролан Гарос вовеле задолжителни ЛГБТ нараквици за играчите
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Новак Ѓоковиќ јавно одби да ја носи нараквицата со ЛГБТ виножитото на Ролан Гарос!!
Српската тениска ѕвезда изјави: „Тенисот треба да се фокусира на натпреварот, натпреварот и победата – не треба да стане платформа за политичка или идеолошка пропаганда.
Не постојат веродостојни докази дека светски познатиот тенисер Новак Ѓоковиќ дал ваква изјава, ниту дека организаторите на тенискиот турнир Ролан Гарос во Париз вовеле задолжителни ЛГБТ нараквици за играчите.
Пребарувањата низ официјални прес-конференции, спортски медиуми и извештаи од турнирот не покажуваат дека Ѓоковиќ јавно одбил ваков симбол или дека бил повикан да носи виножито-обележје. Наместо тоа, објавата претставува манипулативна содржина креирана за политички и идеолошки реакции на социјалните мрежи.
Организациите за проверка на фактите на социјалните платформи и во медиумите претходно имаат разобличено слични дезинформации поврзани со спортисти и „виножито“ симболи. На пример, Политфакт утврди дека е неточно тврдењето дека фудбалерите на Европското првенство во 2020 биле задолжени да носат ЛГБТ капитенски ленти и дека некој спортист бил „единствениот“ што одбил.
Дополнително, австралиската агенција AAP FactCheck предупреди дека на Фејсбук често кружат измислени приказни за Ѓоковиќ поврзани со „woke“ и прајд теми, создадени за собирање кликови и реакции.
Во реалноста, Ѓоковиќ претходно давал политички коментари поврзани со Србија и Косово за време на Ролан Гарос, но Меѓународната тениска федерација тогаш потврди дека таквите изјави не биле забранети со правилата на турнирот.
Ѓоковиќ има дадено изјави поврзани со ЛГБТ темата – но тие не се негативни, како што се тврди во објавата што ја анализираме.
Во 2018 година, Ѓоковиќ на прес-конференција беше прашан како би реагирал ако машки тенисер јавно се декларира како геј. Тој одговорил:
Не би имал ништо против тоа. Секој има право да има своја сексуална ориентација, желба или каков било правец во животот. Да го почитуваме тоа.
Исто така Ѓоковиќ изјави дека таквиот чекор го смета за „многу храбар“, бидејќи „делови од светот сè уште не се подготвени да го прифатат тоа“.
Имајќи го предвид сето погоре, оценуваме дека објавата што ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар