Русите не потекнуваат од античките Македонци

Државо со словенско население Фото: Samotny Wędrowiec, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Проверката на историските извори и научната литература покажува дека станува збор за објава со непоткрепено и историски неверодостојно тврдење составено од повеќе фактички неточности.

Објавата содржи повеќе историски неточности и не нуди ниту еден проверлив податок за наводниот документ. Не постојат докази дека постоел летописец од VII век по име Јеремија Русо, дека во Москва се чува летопис од VII век со ваква содржина, дека Русите и Московитите се потомци на античките Македонци, дека современиот македонски јазик е ист јазик што го зборувале античките Македонци и дека античките Македонци владееле со Египет 307 години

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Во Московската позната библиотека се чува ЛЕТОПИС од VII-от век, чиј автор е ЈЕРЕМИЈА РУСО. Во тој документарен научен труд Јеремија го запишал следното:
„…НИЕ, РУСИТЕ И МОСКОВИТИТЕ СМЕ ПОТОМЦИ НА ДРЕВНИТЕ АНТИЧКИ МАКЕДОНЦИ. НИЕ ДЕНЕС ГО ЗБОРУВАМЕ ЈАЗИКОТ НА КОЈ ЗБОРУВАЛЕ АНТИЧКИТЕ МАКЕДОНЦИ НА МАКЕДОНСКИОТ ПОЛУОСТРОВ, КОИ ОСВЕН СО ДРУГИТЕ ЗЕМЈИ, 307 ГОДИНИ ВЛАДЕЕЛЕ И СО ЕГИПЕТ. ФАКТ КОЈ НИКОЈ НЕМОЖИ ДА ГО ПОБИЕ!!!“

Проверката на историските извори и научната литература покажува дека станува збор за непоткрепено и историски неверодостојно тврдење составено од повеќе фактички неточности.

Во достапните византиски, староруски и словенски средновековни извори не постои хроничар, летописец или научник од VII век по име Јеремија Русо. Не е пронајден ниту еден историски запис, библиографска единица, научен труд или каталог на ракописи што споменува ваков автор.

Дополнително, самиот цитат содржи анахронизам што укажува дека не може да потекнува од VII век. Во текстот се употребува терминот „Московити“. Но, според енциклопедијата Британика, Москва за првпат се споменува во пишаните извори во 1147 година, односно речиси пет века по наводното создавање на летописот. Затоа е невозможно автор од VII век да пишува за „Московити“ како народ или политичка заедница.

Објавата не наведува во која библиотека се чува наводниот ракопис, ниту негов наслов, архивска сигнатура, издание или превод. Во руската историографија не е познат летопис од VII век што содржи вакви тврдења. Најраната и најзначајна староруска хроника, „Повест за минатите години“ (Povest vremennykh let), е составена во Киев околу 1113 година и претставува главен извор за раната историја на источните Словени, а не содржи податоци дека Русите потекнуваат од античките Македонци.

Отсуството на каква било проверлива информација за документот е силен показател дека станува збор за фабрикуван цитат, карактеристичен за содржини што кружат на социјалните мрежи без наведен извор.

Русите и Московитите не потекнуваат од античките Македонци

Современата историографија потеклото на Русите го поврзува со источните словенски племиња и со создавањето на Киевска Рус во IX век.

Современата историографија вели дека Русите потекнуваат од источните словенски племиња, кои во IX век ја формирале државата Киевска Рус, првата поголема источнословенска држава во Источна Европа . Од друга страна, античките Македонци биле население на античкото кралство Македонија на Балканот, кое постоело во античкиот период, многу векови пред појавата на словенските држави. Затоа, во научната литература нема прифатена теорија што ги поврзува Русите како потомци на античките Македонци, бидејќи нема археолошки, јазични или генетски докази за таква врска.

Современиот македонски јазик не е ист јазик што го зборувале античките Македонци

Во објавата се тврди дека „денес го зборуваме јазикот на кој зборувале античките Македонци“. Ваквото тврдење не е поткрепено со научни докази и не е прифатено во современата историја на лингвистиката.

Јазикот на античките Македонци е предмет на научни дебати, главно поради недостигот од зачувани текстови и ограничениот број автентични јазични споменици. Сепак, преовладувачкото мислење меѓу класичните филолози е дека античко-македонскиот јазик бил или старогрчки дијалект, најверојатно од северозападната група, или посебен хеленски јазик многу близок до старогрчкиот.

Во енциклопедиската статија за античко-македонскиот јазик се наведува дека „Ancient Macedonian was either an ancient Greek dialect … or a Hellenic language spoken by the ancient Macedonians during the 1st millennium BC“ („Античкомакедонскиот бил или антички грчки дијалект или хеленски јазик што го зборувале античките Македонци во првиот милениум пред нашата ера“).

Од друга страна, современиот македонски јазик е класифициран како јужнословенски јазик. Енциклопедија Британика наведува дека македонскиот јазик е јужнословенски јазик кој е најтесно поврзан со бугарскиот и го користи кирилското писмо.

Британика исто така посочува дека денешните Македонци своето потекло го поврзуваат со словенските племиња кои се населиле во регионот меѓу VI и VIII век од нашата ера.

Во класификацијата на словенските јазици, македонскиот е вброен во јужнословенската група, заедно со бугарскиот, српскиот/хрватскиот/бошњачкиот и словенечкиот јазик.

Поради тоа, не постојат лингвистички, епиграфски или историски докази што би потврдиле непрекинат јазичен континуитет помеѓу античкомакедонскиот и современиот македонски јазик. Научниот консензус е дека современиот македонски јазик се развил од словенските говори донесени на Балканот во текот на словенските преселби во VI и VII век.

Современиот македонски јазик има јасно документирани словенски карактеристики, словенска граматика и основен словенски речник, а неговиот историски развој може да се следи преку старословенските и средновековните словенски ракописи.

Неточен е и податокот дека античките Македонци владееле со Египет 307 години

Во објавата се наведува дека античките Македонци „307 години владееле и со Египет“. По освојувањата на Александар III Македонски, Египет бил управуван од династијата на Птолемеите, чии владетели имале македонско потекло. Но, птолемејската држава постоела од 305/304 година пред нашата ера до 30 година пред нашата ера, кога Египет станал римска провинција.Тоа значи дека Птолемеите владееле со Египет околу 275 години, а не 307 години како што се наведува во објавата.

Објавата содржи повеќе историски неточности и не нуди ниту еден проверлив податок за наводниот документ.

Не постојат докази дека постоел летописец од VII век по име Јеремија Русо, дека во Москва се чува летопис од VII век со ваква содржина, дека Русите и Московитите се потомци на античките Македонци, дека современиот македонски јазик е ист јазик што го зборувале античките Македонци и дека античките Македонци владееле со Египет 307 години.

Единствено е точно дека династија со македонско потекло владеела со Египет во хеленистичкиот период, но времетраењето наведено во објавата не одговара на историските факти.

Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција