Руска антисемитска фабрикација за познатиот рабин Менахем Шнеерсон
Проруска објава тврди дека Шнеерсон „сакал да ги уништи Словените“, што го „поткрепува“ со фабрикуван говор на рабинот, чиј реален автор е Владимир Федотович Попов, руски антисемит, дијагностициран шизофреник и уредник на маргиналниот весник Славјанин, против кого биле покренувани обвиненија за ширење омраза и кој е ставен во списокот на забранети екстремистички материјали на руското Министерство за правда
Проруска објава тврди дека Шнеерсон „сакал да ги уништи Словените“, што го „поткрепува“ со фабрикуван говор на рабинот, чиј реален автор е Владимир Федотович Попов, руски антисемит, дијагностициран шизофреник и уредник на маргиналниот весник Славјанин, против кого биле покренувани обвиненија за ширење омраза и кој е ставен во списокот на забранети екстремистички материјали на руското Министерство за правда
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
„Словените се привремени гости и подлежат на иселување“ – говор објавен во 1994 година во волоџскиот весник „Славјанин“, водачот на Хабад, рабинот Шнерсон, ги изложи плановите за уништување на Украина и Русија. Водачот на Хабад, Месија Менехем Мендел Шнерсон (1902-1994)
Еве еден мал доказ за случувањата во Украина и кој ја води таа словенска земја, кој е на чело на Украина и за каква цел. За братоубиство меѓу двата народа, и за позадината во сето тоа можеби и помеѓу другите словенски народи кои војуваа помеѓу себе.
Објавата е невистинита, а текстот или говорот, на кого таа се повикува, е антисемитска фабрикација – како што укажува весникот на еврејските заедници во Русија, но таа фабрикација е ставена и во списокот на забранети екстремистички материјали на тамошното Министерство за правда. Авторот на објавата, која тука ја рецензираме, е проруски настроен (види: тука, тука, тука и тука), но, иронично, во Русија тој би можел да биде суден за ширење на тој материјал.
Што е за право, руската власт е авторитарна и репресивна, па во тој црн список става и што треба и што не треба, па дури и легитимни содржини, кои сака да ги замолчи, но во конкретниов случај имаме нешто што е објективно екстремистичко и фабрикувано.
Тој текст или „говор“ е од 2001 г., а не од 1994 г. и негов реален автор бил Владимир Федотович Попов, руски антисемит, дијагностициран шизофреник и наводен „воен ветеран“ – како што во печатот го опишал еден негов поддржувач, инаку лажен „академик“, што целава приказна ја прави уште поапсурдна. Тоа било во октомври 2004 г., кога Попов бил опишан и како 80-годишен пензионер, што најверојатно значи дека бил роден во 1924 г.
Против него било покренато обвинение за ширење омраза (по чл. 282 од Кривичниот законик на Русија), што го правел преку своето опскурно и маргинално весниче Славјанин, кое излегувало само во руската „глубинка“ (внатрешност) и тоа во тираж од само 10 илјади примероци. Тоа не е релевантен и кредибилен извор, а слично било и негово следно весниче – Славјанскиј набат.
Такви материјали во Русија пласираат разни конспиромани, антисемити, неонацисти, јудеофоби и православни или исламски фундаменталисти, кои шират омраза кон Евреите како тие да се дежурни виновници за сите светски проблеми.
Објавата што ја рецензираме говори за познатиот и влијателен еврејски рабин Менахем Мендел Шнеерсон (1902 – 1994), кому му припишува „план за уништување на Словените“, кој, наводно, бил изложен во еден негов говор, кој потоа бил објавен во весничето на Попов во 1994 г.
Но, тој говор е измислица на Попов и тој тоа не го објавил во 1994 г., зашто неговиот весник тогаш не постоел. Тој бил регистриран на 16.12.1997 г., а измислениот говор бил објавен во 2001 г., со назнака дека „бил одржан во 1994 г.“ – како што велат и самите поддржувачи на Попов.
Тие го пренесуваат тој „говор на Шнеерсон“, но во него се среќаваат анахронизми, кои докажуваат дека тоа е фабрикација, па, на пример, тој вели дека Евреите треба да завладеат со руската безбедносна служба ФСБ, но во 1994 г. таа се викала ФСК.
Наводно, тој говор бил одржан на „таен состанок“ со блиски соработници на Шнеерсон, што било „следено од руските тајни служби“, кои подоцна тоа го споделиле со Попов, што е невозможно.
Во 1992 г. веќе остарениот Шнеерсон имал мозочен удар, по што се парализирал и веќе не можел ни да прозбори, а на 12.6.1994 г. тој веќе починал. Никаков говор во таа година тој не можел да држи, а руските тајни служби не би споделувале такви информации со маргиналец како Попов.
Има и верзија, која е уште поневозможна, а тоа е дека Шнеерсон го испратил тој свој говор како писмо до весникот на Попов, што е потполно апсурдно. Ако Шнеерсон имал зли намери, нив сигурно не би ги открил јавно, со што би си создал проблем, туку тивко би работел на случајот.
Освен во Славјанин, тој „говор“ го нема во ниту еден друг извор. Оригинална верзија од говорот, било како стенограм, било како аудио-видео снимка, нема никаде.
Нормално, Попов го објавил тој говор на руски јазик, но не објаснил дали тој бил одржан на тој јазик или бил отпосле преведен, а и тоа придонесува за сомнежот во автентичноста на текстот.
Шнеерсон проповедал на јазикот јидиш, на кој говори еврејскиот субетнос Ашкеназите, на кои тој им припаѓал, дури иако во јудаизмот се проповеда на хебрејски, но изворна верзија од неговиот говор на јидиш никаде не била објавена. Таква верзија нема ни на англиски, јазик со кој Шнеерсон доста се служел, затоа што 60 години минал во емиграција, најмногу во САД.
Тој бил родум од Миколајив на југот на Украина, кај што под Руската Империја и СССР на Украинците им бил наметнат рускиот јазик, па градот е познат и како Николајев. И Шнеерсон знаел руски, но мала е веројатноста дека проповедал на тој јазик.
Тој говор постои само на руски и само во поматениот ум на Попов, а таа измислица дури ни стилски не личи на реалните говори и написи на Шнеерсон, кои се уредно објавени на интернет.
Русија и Украина
Русија врши агресија врз Украина уште од 2014 г., најпрвин на Крим и потајно во Донбас (види: тука и тука), што во 2022 г. прерасна во сеопфатна агресија, а со оглед дека Украина е предводена од претседател со еврејско потекло, Володимир Зеленски, тој е сега мета на руските антисемити.
Така е и во објавата, која се запрашува кој ја води Украина и за каква цел, а тоа е, демек, братоубиствената војна меѓу Украинците и Русите, поттикната од Евреите. Но, Русија ја има тероризирано Украина уште од царските и советските времиња, кога Зеленски не бил ни роден и не бил на власт.
Во украинските градови Миколајив и Днипро има улици именувани по Шнеерсон, па како е тоа можно ако тој бил против Словените, во таа смисла и Украинците? Улиците биле именувани по него во 2016 г., кога Зеленски не бил на власт, па тој не можел да влијае врз тоа именување.
Шнеерсон е ценет и во Русија. Владимир Путин и нему блискиот Врховен рабин во таа земја, Берл Лазар, се појавуваат на настани поврзани со Шнеерсон, држат говори, сечат ленти и сл., па како е тоа можно ако тој ја мразел Русија? Зошто тој не e ставен во официјалниот список на екстремисти, туку Попов?
Историјата на антисемитизмот во Русија
Руската Империја ги угнетувала Евреите, кои смееле да живеат само во дел од неа, зад определена црта (рус. Черта оседлости). Заради нивната вера, јудаизмот, тие биле колективно обвинувани за отфрлањето и распнувањето на Исус Христос, па биле мета на крвави погроми и на памфлетот „Протоколите на сионските мудреци“ (1903), кој е судски докажана фабрикација. Тогаш се појавило и антиеврејското движење Црна сотнија (Чёрная сотня), слично на идните нацисти.
Заради сето тоа, некои Евреи како Лазар Каганович или Генрих Јагода зеле учество во Октомвриската револуција во 1917 г. и во репресивниот советски режим создаден по неа, за што антисемитите колективно ги обвинувале сите Евреи. СССР пропагирал интернационализам, но дури и тој понекогаш ги репресирал Евреите, особено откако Израел се зближил со САД.
Како бегалци од комунизмот, многу руски антисемити се нашле во емиграција, кај што ја создале Сèруската фашистичка организација на Анастасиј Вонсјацки, Руската фашистичка партија на Константин Роѕаевски и Руското национално и социјално движење на Павел Бермонт-Авалов.
На преминот меѓу 1980-тите и 90-тите, СССР бил во тешка транзиција, за што некои ги обвинувале Евреите, па излегол фабрикуваниот памфлет „Катехизис на Евреинот во СССР“, а откако таа држава се распаднала, излегол исто така фабрикуваниот антиамерикански памфлет „Планот на Далес“.
Се смета дека токму тој послужил како основа за фабрикување на антисемитскиот „План на Шнеерсон“, на руски насловен како „Наши планы относительно славян“.
Тој „говор“ е само дел од една богата историја на антисемитски фабрикации.
Заклучок
Објавата нема никаква врска со реалноста и дури е апсурдна, па земајќи го предвид сето досега наведено, ја оценуваме како дезинформаторска, штетна и невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар