Русија без докази таргетираше српски медиуми како платеници на Брисел

Илустрација: Вистиномер - dimitrisvetsikas1969, CC0, via Wikimedia Commons

Според Руската служба за надворешно разузнавање, Брисел смета на тоа дека финансиското пумпање во медиумите и невладините организации ќе го мобилизира електоратот на изборите, ќе ги изнесе луѓето надвор на улиците и ќе го заврши „српскиот Мајдан“. Во списокот на таргетирани медиуми се наведени FoNet, RAM Network, Vreme, Juzne Vesti, Slobodna rec, Boom93, Podrinske, Freemedia, Indjija, SOinfo, FAR и Storyteller. Ваквите таргетирања на независните медиуми во Србија и на новинарите кои работат во нив, предизвикаа жестоки реакции, а некои од нив загрижени за сопствената безбедност се јавувале во независните новинарски здруженија

Според Руската служба за надворешно разузнавање, Брисел смета на тоа дека финансиското пумпање во медиумите и невладините организации ќе го мобилизира електоратот на изборите, ќе ги изнесе луѓето надвор на улиците и ќе го заврши „српскиот Мајдан“. Во списокот на таргетирани медиуми се наведени FoNet, RAM Network, Vreme, Juzne Vesti, Slobodna rec, Boom93, Podrinske, Freemedia, Indjija, SOinfo, FAR и Storyteller. Ваквите таргетирања на независните медиуми во Србија и на новинарите кои работат во нив, предизвикаа жестоки реакции, а некои од нив загрижени за сопствената безбедност се јавувале во независните новинарски здруженија

 

Пишува: Мирослава Симоновска

 

Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација (SVR) во соопштение за јавноста објавено деновиве (15.09.2025), обвини локални и национални медиуми во Србија за тековните протести во оваа соседна земја, изложувајќи ги на опасни и неосновани тврдења кои ја загрозуваат нивната безбедност и дополнително ги таргетираат. Во соопштението на SVR има листа на српски медиуми, портали и неделници наведени со нивните имиња, за коишто е посочено дека „добиваат значителна финансиска поддршка од невладини организации поврзани со Брисел“. Во списокот на таргетирани медиуми се наведени FoNet, RAM Network, Vreme, Juzne Vesti, Slobodna rec, Boom93, Podrinske, Freemedia, Indjija, SOinfo, FAR и Storyteller.

Брисел смета на тоа дека финансиското пумпање во медиумите и невладините организации ќе го мобилизира електоратот на изборите, ќе ги изнесе луѓето надвор на улиците и ќе го заврши „српскиот Мајдан“, според  веќе рарзработното спенарио. Но, лажните ветувања на европските власти за „скорешното влегување во европската цветна градина“ се само мамка. Цената за протестите ќе мора да биде платена со спомените на предците. Гордиот и обединет српски народ не ѝ е потребен на Европската Унија, пишува во соопштението на SVR.

Ваквите таргетирања на независните медиуми во Србија и на новинарите кои работат во нив, предизвикаа жестоки реакции со оглед на тоа што на ваков начин тие се директно посочени, а некои од нив во независните новинарски здруженија се јавувале и потенцирале дека се загрижени за сопствената безбедност. Како што соопшти Независното здружение на новинари на Србија (NUNS), преку ова соопштение од Службата за надворешно разузнавање на Руската Федерација новинарите во Србија станаа предмет на опасни и неосновани тврдења, во кои се споменува нивната наводна улога и наводната улога на Европската Унија во тековните протести кои со месеци се разгорени во Србија.

Новинарите од гореспоменатите медиуми во Србија професионално известуваат за протестите и нивна должност е да достават точни и целосни информации за важни настани до јавноста. Сепак, ваквите изјави, кои инсинуираат странски заговори без докази, ги ставаат новинарите и медиумите во директна опасност.

По гореспоменатото соопштение, до NUNS се обратија колеги кои се плашат за својата безбедност и чувствуваат дополнителен притисок при извршувањето на својата работа. Ширењето на теории на заговор и дезинформации не само што го одвлекува вниманието од вистинските причини зошто граѓаните излегуваат на улиците, туку и го загрозува основното право на јавноста да биде вистинито и непристрасно информирана. Новинарите се веќе изложени на напади, закани и притисоци, а ваквите изјави ја отежнуваат нивната работа и создаваат атмосфера на несигурност и недоверба, реагираа од Независното здружение на новинари на Србија.

НУНС апелираше до сите домашни и странски актери да се воздржат од објавување политички мотивирани тврдења што ги загрозуваат новинарите и медиумите.

Нашата обврска останува јасна: да го заштитиме правото на новинарите слободно и безбедно да ја вршат својата работа, како и правото на граѓаните за точни и објективни информации. Новинарите не се и не смеат да бидат колатерална штета на политичките пресметки. Тие се столб на слободното и демократско општество и мора да имаат целосна поддршка и заштита од институциите и општеството како целина, смета Независното здружение на новинарите на Србија. 

Дел од уредниците на таргетираните медиуми преку свои текстови со реакции потенцираа дека српски провладини медиуми биле меѓу првите во соседната држава кои го споделувале соопштението на руската служба за надворешно разузнавање, со експлозивни и сензационалистички наслови, без ограда и како да пренесуваат генерална вистина. Така, Сања Петров, уредничка на порталот „Слободна реч“ ги негираше наводите во ова како што го нарече – скандалозно соопштение.

Уште еднаш нагласуваме дека сме уреднички целосно независен медиум, кој не учествува и никогаш не учествувал во никакви „субверзивни активности“. Наша единствена мисија е да им обезбедиме професионални и одговорни информации на граѓаните, на кои секогаш сме им достапни за сите прашања. Ваквите притисоци и таргетирање не само што ја нарушуваат слободата на медиумите, туку можат директно да ја загрозат безбедноста на нашата редакција и на секој поединец во неа, напиша Петров.

Информацијата дека европски невладини организации финансираат работа на независните медиуми во Србија, како што пишува Петров, не е вест туку „измислување топла вода“ со оглед на тоа што истото е транспарентна повеќегодишна пракса за зајакнување на демократијата и правото на граѓаните да бидат информирани.

Проблемот е во комбинирањето на тие информации со злонамерни обвинувања. Тоа беше објавено во текст насловен како „Шокантно откритие на руската служба! ЕУ го планира српскиот Мајдан “, во кој истата нарација што се вади од нафталин секогаш кога граѓаните протестираат, се рециклира по којзнае кој пат, објаснува уредничката на „Слободна реч“. 

SVR во соопштението го пласираше без докази и скандалозното тврдење дека „Европската Унија стои зад немирите во Србија“ во кои се вклучени млади луѓе и „најави“ исто така конспиративно – дека „годишнината од падот на натстрешницата ќе биде искористена за завршување на српскиот Мајдан“. Медиумите ги обвини за „перење на мозокот“ на српската младина. За сите провладини медиуми во Србија, тоа беше централна сторија и „шокантно откритие“ иако новинарите од овие медиуми јавно предупредуваа дека на ваков начин покрај притисокот врз нивната работа, се загрозува и нивната безбедност.

Инаку, од порталот „Слободна реч“ потсетуваат дека наративот за „српскиот Мајдан“ можеше да се чуе уште од протестите против насилството по масовните убиства во Рибникар, Орашје и Дубона, а веќе беше рециклиран по првите студентски акции и големи протести поради уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад и смртта на 16 лица.

Инаку „Вистиномер“ веќе го забележа овој наратив дека се шири и во Северна Македонија – дека на претседателот на Србија Александар Вучиќ му се прави „обоена револуција“, иако има многу показатели дека протестите во Србија се организирани внатрешно поради внатрешни прашања и внатрешно незадоволство на граѓаните на Србија. Медиумите од странство тоа го нотираат во своите извештаи и колумни. Руски официјални лица, исто така, уште од пред неколку месеци ја промовираа без докази и тезата „дека протестите во Србија можеби се дел од обид за обоена револуција“.

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција