RT половина од времето годинава посветила на критики кон САД

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот и во светот.

Сервисот на ЕУ за проверка на информациите од Источната наменска група на ЕУ euvsdisinfo.eu го претставува известувањето на руската телевизија на англиски јазик RT за ковид-19 пандемијата од почетокот на годинава до почетокот на месецот, од кое се гледа дека во овој период дури 50 отсто од „негативните“ содржини на оваа телевизија се занимавале со САД.

До овие податоци дошла Stanford Internet Observatory, која утврдила дека САД биле цел на 50 отсо од очигледно „негативните содржини“ пласирани од телевизијата. Кога станува збор за темите, „негативните содржини“ нагласувале политичка дисфункција, дипломатски конфликти и теории на заговор во САД, ОК, Франција и ЕУ.

Во анализата биле прегледани отприлика 1.900 постови што содржеле термини сврзани со корона вирусот и се појавиле на Фејсбук-страницата на англиски јазик на RT од 1 јануари до 1 јуни годинава. Потоа содржините биле анализирани според нивото на коментари во нив, според земјата што се споменува, темите и жанровите.
Речиси половина од сите содржини биле посветени на 4 теми: Ширењето на вирусот, затворањето на граѓаните дома, политичките акции во пандемијата и човечки приказни.

„Иако приближно 68 отсто од содржините беа коментаторски неутрални – односно немаа јасен коментаторски став на фалење или напаѓање, речиси 80 отсто од коментарите што се појавија на RT на англиски очигледно беа со негативен тон, а само 3 отсто беа позитивни“, се вели во извештајот.

Како што споменавме погоре, главната цел на негативните коментари биле САД со 50 отсто, потоа ОК со 10 отсто, Франција со 6 отсто, Италија и Германија со по 2 отсто. Иако поголемиот дел од содржините биле неутрални, негативните содржини преовладуваат над позитивните. Во многу случаи во негативен контекст и не се споменувала прецизно некоја земја, туку Западот воопшто.

RT исто така тврди дека реакциите на споменатите западни земји кон пандемијата биле прекумерни, и покрај тоа што многу други неспомнати земји користеле пристапи слични на оние во споменатите земји. Истражувачите откриле дека RT ги фалел Русија и Кина поради тоа што спроведувале идентично такви пристапи.

Што се донесува до сите наведени земји, јасно е дека содржините на телевизијата имале цел да дадат слика на политичка дисфункција, растечки немири и злокобен авторитаризам во САД, ОК и ЕУ. Содржините за Русија и Кина, пак, биле двете земји за кои најпозитивно се известувало, а притоа темите биле ширењето на вирусот, медицинската и друга опрема, затворањето на граѓаните во домовите и човечки приказни.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција