Руската амбасада во Скопје преку Фејсбук ѝ одговори на министерката за одбрана Славјанка Петровска

Фото: Мета.мк

Руската амбасада во Скопје вчера се огласи со сопствен коментар по изјавите на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Амбасадата се спротивставува на позициите коишто Северна Македонија ги зазема кон случувањата во и околу Украина.

Руската амбасада во Скопје вчера се огласи со сопствен коментар по изјавите на министерката за одбрана Славјанка Петровска. Амбасадата се спротивставува на позициите коишто Северна Македонија ги зазема кон случувањата во и околу Украина.

Тие реагираат по интервјуата на министерката што ги даде за телевизиите Телма и ТВ 24, во коишто таа напомена дека земјава во целост ги поддржува напорите кои се одвиваат во рамките на НАТО Алијансата и ОБСЕ за надминување на случувањата со Украина. Министерката Петровска рече дека поставувањето на вооружените сили на границите од Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување коешто всушност ја намалува безбедноста на европскиот континент.

Актуелните проценки се дека Русија на границата со Украина има доведено околу 100.000 војници, додека во февруари руската војска во Белорусија ќе изведува заеднички воени вежби со белоруските сили во близина на украинската граница. Истовремено, Русија веќе во 2014 година го окупираше полуостровот Крим и со тоа го наруши територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Го обрнуваме вниманието на апсолутно јасните изјави на руското раководство – Русија никогаш никаде не му се заканувала на украинскиот народ и нема намера да презема никакви агресивни дејствија. Со други зборови, нема да извршиме напад, инвазија или да ја погодиме Украина. Во однос на руските трупи – тие се движат низ сопствената територија и имаат целосно право на тоа, тврди Амбасадата на Руската Федерација во вчерашниот пост на Фејсбук.

Руската позиција изнесена преку амбасадата во земјава е дека Украина е страната што продолжува тврдоглаво да ги избегнува своите обврски од Договорите од Минск, кои вклучуваат, особено, воспоставување директен дијалог со Донецк и Луганск и внесување во Уставот посебен статус на Донбас.

Доследно и целосно спроведување на „Пакетот мерки“ од Минск од 2015 година како безалтернативна основа за разрешување е неопходен услов за решавање на внатреукраинската криза, се наведува во соопштението на Руската амбасада во Скопје.

Тие додаваат и дека гледаат ризик доколку Украина стане поинтегрирана во НАТО, дури и без да добие формален статус на членка на алијансата. Дополнуваат дека тоа е она што директно влијае на безбедносните интереси на Русија.

Воедно, Руската амбасада преку Фејсбук ѝ испрати порака на министерката за одбрана, Славјанка Петровска да ја земела во предвид „реалната состојба при поставувањето на приоритетите за работата на министерството на чело со неа“.

Инаку, официјалната реакција на Руската амбасада е само последниот од низата настани што се случија изминативе денови во земјава во врска со случувањата во Украина. На 20 јануари десетина лица организираа протест пред Украинската амбасадата во Скопје под мотото „Против глорификацијата на нацизмот во Украина“. По тој повод, реагираше и украинската амбасадорка во земјава Наталија Задорожњук, која потенцираше дека Русија во моментов води војна против Украина на сите фронтови, вклучително и на информативниот.

Со своја реакција на случувањата во Украина се јави и про-руската партија Единствена Македонија, која што на последните локални избори ја даде поддршката на опозицискиот блок предводен од ВМРО-ДПМНЕ, која што изјавите на министерката Славјанка Петровска ги нарече марионетски.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција