Русија со дезинформации се обидува да го задржи влијанието во снабдувањето со гас на Европа

Фото: Колаж Канва

По одлуката на Украина да ги затвори вентилите за рускиот гас, Русија веднаш ги откри „виновниците“ за тоа. Како што наведува Euvsdisinfo, Русија дезинформира дека одговорноста за прекинот на испораките на руски гас е целосно на „Соединетите Држави, марионетскиот режим во Киев и властите на европските држави, кои ја жртвуваа благосостојбата на своите граѓани заради финансиска поддршка на американската економија“

По одлуката на Украина да ги затвори вентилите за рускиот гас, Русија веднаш ги откри „виновниците“ за тоа. Како што наведува Euvsdisinfo, Русија дезинформира дека одговорноста за прекинот на испораките на руски гас е целосно на „Соединетите Држави, марионетскиот режим во Киев и властите на европските држави, кои ја жртвуваа благосостојбата на своите граѓани заради финансиска поддршка на американската економија“

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

На првиот ден од новата 2025 година, Украина го прекина транзитот на руски гас кон централна Европа. Руската компанија „Гаспром“ објави дека по одбивањето на Украина да го обнови транзитниот договор, нема ниту правни, ниту технички можности да продолжи да го испумпува гасот низ гасоводите во земјата. Валидноста на договорот потпишан на 30 декември 2019 година истече во 6:00 часот по средноевропско време, соопшти „Гаспром“.

Според договорот, рускиот гас можеше да тече низ украинските гасоводи до централна Европа. Но, Киев одлучи да го запре тоа за да ја отсече Русија од дополнителни приходи со кои Кремљ ја финансира и својата агресорска војна против соседната земја.Тоа е во национален интерес на Украина, објасни украинскиот министер за енергетика Герман Галушченко. Запирањето на гасот тој го нарече „историски настан“.

Затворањето на најстарата руска рута за гас за Европа стави крај на една деценија тензичните односи предизвикани од руското заземање на Крим во 2014 година. Украина престана да купува руски гас следната година. Запирањето на протокот на гас се очекуваше поради војната, која започна во февруари 2022 година. Украина беше категорична дека нема да го продолжи договорот. Транзитот на гас преку Украина сочинува приближно половина од вкупниот извоз на гас на Русија преку цевководи до Европа.

Што значи тоа за Европа?

Истекот на договорот за транзит на гас долго се очекуваше, давајќи им време на европските земји да се подготват. Не се очекува да има значителен ефект врз цените на бензинот, бидејќи има на располагање алтернативни залихи, анализира Њујорк тајмс.

Москва ги намали испораките на гас во Европа по инвазијата на Украина во 2022 година, зголемувајќи ги сметките за енергија и принудувајќи многу влади да објават пакети за итни случаи за да им помогнат на бизнисите и граѓаните кои се во неволја. Како одговор, повеќето земји-членки на Европската Унија ја намалија зависноста од рускиот гас и бараа алтернативни испораки од Азербејџан и од други места.

Дури и по руската инвазија, три земји-членки на Европската Унија – Австрија, Унгарија и Словачка – продолжија да купуваат големи количини енергија од Русија.

Австриската влада соопшти дека однапред се подготвила за запирањето на рускиот гас од Украина и дека пронашла добавувачи надвор од Русија. ОМВ, австриската енергетска компанија, соопшти дека ги раскинала своите договори со Гаспром и дека е „добро позиционирана“ со алтернативни извори.

Унгарија, која се залагаше украинскиот гасовод да остане отворен, најголемиот дел од рускиот гас го добива преку одделниот гасовод Турски тек.

Словачкиот премиер Роберт Фицо кој е близок со рускиот претседател Владимир Путин, а земјата во голема мера се потпира на рускиот гас, се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија како одмазда против Украина, доколку таа не го продолжи договорот за транзит на гас.

Русија дезинформира кој е виновникот

По одлуката на Украина да ги затвори вентилите за рускиот гас, Русија веднаш ги откри „виновниците“ за тоа. Како што наведува Euvsdisinfo, Русија дезинформира дека одговорноста за прекинот на испораките на руски гас е целосно на „Соединетите Држави, марионетскиот режим во Киев и властите на европските држави, кои ја жртвуваа благосостојбата на своите граѓани заради финансиска поддршка на американската економија“.

Одговорноста за запирање на транзитот на руски гас низ Украина е целосно на Америка, марионетскиот режим на Киев и властите на ЕУ. Заради финансиска поддршка на американската економија ја жртвуваа благосостојбата на своите граѓани. Киев донесе одлука да го запре транзитот на гас од Русија иако Гаспром ги исполни сите договорни обврски, изјави претставничката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

Според неа, прекинот на испораките на конкурентна и еколошки чиста руска енергија не само што го ослабува економскиот потенцијал на Европа, туку на најнегативен начин влијае и на животниот стандард на европските граѓани.

Геополитичката основа на одлуката на Киев е она што е видливо, а главната придобивка од прераспределбата на европскиот енергетски пазар се САД, посочи таа.

Ваквите наративи, преку социјалната мрежа Фејсбук, поддржувачи на Русија ги промовираат и во Северна Македонија.

Украина е проект на САД за да ги уништи европските економии. По затворањето на транзитот на нафта во Европа, Киев сега активно се обидува да го саботира црноморскиот гасовод Турски поток по налог на Вашингтон, стои во една таква објава.

Глупавоста на ЕУ!

Таа можда нема да купува директно гас од Русија, но индиректно преку САД, неколку пати, а не неколку % поскапо ќе го купува.

Тоа па се манифестира на сите цени, вклучително од храна, па се до затоплување, индустрија.

САД бараат целосно прекинување на испораката на руски гас во Европа и покрај противењето на голем број земји, вклучувајќи ја и Словачка, Унгарија и Австрија, рече Џефри Пјат, помошник државен секретар на САД за енергетски ресурси во Атлантскиот Совет, наведува друга објава.

Нема докази кои сугерираат дека некој надворешен актер влијаел на одлуката на Украина да го запре транспортот на руски гас низ нејзината територија по истекот на претходниот транзитен договор. Целта на овој потег е да се намали рускиот приход кој продолжува да ја финансира руската војна против Украина. Затворањето на овој гасовод би можело да ги намали приходите на Русија од продажбата на гас за 6,5 милијарди долари годишно, според некои проценки.

Со врамување на овој чекор како наменет за унапредување на интересите на САД, оваа дезинформациска приказна има за цел да промовира неколку повторливи про-Кремљ дезинформациски наративи за наводниот европски и украински недостиг на суверенитет и потчинување на САД, наведува Euvsdisinfo.

 

Руските дезинформации и нивното влијание врз енергетскиот сектор во земјите од Вишеградската група

Руската стратегија за хибридно војување опширно го таргетира енергетскиот сектор, камен-темелник на националната безбедност на групата Вишеград (Полска Чешка, Словачка и Унгарија, држави кои во голема мера се потпираа на увозот на руски гас и нафта), анализира Институтот Варшава. Клучните механизми вклучуваат широко распространети кампањи за дезинформации и во традиционалните и на социјалните медиуми, како и сајбер напади врз критична енергетска инфраструктура. Кампањите за дезинформации често се обликуваат за да фрлат сомнеж врз ефективноста на енергетските проекти усогласени со Западот, нагласувајќи ги наводните неефикасности или неуспеси.

Во Полска, наведува Институтот во анализата,  руските дезинформации ги таргетираа клучните проекти за диверзификација на енергијата, како што се терминалот за ЛНГ во Швиноујшче (Świnoujście) и Балтичкиот гасовод. Овие наративи имаа за цел да создадат сомнеж во јавноста за способноста на Полска успешно да се оддалечи од рускиот гас. И покрај овие напори, Полска одржува силна јавна и политичка поддршка за овие проекти, демонстрирајќи отпорност на таквите дезинформации.

Чешка и Словачка исто така беа цел на руските наративи кои ја поткопуваат улогата на нуклеарната енергија во нивната енергетска стратегија, наведува Институтот Варшава. Кампањите за дезинформации ги критикуваа плановите за проширување на нуклеарните капацитети, нагласувајќи ги претерани еколошки ризици и потенцијалната зависност од западните технологии. Во исто време, проруските медиуми промовираа наративи кои укажуваат на неизбежноста на чешкото потпирање на рускиот гас.

Унгарија се соочи со особено агресивна кампања за дезинформации, при што руските наративи сугерираат дека санкциите на ЕУ против Русија несразмерно ѝ наштетиле на економијата на Унгарија. Овие наративи имаа за цел да поттикнат анти-ЕУ расположение и да ги прикажат напорите за диверзификација на енергијата како залудни или штетни.

Руските дезинформации во енергетскиот сектор ги таргетираа земјите од Вишеградската група со приспособени кампањи насочени кон поткопување на напорите за енергетска диверзификација и поттикнување неединство, се додава во анализата. Со користење на дезинформации и сајбер напади, Русија се обидува да го задржи своето влијание во регионот и покрај нејзината намалена улога како примарен снабдувач со енергија. Овие напори вклучуваат промовирање лажни наративи за неефикасноста на енергетските проекти поддржани од Запад, преувеличување на трошоците за транзиција кон алтернативни извори на енергија и сеење сомнеж за доверливоста на новата инфраструктура како што се терминалите и интерконекторите за ЛНГ.

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција