Руска кампања за дезинформации ги злоупотребува украинските протести против корупцијата

Илустрација: Вистиномер.мк

Зеленски го потпиша законот кој ја ограничува моќта на двете клучни антикорупциски агенции во земјата. Ова предизвика остри критики од меѓународните партнери, но и масовни протести на улиците во Украина. Ваквата ситуација ги поттикна дезинформациите од Русија која ги искористи протестите против корупцијата за да посее раздор и да го поткопа имиџот на земјата на глобалната сцена. Службата за надворешно разузнавање на Украина (ФИС) издаде остро предупредување, откривајќи голема информативна операција оркестрирана од Кремљ, искористувајќи ги протестите за да прикаже слика за внатрешен хаос и разочарување на Западот од Украина

Зеленски го потпиша законот кој ја ограничува моќта на двете клучни антикорупциски агенции во земјата. Ова предизвика остри критики од меѓународните партнери, но и масовни протести на улиците во Украина. Ваквата ситуација ги поттикна дезинформациите од Русија која ги искористи протестите против корупцијата за да посее раздор и да го поткопа имиџот на земјата на глобалната сцена. Службата за надворешно разузнавање на Украина (ФИС) издаде остро предупредување, откривајќи голема информативна операција оркестрирана од Кремљ, искористувајќи ги протестите за да прикаже слика за внатрешен хаос и разочарување на Западот од Украина

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

На 22 јули 2025, украинскиот парламент (Врховната рада) го усвои закононот кој ја ограничува независноста на Националното биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО). Овие агенции сега се поставени под директна контролa на главниот обвинител, кој го назначува претседателот. Тој има овластување да пренасочува истраги, да бара документи од САПО и да издава наредби до антикорупциските обвинители, што претходно беше невозможно без независна надзорна структура.

Претходно, на 21 јули, украинската агенција за внатрешна безбедност уапси двајца службеници на НАБУ – едниот под сомнение за шпионажа за Русија, другиот поради наводни деловни врски со руски субјекти – и спроведе десетици претреси насочени кон вработените во агенцијата.

СБУ тврдеше дека некои службеници имале врски со забранети политички групи, вклучително и поранешната партија на еден украински пратеник во бегство.

Зеленски, во видеообраќање, рече дека антикорупциската инфраструктура на Украина треба да се исчисти од руско влијание, додавајќи дека НАБУ и САПО ќе продолжат со својата работа.

Исто така е важно главниот обвинител да биде посветен да обезбеди вистинска одговорност за оние што го кршат законот. Тоа навистина ѝ е потребно на Украина, рече Зеленски.

Реакции од ЕУ и меѓународни институции

Ова предизвика загриженост меѓу домашни и меѓународни групи, вклучително Хјуман рајтс воч, Транспаренси интернешнал и Европската Унија.

Комесарката за проширување на ЕУ Марта Кос, на платформата Икс напиша дека е сериозно загрижена од развојот на настаните.

Отстранувањето на клучните заштитни мерки што ја штитат независноста на НАБУ е сериозен чекор назад, предупреди таа, потсетувајќи дека владеењето на правото е во самото срце на преговорите за пристапување кон Унијата.

Како реакција, откако Зеленски ја потпиша контроверзната мерка, Европската Унија замрзна 1,7 милијарди долари помош за Украина, објави Њујорк пост. ЕУ задржа повеќе од третина од средствата што биле наменети за наградување на Украина за исполнување стандарди за добро владеење.

Одлуката на Унијата да замрзне дел од средствата не е конечна – тие можат да бидат повторно одобрени, доколку Украина ги исполни барањата, изјавиле официјални лица.

Од Хјуман рајтс воч реагираа дека новиот закон усвоен од украинскиот парламент, ефикасно ги лишува клучните антикорупциски тела во Украина од независност и е штетен за владеењето на правото.

Парламентот треба да ги укине овие измени, да се вклучи во значајни консултации со украинското граѓанско општество и да обезбеди клучните антикорупциски тела во Украина да можат да продолжат со својата работа независно и без мешање. Законодавните промени може да влијаат и на напорите на Украина за пристапување кон Европската Унија, за кои реформите во владеењето на правото се централен услов, порачаа од Хјуман рајтс воч.

Украинската филијала на Транспаренси Интернешнал изјави дека законот ја поткопува една од најзначајните реформи од Револуцијата на достоинството (позната и како Мајданска револуција од 2014 година) и дека ќе ја наруши довербата кај меѓународните партнери.

Гласањето на законот, освен остри критики од домашниоте и меѓународни групи, ги предизвика и најголемите јавни протести од руската инвазија на Украина во 2022 година.

Илјадници демонстранти се собраа во Киев, Лавов, Днепар и Одеса за да се спротивстават на новиот закон. Главната порака беше упатена кон Зеленски, а луѓето скандираа: „Вето на законот“.

Протестите ги поттикнаа дезинформациите од Кремљ

Ваквата ситуација во Украина ги поттикна дезинформациите од Русија која ги искористи протестите против корупцијата за да посее раздор и да го поткопа имиџот на земјата на глобалната сцена. Службата за надворешно разузнавање на Украина (ФИС) издаде остро предупредување, откривајќи голема информативна операција оркестрирана од Кремљ, искористувајќи ги протестите за да прикаже слика за внатрешен хаос и разочарување на Западот од Украина.

Оваа кампања означува опасна ескалација во тековната хибридна војна на Русија против Украина, користејќи софистицирана мрежа од државно контролирани медиуми, блогери и влијателни лица за манипулирање со јавното мислење и еродирање на меѓународната поддршка за Киев, забележала Службата за надворешно разузнавање на Украина (ФИС), пренесе Медиумската алијанса против дезинформации, ДИСА.

Дезинформации во врска со протестите се најдоа и кај нас на социјалната мрежа Фејсбук.

Во една објава се тврди дека протестите во Украина, всушност биле обид на западните амбасади да му организираат обоена револуција на Зеленски:

Многу чудна работа, западниве аѓентури и амбасади му организираат “Обоена револуција” на Зеленски … Нешто се дешава, веројатно сваќаат дека финансирањето на тврдокорни нацисти нема да доведе до “примирје во кое Украина ке се откаже од териториите под руска управа. За да потпише “губење територии” мора да донесат нов Црпе … Секој Црпе завршува исто …

Друга објава тврди дека ЦИА завршила со Зеленски:

Времето на Зеленски и војната во Украина е при крај ? Зелениките од северЏГАНОТ, молчат за протестите против Зеленски – стратешкиот партнер од дпне-сдс во борбата против “руското влијание и рускиот пан-словенизам”.

ЦИА заврши со Зеленски ? Русија си ги врати руските територии.  Украинските жртви ??? Не е важно. Дајте други деца…

Трета објава, пак, манипулира дека Украинците сакале мир со Русија и протестирале против фашистичката власт на Зеленски.

УКРАИНЦИТЕ САКААТ МИР СО РУСИЈА . ПРОТЕСТ ПРОТИВ ФАШИСТИЧКАТА ВЛАСТ на ЗЕЛЕНСКИ.

Службата за надворешно разузнавање на Украина (ФИС) откри докази дека целиот руски апарат за надворешно разузнавање бил мобилизиран во оваа дезинформациска офанзива.

Примарниот наратив што се пропагира ги прикажува неодамнешните измени на антикорупциското законодавство како „антиамерикански државен удар“ и намерен обид за намалување на западното влијание во политичкиот систем на Украина. Овој наратив е засилен со неуморно прикажување на длабока општествена криза во Украина, дизајнирана да ја поткопа довербата во стабилноста и отпорноста на земјата.

За да им дадат легитимитет на овие лажни тврдења, особено во европската информативна сфера, руските пропагандисти селективно извлекуваат коментари од западни дипломати, политичари и новинари, извртувајќи ги нивните зборови надвор од контекст за да се вклопат во агендата на Кремљ. Овие манипулирани изјави се претставени како доказ за намалување на западната поддршка за Украина, алудирајќи на потенцијални санкции, па дури и укинување на безвизното патување. Овој внимателно креиран наратив има за цел да создаде чувство на изолација и ранливост во Украина, потенцијално дестабилизирајќи ја земјата и ослабувајќи ја нејзината решителност против руската агресија, предупредува ФИС,пренесе ДИСА.

Шефот на ФИС, Олех Ивашченко, ја нагласи исклучителната важност на националното единство соочени со оваа дезинформациска закана од Кремљ.

Денес мора да бидеме обединети повеќе од кога било, бидејќи нивото на закани само расте. Мора да запомниме дека главниот извор на опасност е Русија, која, откако не успеа да ја освои нашата држава, се стреми да посее раздор и да ја поткопа Украина одвнатре. Агресорот го користеше и ќе продолжи да го користи најмалиот изговор за да го уништи нашето единство и да ја дискредитира Украина, пред сè на меѓународната сцена. Речиси секојдневно комуницирам со раководителите на партнерските специјални служби за заедничко спротивставување на агресијата на Русија. Колегите укажуваат на важноста од одржување на феноменалното ниво на консолидација на украинското општество, што го покажавме во текот на овие години на војна, изјави Ивашченко.

Европските разузнавачки агенции, исто така, забележале пораст на манипулативни и дезинформативни активности што потекнуваат од извори поврзани со Кремљ во рамките на западниот информациски простор, информира ДИСА.

Под засилен домашен и меѓународен притисок, украинскиот претседател Зеленски предложи нов антикорупциски закон. Тој посочи дека новото законско решение е добро избалансирано.

Најважно од сè, вклучува вистински алатки, исклучува какви било руски врски и ја поддржува независноста на антикорупциските агенции. Важно е да ја зачувуваме независноста. Важно е да го почитуваме ставот на сите Украинци и да им бидеме благодарни на сите што стојат со Украина, додаде Зеленски.

ЕУ ги поздрави заложбите на украинскиот претседател  Зеленски за нов закон за независност на агенциите за борба против корупцијата и рече дека Киев мора да одговори на загриженоста од Брисел.

Иако е предложен нов текст, нема конкретни рокови кога укрианскиот парламент ќе го разгледа и донесе.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција