Романските институции го дисквалификуваа Георгеску, а не Европската Унија
Домашни институции во Романија како суверена држава, се оние коишто одлучиле Георгеску да не се кандидира на претседателските избори во мај, а не Европската Унија, како што невистинито се обвинува во објавата. Романското централно тело за спроведување на изборите му забрани на прорускиот кандидат Калин Георгеску да се кандидира во мај на изборите за претседател. Одлуката на романската централна изборна комисија за суспензијата на Георгеску е поради претходни негови активности и изјави спротивни на вредностите што ги бара претседателската функција. Тој најави дека ќе ја обжали ваквата одлука, по што Уставниот суд на Романија едногласно одлучи да ја потврди одлуката Георгеску да не смее да се кандидира на изборите во мај
Домашни институции во Романија како суверена држава, се оние коишто одлучиле Георгеску да не се кандидира на претседателските избори во мај, а не Европската Унија, како што невистинито се обвинува во објавата. Романското централно тело за спроведување на изборите му забрани на прорускиот кандидат Калин Георгеску да се кандидира во мај на изборите за претседател. Одлуката на романската централна изборна комисија за суспензијата на Георгеску е поради претходни негови активности и изјави спротивни на вредностите што ги бара претседателската функција. Тој најави дека ќе ја обжали ваквата одлука, по што Уставниот суд на Романија едногласно одлучи да ја потврди одлуката Георгеску да не смее да се кандидира на изборите во мај
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ЕУ САКА ВОЈНА СО РУСИЈА – И ГО ЗАМОЛЧУВА СЕКОЈ ЛИДЕР КОЈ ИМ ЗАСТАНЕ НА ПАТ!
Европската унија јасно стави до знаење: не им е грижа за демократијата. Не им е гајле што сака народот од која било нација. Тие се грижат само за одржување на контролата, за туркање на нивната воена агенда и за замолчување на секој што ќе се осмели да се спротивстави.
РОМАНИЈА: НАЈНОВА ЖРТВА ВО ГРАБЕЊЕТО НА ВЛАСТА НА ЕУ.
На Калин Џорџеску, изборот на народот, му беше забрането да се кандидира за претседател затоа што одби да биде марионета на Брисел.
Неговото злосторство? Спротивставување на маршот на ЕУ кон војна со Русија.
Сега, Романија ќе биде принудена да се придржува – без разлика дали нејзините граѓани го сакаат тоа или не.
ОВА НЕ Е САМО ЗА РОМАНИЈА – ОВА Е НОВАТА КНИГА НА ЕУ.
Местат избори.
Тие на црната листа на кандидати кои одбиваат да се покорат.
Тие го рушат националниот суверенитет под чизмата на нивните неизбрани бирократи.
ЕУ НЕ ГО ПРЕТСТАВУВА НАРОДОТ – ЈА ПРЕТСТАВУВА СВОЈАТА АГЕНДА.
Тие зборуваат за „демократија“, но ја газат секогаш кога некоја нација одбива да падне во редот. Волјата на народот не му значи ништо. Тие не се избрани од јавноста, но сепак диктираат политики, уништуваат економии и сега ја туркаат Европа поблиску до војна.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не Европската Унија, туку романското централно тело за спроведување на изборите му забрани на прорускиот кандидат Калин Георгеску да се кандидира во мај на изборите за претседател. Тој најави дека ќе ја обжали ваквата одлука, по што Уставниот суд на Романија едногласно одлучи да ја потврди одлуката Георгеску да не смее да се кандидира на изборите во мај. Образложението на романската централна изборна комисија за суспензијата на Георгеску се претходни активности и изјави спротивни на вредностите што ги бара претседателската функција, пренесе Еуроњуз.
Наречен „тик-ток месија“, Георгеску излезе прв во првиот круг на романските претседателски избори во декември. Но, уставниот суд во декември, го поништи гласањето откако беа декласифицирани разузнавачки извештаи што покажале руска вмешаност да се влијае врз гласачите преку социјалните мрежи, да го поддржат тогаш релативно непознатиот кандидат, пишува Еуроњуз.
Како што може да се види од горенаведеното, токму домашни тела на Романија како суверена држава, се оние коишто одлучиле Георгеску да не се кандидира на претседателските избори во мај во оваа земја, а не Европската Унија, како што невистинито се обвинува во објавата. Затоа не може да се каже дека „ЕУ ги наместиле изборите во Романија“. Не е точно дека Георгеску бил дисквалификуван зашто „одбил да биде марионета на Брисел“, туку затоа што се соочува со кривична истрага за антиуставни дејствија и погрешно презентирање на неговото трошење во изборната кампања. Според Еуроњуз, обвиненијата, исто така, се однесуваат и на неговата поддршка за симпатизерите на „Железен штит“ (Iron Guard – фашистичко и антисемитско движење и политичка партија, која е нелегална според законот во Романија). Романската изборна комисија исто така не му ја прифати кандидатурата на Георгеску зашто на документите за финансирањето немало ничиј потпис.
Целосната одлука е објавена овде.
Во неа меѓу другото пишува дека „кандидатот ја прекршил обврската да ја брани демократијата која се заснова на правично, целосно и непристрасно избирачко право, согласно законот, без што се менува темелот на сегашниот уставен поредок“.
Не е точно дека ЕУ марширала кон војна со Русија, а Георгеску се спротивставувал на тоа, па затоа извисил од кандидатурата. ЕУ и НАТО не се во војна со Русија. ЕУ и НАТО ја поддржуваат Украина во нејзиното право на самоодбрана да го зачува територијалниот интегритет откако Украина беше нападната со неиспровоцирана воена инвазија од страна на Русија во февруари 2022 година. ЕУ и денеска повикува на крај на војната во Украина, но под услови коишто нема да го загрозат територијалниот интегритет и нема да ја загрозат самата Европа.
ЕУ и нејзините земји членки, остро ја осудуваат воената агресија на Русија против Украина и нелегалното анектирање на украинските Доњецк, Луганск, Запорожје и Харсон регионите. Исто така го осудуваат белоруското вклучување во руската воена агресија. Заклучоците на Европскиот совет од 19 декември 2024 се дека Европскиот совет ја повторува својата одлучна осуда на руската агресивна војна против Украина, што претставува очигледно кршење на Повелбата на ОН и ја потврдува својата континуирана поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Наспроти изнесеното во објавата, ЕУ не сака војна туку постојано бара од Русија веднаш да ги прекине воените дејствија, безусловно да ги повлече силите и воената опрема од Украина и да го почитува украинскиот територијален интегритет, суверенитет и независност. Оттаму го потенцираат правото на Украина да ја избере својата сопствена судбина.
Наспроти изнесеното во објавата, на ЕУ ѝ е грижа за демократијата и за тоа што го сака народот на која било нација. Тоа се однесува и на Украина. ЕУ не турка „воена агенда“ и ЕУ не нападна суверена и независна држава без повод и причина.
Во објавата невистинито се тврди дека ЕУ „мести избори“. Во конкретниот случај со Романија, сите дејствија кои го дисквалификуваа Георгеску се спроведени од страна на највисоки суверени и национални тела (Уставен суд и централна изборна комисија на Романија) поради причини претходно наведени.
Исто така, не е точно дека претставниците во телата на ЕУ не биле „избрани“. Целосните процедури за избор во различните тела се објавени овде.
Европскиот парламент, Европскиот Совет и Советот на ЕУ се составени од избрани претставници и членови на влади од секоја земја на ЕУ. Во моментов 720 членови на Европскиот парламент се гласани директно од страна на граѓаните на ЕУ со национални изборни закони и традиции во секоја земја на ЕУ. ЕУ не може да влијае на тоа кој ќе се кандидира за претседател на претседателски избори во посебните земји. Тоа во случајот со Романија го имаат направено домашни институции избрани од граѓаните.
ЕУ не уништува економии и не ја турка Европа поблиску до војна. Унијата е репрезент на прогрес, а сите негови параметри погледнете ги овде.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар