Руска пропаганда маскирана како легитимна политиколошка анализа од САД

Фото:Колаж Канва

Македонските медиуми ја пренесоа статијата „За жал, Трамп беше во право за Украина“ на Алан Куперман, а иако тој е доктор по политички науки, во статијата провејуваат банални пропагандистички наративи на Кремљ, кои ги слушаме веќе 11 години

Македонските медиуми ја пренесоа статијата „За жал, Трамп беше во право за Украина“ на Алан Куперман, а иако тој е доктор по политички науки, во статијата провејуваат банални пропагандистички наративи на Кремљ, кои ги слушаме веќе 11 години

 

Пишува: Вангел Башевски

 

По доаѓањето на власт на Доналд Трамп, во САД дојде до деградација на јавниот дискурс, па веќе не се води сметка за фактографската точност на она што се изјавува. Трамп тврдеше дека Володимир Зеленски е „диктатор без избори“, а такви руски дезинформации шири и дипломатот Ричард Гренел и новинарот Такер Карлсон, па дури и еден доктор на политички науки и универзитетски асистент-професор, Алан Куперман, од кого би очекувале нешто поиздржано.

Off.net.mk објавиле негова статија, па да ја анализираме користејќи го оригиналот на англиски јазик, затоа што Off.net.mk направиле некои пропусти и грешки во нивниот превод.

 

Околу Евромајданските протести

Куперман прво се осврнува на протестите во Украина, познати како Евромајдан, па вели:

Прво, како што неодамна беше документирано со бројни форензички докази и потврдено дури и од суд во Киев, украинските десничарски милитанти беа оние, кои го почнаа насилството во 2014 г., кое ја испровоцира првичната руска инвазија врз југоистокот на земјата, вклучувајќи го Крим. Тогаш, Украина имаше проруски претседател, Виктор Јанукович, кој имаше победено на слободни и фер избори

Прозападните активисти возвратија со главно мирна окупација на плоштадот Мајдан во главниот град и владини објекти, сè додека претседателот не понуди значителни отстапки во средината на февруари 2014 г., по што тие главно се повлекоа.

Тврдењата на Куперман се главно неточни и се темелат врз теоријата на заговор на канадско-украинскиот проф. Иван Качановски, кој е доста промовиран од руското пропагандно гласило RT. Тој се концентрира на најкрвавиот датум на протестите, 20.2.2014 г., кога, според Качановски, антивладини снајперисти пукале и врз полицијата и протестите, со цел ескалирање на кризата и оцрнување на Виктор Јанукович.

Качановски и Куперман се политиколози, а не форензичари и таа теорија ја поткрепуваат со пресуда на Свјатошинскиот суд во Киев од 18.10.2023 г., но таа не е за некакви десничарски милитанти, туку за полицајци од единицата Беркут, која пукаше врз протестите. Навистина, одбраната докажа дека стрелба имало и од некои опозиционери, но судот тоа го оцени како легитимно востание од следниве причини.

Под диктат на Русија, Јанукович го прекрши ветувањето за евроинтеграција на Украина, но и со други потези ја претвораше во еден вид на руска колонија под негова авторитарна власт (види: тука, тука, тука и тука), па на 21.11.2013 г. започна Евромајданот.

Со ретки исклучоци, тој прво беше мирен, а власта врбуваше провокатори (т.н. титушки), па не беше јасно кој беше одговорен за тие исклучоци. На 30.11.2013 г Евромајданот беше брутално разбиен, што создаде пркос и помасовни собири во следниот период.

На 22.12.2013 г. полициската бруталност ја зеде првата жртва, Павло Мазуренко. Подоцна следеа и други убиства, тортура, исчезнувања итн. На 16.1.2014 г. беше воведен т.н. Диктаторски закон, кој драконски го ограничи правото на протест, па на 19.1.2014 г. Евромајданот стана насилен.

Во нередите загинаа и полицајци, но главно во завршната фаза на Евромајданот, која започна на 18.2.2014 г. Но, како што укажавме, власта прва ги окрвави рацете, а не демонстрантите.

Јанукович направи некои отстапки (амнестија и укинување на некои драконски закони), но не ги реши проблемите заради кои почна Евромајданот, а и довербата во Јанукович веќе беше загубена. На 21.2.2014 г. тој потпиша договор со опозицијата за завршување на кризата, но не го испочитува.

На крај, Јанукович не беше соборен, туку побегна од Киев, па на 22.2.2014 г. беше разрешен со собраниска процедура (не идеална, но, сепак, процедура), за што гласаа легитимно избрани пратеници од изборите во 2012 г., вклучително и 36 негови сопартијци.

 

Настаните во Крим и Донбас

По Евромајданот следеа настаните во Крим и Донбас, околу кои Куперман вели:

Путин возрврати со праќање на трупи на Крим и оружје во југоисточниот регион Донбас во полза на етничките Руси, кои се почувствуваа како нивниот претседател да бил недемократски соборен.

Претседатели доаѓаат и си одат, па тоа не е оправдание за инвазија и сецесија. Тука немаше геноцид врз етничките Руси и нејасно е зошто Куперман ги нагласува во текстот – според последниот попис од 2001 г., тие не се мнозинство на југоистокот на Украина, освен на Крим, но не огромно. И, нема доказ дека Русија таму има широка поддршка, а референдумите под окупација се ништовни и отфрлени од ОН (тука и тука).

Тезата дека Русија им помагала на Русите во Украина, кои биле онеправдани со „соборувањето“ на Јанукович, не држи. Некои проруски политичари од Крим размислуваа за помош од Русија уште на 4.2.2014 г., кога Јанукович беше на власт. Тие беа загрижени за зачувување на автономијата на Крим во Украина, но Украина никогаш не им ја укина.

Можно приклучување кон Русија тие за првпат споменаа на 19.2.2014 г. но и тогаш Јанукович беше на власт. Сепак, јасна решеност за сецесија немаше.

Тоа за нив го реши Русија со нејзината инвазија врз Крим, но постои забуна околу тоа кога точно инвазијата започна. На рускиот орден За враќање на Крим е наведен датумот 20.2.2014 г., но и тогаш Јанукович беше на власт, па излегува дека Русија воено интервенирала против него.

Забуната ја внесе Владимир Путин, кој негираше дека испратил трупи и лажно ги опиша како „локални востаници“. Тие тајно се вмешаа и во Донбас, во полза на т.н. ДНР и ЛНР, кои беа творби на агенти од Русија како Игор Гиркин-Стрелков и Александар Бородај.

 

Минските мировни договори и НАТО

Куперман говори и за мировните договори Минск 1 (5.9.2014 г.) и Минск 2 (12.2.2015 г.):

Зеленски придонесе за поширока војна со кршење на мировните договори со Русија и со барање на воена помош од НАТО и членство во пактот.

Украина требаше да му гарантира на Донбас ограничена политичка автономија до крајот на 2015 г., што Путин го сметаше за доволно за да ја спречи Украина да се придружи или да му служи како воена база на НАТО.

Со инвазијата врз Крим во февруари 2014 г., Русија ги прекрши сите меѓународни норми, вклучително и Будимпештанскиот меморандум, па Куперман нема право да се жали дека Украина нешто прекршила, а руски трупи потајно се вмешаа и во Донбаската војна.

Тие победија во битката за гр. Иловајск, а на Украина ѝ беше наметнат Минск 1. Тој предвиде самоуправа во рамките на Украина за дел од Донечката и Луганската Област (за ДНР и ЛНР), за што Украина донесе соодветен закон. Но, во ДНР и ЛНР требаше да има избори во согласност со законите на Украина, што ДНР и ЛНР го прекршија со свои „избори“ без мониторинг од ОБСЕ.

И Украина понешто прекрши, но не толку како ДНР и ЛНР, зад кои, сепак, стоеше далеку посилната Русија. Нејзини трупи тогаш се вмешаа во битките за Донецкиот аеродром и гр. Дебаљцево, кај што победија, па на почетокот на 2015 г. Минск 1 веќе беше пропаднат.

Следеше Минск 2, кој не мина многу поарно, па повикување на тие договори е бесмислено, а погрешниот превод на Off.net.mk создава впечаток дека тие договори ѝ забраниле на Украина да влезе во НАТО. Но, НАТО во тие договори не се споменува.

Куперман тврди дека Украинците не ја спровеле самоуправата до крај, со што го налутиле Путин, кој ќе се задоволел со неа и нема да го ескалирал конфликтот. Тоа се темели врз лажната руска теза дека самоуправата нудела и право на вето и дека ДНР и ЛНР така ќе можеле да го блокираат влезот на Украина во НАТО, но такво право не било предвидено.

Инаку, стремежот на Украина за влез во НАТО се појавил далеку пред доаѓањето на власт на Зеленски, уште од 1990-тите и 2000-тите, а Украина дури има посебен договор со НАТО, но во пактот, сепак, нема консензус за нејзино примање. Франција и Германија биле против тоа уште во 2008 г., па мит е дека НАТО инсистирал да се шири.

И, дури и НАТО да ја примел Украина, тоа не ќе била закана за Русија. НАТО е на руските граници од 1949 г. преку Норвешка, а подоцна во пактот влегле: Полска (1999), Балтикот (2004) и Финска (2023), па ако НАТО сакал да ја напаѓа Русија, тој имал од каде тоа да го стори и за тоа не му требала Украина. НАТО, просто, не сака да ја напаѓа Русија.

 

„Подбуцнувачот“ Бајден и „миротворецот“ Трамп

На крај, Куперман вели:

Имајќи предвид дека Украина беше егзистенцијално зависна од воената помош на САД, ако претседателот Бајден инсистираше Зеленски да го исполни барањето на Путин., тоа ќе се случеше. Наместо тоа, Бајден жално му ја препушти одлуката на Зеленски и вети дека ако Русија изврши инвазија, САД ќе одговорат „брзо и решително“

Тоа ветување трагично ја охрабри Украина да ја продолжи војната во очекување на можна решителна воена помош од САД, која Бајден одби да ја испрати од страв од нуклеарна ескалација

Да беше Трамп претседател, тој веројатно немаше да даде таков бланко чек, па Зеленски немаше да има голем избор, освен да ги спроведе Минските договори за да избегне војна.

Според Куперман, Џо Бајден подбуцнувал конфликт, ветувајќи воена помош, а Трамп дипломатски би го избегнал, но тоа не е точно. Трамп е првиот претседател на САД, кој на Украина ѝ (про)даде оружје (ракетни фрлачи FGM-148 Javelin и др.) уште во 2017-18 г. Oва е збунувачки, со оглед дека Трамп сега ѝ се додворува на Русија, но тој си е противречен и непредвидлив.

И, неточно е дека ветувањата на Џо Бајден биле празни – тој ѝ даде голема помош на Украина, иако, навистина, тој се колебаше заради нуклеарната закана, па не реагираше така брзо и решително како што вети. Но, без разлика дали Бајден нешто ветил, Зеленски како претседател на Украина морал неа да ја брани, а не да му исполнува желби на агресорот – како што бара Куперман.

Тој како да сака Украина да капитулира, што го маскира со повремено изразување сочувство за неа и благи осуди за Русија, а примери за тоа има и во неговите твитови и една негова статија од 2022 г.

И, Русија ја тероризирала Украина уште во царските и советските времиња, кога не постоеле ни Бајден, ни Зеленски, ни НАТО, ни ништо од она што Куперман го зема како оправдание за агресијата, а за таа подалечна историја сме пишувале: тука, тука, тука и тука.

 



 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција