Руската пропаганда во Македонија по референдумот до зачленувањето во НАТО

Свечена церемонија по повод подигнување на знамето на НАТО пред Владата [12.02.2019] Фото: Влада на РСМ

Оваа анализа ја документира руската пропаганда по консултативниот референдум за Договорот од Преспа во 2018 г., превирањата во политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и „Единствена Македонија“ заради руско влијание пред уставните  измени, руски дезинформации и други нервозни реакции по уставните измени и разочараноста на македонските националисти разочарани од руското признавање на новото уставно име Северна Македонија во 2019 г.

Оваа анализа ја документира руската пропаганда по консултативниот референдум за Договорот од Преспа во 2018 г., превирањата во политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и „Единствена Македонија“ заради руско влијание пред уставните измени, руски дезинформации и други нервозни реакции по уставните измени и разочараноста на македонските националисти разочарани од руското признавање на новото уставно име Северна Македонија во 2019 г.

 

Пишува: Жарко Трајаноски, медиумски аналитичар

 

Руската пропаганда по консултативниот референдум за Договорот од Преспа

Руската официјална и неофицијална пропаганда по неуспешниот консултативен референдум за Договорот од Преспа беше во хармонија со манипулативните тези на ВМРО-ДПМНЕ и кампот „Македонија Бојкотира”, кои на прославата на неуспешниот референдум ја прогласија спогодбата Димитров-Коцијас за ништовна. Најрадикалната руска пропагандистка Мирка Велиновска, по референдумот го прогласи Договорот од Преспа за мртов и во објава на партиското гласило на ветераните на ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека:

На 30 септември, македонскиот народ во земјава и дијаспората преку БОЈКОТ го отфрли ултиматумот од Преспа, но и членството во НАТО, односно ЕУ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прогласи победа на тие што не гласале, манипулативно тврдеше дека 1,2 милиони граѓани кажаа дека се против промена на името, и дека Референдумот е неуспешен, граѓаните му кажаа „не“ на Договорот со Грција. И ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека „Капитулацијата од Преспа е отфрлена од народот” и дека сите институции „не смеат да ја газат волјата на над 1.200.000 гласачи кои на овој Договор му ставија точка”.

По референдумот во Македонија „Њујорк Тајмс” посочи дека резултатите од референдумот се „исклучително неубедливи” што довело до тоа двете страни да тврдат победа, иако Гардијан тврдеше дека „Резултатот од референдумот на Макеоднија е уште една победа на Русија”, заради засиленото руско пропагандно влијание. Пропагандното списание „Катехон“, кое во 2016 објавуваше теории на заговори за уништување на Македонија и по референдумот во 2018 година продолжи да објавува застрашувачки прогнози за дестабилизација, правејќи изнасилени споредби меѓу Македонија и Украина.

Официјален Кремљ, пак, глумеше дека е загрижен за „владењето на правото“. Слично како и Мицкоски, и рускиот амбасадор во интервју за „Спутник” го потенцираше фактот дека референдумот е неважечки и дека „огромното мнозинство, речиси две третини од граѓаните” не го поддржале договорот од Преспа.

Баздникин укажуваше дека „македонските гласачи не излегоа, бидејќи се против одлуката која се наметнува однадвор” и не веруваше дека по неуспешниот референдум ќе дојде до членство на Македонија во НАТО. Захарова, пак, ги таргетираше западните земји кои го „прогласија” референдумот во Македонија за успешен,  тврдејќи дека за нив „ставот на над 63 отсто од населението не значи ништо“ (вклучително и неприфаќањето на претседателот Иванов).

 

Меѓутоа, ваквите „математички анализи” кои се потпираа на „речиси две третини” граѓани што не гласале, спаѓаат во доменот на антидемократска „математичка пропаганда”. И по избори со помала излезност речиси секоја партија може да тврди дека е победник, ако си ги присвојува тие што не гласале. Пропагандните тези на Баздникин, Мицкоски, и ВМРО-ДПМНЕ дека „1.200.000 гласачи на овој Договор му ставија точка” можеа да имаат некаква основа само ако тие гласачи излегоа на Референдумот и гласаа против. Бројката од речиси 610 илјади гласачи кои го подржаа Договорот од Преспа надминува 50 отсто од 1.2 милиони гласачи – праг кој не беше достигнат ниту на Референдумот во 1991, ниту пак, на кои било парламентарни избори досега. Како што истакна еден аналитичар близок на ВМРО-ДПМНЕ, при консултативен референдум „бојкотот беше најлошото можно решение за противниците на Договорот од Преспа”.

По референдумот, Заев се повика на „огромното мнозинство од тие што гласале” и порача дека „волјата на оние кои гласаа треба да се преточи во политичка активност во законодавниот дом“ (Заев: или одлука во парламентот или предвремени избори). И претставникот на ЕУ заклучи дека „Со многу значителен глас „Да”, има широка поддршка на Договорот од Преспа и евроантланскиот пат на државата”.

Заканувачки одговор на познат активист на „Бојкотирам” на твитот на Јоханес Хан, во кој користеше навредлив речник, десничарски симболи и конспиративистички хаштази како #QAnon.

Столтенберг беше таргетиран од Царград ТВ како „мал Езуит“ по „твитот“ во кој го поздрави гласот „За“ на референдумот и порача дека „вратата на НАТО е отворена, но дека мора да се довршат сите национални процедури“. Претставниците на НАТО и ЕУ, Столтенберг и Туск, испратија заедничка порака дека „Сега сè е во рацете на политичарите во Скопје да одлучат за патот понатаму“ и ги охрабрија да ја зграпчат „историската можност“. Реакцијата на Москва беше дека „очигледната цел на западните земји е по секоја цена да ја внесат Македонија во НАТО“, притоа негирајќи руско влијание за време на референдумот.

 

Превирања во ВМРО-ДПМНЕ и раскол во „единствена Македонија“ заради руско влијание

Укажувањата за засилено руско влијание и Скопје како „ново руско упориште“, како и за „очигледниот замав на руско влијание во регионот“, не беа доволно убедливи за македонскиот амбасадор во Русија кој тврдеше дека  „Нема ни најмал доказ дека Русија се мешала во референдумот за името“.

Меѓутоа, докази за руско вмешување изнесоа и членови на партиите кои бојкотираа или апстинираа за време на референдумот. Младински активисти на ВМРО-ДПМНЕ дадоа оставки и ја обвинија својата партија дека „служи како платформа за ширење на руското влијание“. И меѓусебните обвинувања на челниците на проруската партија „Единствена Македонија“, укажуваа не само на партиско незадоволство од резултатите на формално неуспешниот референдум, туку и на руско влијание. Влахов Мицов го обвини „човекот на Москва” Бачев како „лажен русофил“, а за неговата партија „Единствена Македонија“ тврдеше дека била создадена и финансирана од американската амбасада. И Бачев и „Единствена Македонија“ не му останаа должни на исклучениот член. „Единствена Македонија“ обелодени дека Влахов-Мицов убедуваше дека ќе дојдат руски тенкови и ќе почне Трета светска војна, а Бачев во ТВ гостување на една од најгледаните дебатни емисии тврдеше дека Влахов Мицов „ја продолжува соработката со нашите служби“, проневерувал пари, ја компромитирал идејата за соработка и сојуз со Русија: „ги лажеше луѓето, еве, дека руски тенкови, руски авиони веќе се во Белград, малтене се до Дунав, ќе дојдат во Македонија, ќе направат окупација“.

Во истата емисија, залагајќи се „За евроазиска Македонија“, Бачев сееше омраза против европски политичари нарекувајќи ги „педери и лезбејки“, а тврдеше и дека државата е нападната од „шиптарите“ (Бачев и претходно поттикнуваше омраза со изјавата дека „шиптарските партии во државата почнаа веќе отворено да кажуваат дека ќе има војна“). По ваквите потпалувачки изјави, кои беа на иста линија со руските пропагандни потпалувачки наративи за Македонија, ТВ „Канал 5“ излезе со посебен извинувачки прилог за навредите на Бачев кон европските политичари (Бачев ја злоупотреби Канал 5 ТВ), укажувајќи дека веќе нема да биде повикуван како гостин.

 

Раскол во ВМРО-ДПМНЕ и гласање на уставните измени

По референдумот, исто како и официјална Русија, и ВМРО-ДПМНЕ се обиде да води манипулативна кампања против власта и Договорот од Преспа, присвојувајќи ги гласовите на тие што не излегоа, бојкотираа или „апстинираа“. Во Отворено писмо Мицкоски обвинуваше дека „со самото тоа што не се откажува од штетниот договор Заев не ја почитува волјата на граѓаните и пораката кажана на референдум дека договорот се отфрли.“ СДСМ му реплицираше дека Мицкоски сака да овозможи амнестија на Никола Груевски, а „Македонија да се откаже од НАТО и ЕУ“ како врвни стратешки интереси. Порака на Мицкоски му упати и висок претставник на САД (Мичел до Мицкоски: Дајте им простор на пратениците да одлучат како ќе гласаат за уставните промени), но Мицкоски возврати дека Договорот од Преспа „е НЕПРИФАТЛИВ за ВМРО-ДПМНЕ и за огромното мнозинство на граѓани на Република Македонија, што впрочем и се покажа на последниот референдум“. Ваквата преписка некои проруски колумнисти ја искористија да му кажат „фак оф“ на високиот претставник на САД, а руското МНР го оцени писмото на Мичел како грубо вмешување, истакнувајќи дека целта била внесување на Македонија во НАТО по секоја цена.

Со одлуката да се приклони на прорускиот камп за бојкот на референдумот, ВМРО-ДПМНЕ повторно ја факторизираше улогата на Русија на Балканот, слично како за време на македонската политичка криза 2015-2017. Формално неуспешниот референдум беше одлична прилика за охрабрената Русија со стратешки комуникации повторно да го омаловажува Западот користејќи ја Македонија, поконкретно, „Преспанскиот Договор“ поддржан од ЕУ и НАТО и од речиси 610 илјади граѓани. Иако гласовите „ЗА“ на референдумот ги надминаа најдобрите изборни победи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, руското МНР толкуваше дека „македонските избирачи претпочитале да бојкотираат“, дека „две третини од населението на Македонија не го поддржало Преспанскиот договор“, но и дека Русија како членка на СБ на ООН ќе го кажела својот збор кога договорот ќе бил разгледуван во Советот за безбедност. Новиот руски амбасадор во Македонија на средба со претседателот потенцираше дека Македонија преживувала „клучен момент во својата историја“, од кој зависи иднината на земјата.

Но, две третини од пратениците на 19.10.2018 потврдија дека Договорот од Преспа е прилично жив, изгласувајќи отпочнување на процесот на уставни измени. Гласаа и пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ кои веднаш беа исклучени од партијата и оцрнети како „предавници” од проруско-унгарските портали блиски на ВМРО-ДПМНЕ. „Волјата на референдумот беше погазена од две третини од пратениците, но и од осум од опозицијата кои тргнаа против волјата на народот“, повторно со бројки манипулираше Мицкоски. Руското МНР пак се огласи обвинувајќи ги САД дека раководеле со процесот во парламентот, манипулирајќи со слични тези како ВМРО-ДПМНЕ, дека две третини од пратениците бесрамно го игнорирале мислењето на „две третини од Македонците кои одбија да го поддржат Договорот од Преспа“. Меѓутоа, ваквите математичко-пропагандни манипулации беа разобличени и од исклучени функционери на ВМРО-ДПМНЕ, кои јавно го прашуваа Мицкоски зошто не го повикал народот да гласа „против“ на референдумот, ако навистина убедливо поголем дел од граѓаните на Македонија се против договорот со Грција.

Во ноември 2018 главна политичка афера беше сензационалното бегство на Груевски во Будимпешта откако беше соочен со затворска казна за корупција, за кое Царград ТВ тврдеше дека било последица на неговиот прогон заради симпатиите кон Србија и Русија. Неколку месеци подоцна, Груевски од Будимпешта изјави дека првично не бил за бојкот на референдумот, туку за гласање „против“ договорот од Преспа.

На крајот од 2018 Русија се обидуваше максимално да профитира од неприфаќањето на Мицкоски на Договорот од Преспа, кое доведе до партиски раскол во ВМРО-ДПМНЕ. Лавров во неколку наврати го зајакна обвинувањето за „грубото и систематско мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Македонија“ при гласањето на уставните измени, со цел „насилно вовлекување на Скопје во НАТО“. Осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што ги поддржаа уставните измени категорично посочија дека одлуката ја донеле со слободна волја и според своите убедувања (Лавров го демантираат пратениците од опозицијата што гласаа за уставните измени).

Проруските геополитичари се обидуваа да ги претстават уставните измени како геноциден процес, а „преименувањето и бришењето на Македонија“ како „антибожји акт“ со кој му се помага на „Сатаната да воспостави антибожјо царство“.

Во декември висок претставник на САД испрати порака од Скопје дека „не нè изненадува руското влијание на патот што Македонија го избрала“ (Саливан: Русија сака да го поткопа Договор од Преспа како што се мешаше и во изборите во САД). Повторно се огласи руското МНР со жестока реакција и обвинувања за „недокажана антируска реторика“, која на проруски портал финансиран од Унгарија беше протолкувана како „згрмеа Русите“. Проруските пропагандисти во Македонија ветуваа дека во новата 2019 ќе работат на „поништување на договорот од Преспа“, „прекин на преговорите со ЕУ“, „прекин на преговорите со злосторниците од НАТО” и „враќање на Македонија на Македонците“.

 

Руски дезинформации и други нервозни реакции по уставните измени

Откако на почетокот на 2019 Собранието ги усвои уставните измени со 81 глас „за“ Република Северна Македонија, во балканските медиуми се ширеше заплашувачка и сензационалистичка дезинформацијаПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПОД ЗAKAHA ОД ПУЧ?: Заев ќе го aпcи Иванов, во Македонија се спрема државен yдap? И тоа не беше единствената дезинформација која се обиде да ја прошири рускиот пропагандист Дугин, кој во 2018 години активно дејствуваше во Македонија на попречување на договор со Грција и сатанизација на Западот. Истиот месец Дугин на својот профил ја сподели и дезинформацијата на „Инфомакс“ дека „АВСТРИЈА ЌЕ ГО БЛОКИРА ДОГОВОРОТ ЗАЕВ-ЦИПРАС“, а претходно ширеше дезинформации дека „Албанците се подготвуваат за судири, па дури ги мобилизираат и нивните припадници во Македонија“. МВР ги демантираше ваквите изјави како „типични дезинформации и пропаганда, кои им штетат и на меѓусебните односи и на безбедноста во регионот“ (Липково на удар на српско-руска пропаганда). Руските пропагандисти манипулираа и дека заради НАТО, „државата Македонија официјално исчезнала од политичката карта на светот“, дека „Државата Македонија официјално престанала да постои, на нејзино место се појавила Северна Македонија“, како привремена творба која била „осудена на пропаст“.

По изгласувањето на уставните измени со кои се легализираше Договорот од Преспа, следуваше и очекуваниот коментар на руското МНР кое повторно укажа дека „даденото прашање треба да се разгледа во СБ на ОН во согласност со членот 3 од резолуцијата на СБ број 845“ (што не се случи), како и острата реакција на грчкото МНР кое ја обвини Русија за мешање во внатрешните работи.

Во лавината искажувања од руски претставници која следеше по уставните измени се вклучи и заменик министерот за надворешни работи Грушко. Грушко, кој претходно најавуваше поделби во Македонија, тогаш истакна дека „по прашањата кои спаѓаат во надлежност на Советот за безбедност на ОН, Русија ќе го изразува сопственото мислење“, а подоцна констатираше дека „политиката на НАТО да се шири контрола по секоја цена води само кон зголемени тензии“. По Грушко се јави и неговиот шеф Лавров кој доби конкретно прашање да ја појасни споменатата процедура во ООН, и дали тоа значи мешање во Договорот од Преспа, што се совпадна со повикот на една емигрантска организација Русија и Кина да стават вето на каква било  промена на македонското име и идентитет. Националистите русофили во Македонија беа запрепастени кога Лавров одговори дека „Ние не сме против името кое на крајот се појави и беше објавено. Туку поставуваме прашања: дали е овој процес легитимен…“, притоа изразувајќи несогласување со „оние кои велат дека на Русија нема место на Балканот“ (Могерини). Според еден аналитичар, Лавров направи „нагло свртување“ за да го зачува имиџот на Русија откако стана јасно дека не може да се спречи зачленувањето на Северна Македонија во НАТО.

И шефот на Лавров, Владимир Путин, го искористи Договорот од Преспа како мета за пропагандно оцрнување на Западот, за време на посетата во Белград каде што ја промовираше Евроазиската економска унија. Во одговор на прашање на новинарот на „Вечерње новости“, како ќе ги коментира изјавите на западните политичари дека Русија е дестабилизирачки фактор на Балканот, Путин го обвини Западот за дестабилизација на Балканот и стремеж за доминација. Притоа, Путин со дезинформации го нападна Договорот од Преспа обвинувајќи дека Уставните измени се ревизија на основите на македонскиот национален идентитет и дека Игнорирана е волјата на македонските гласачи за промена на името на државата. Но, еден поранешен министер за надворешни работи на Македонија, коментирајќи ја нервозната политичка офанзива на Москва, потсети дека волјата на македонските граѓани за членство во НАТО не е нешто ново, туку „е искажана уште пред 27 години“. Коментирајќи ги обвинувањата на Путин, аналитичарот Иван Крастев укажа дека Русија ја намирисала критичната ранливост на позициите на Западот на Балканот, и дека Русија не е само расипувач на забави: “Москва сака да ја замени Европската Унија како медијатор за разрешување на регионални конфликти”.

Штом и Грција го ратификуваше Договорот од Преспа (што беше сметано како победа на Западот против руското влијание), на 6 февруари 2019 амбасадорите на НАТО го потпишаа протоколот за пристапување. Тогаш веќе беше јасно дека Северна Македонија ќе му се придружи на НАТО и покрај руското противење. Москва реагираше со нервозни пропагандни манипулации во обид да посее семе на раздор со Косово. Во интервју за ТАСС од 9 февруари 2019, амбасадорот Баздникин ја образложи руската позиција, повторно манипулирајќи дека “речиси две третини од населението на 30 септември 2018 година бојкотираше референдум”, иако гласовите ЗА беа над 50 отсто од дотогашната излезност на сите референдуми и парламентарни избори. Баздникин, како и Лавров, обвини за русофобична кампања и тврдеше дека немало и не може да има никаков „доказ“ за руско мешање во внатрешните работи, бидејќи „мачка не може да се најде во темна соба ако ја нема”.

Но, честопати мачка не може да се најде во темна соба и кога ја има, ако нејзината намера е да остане скриена, како што беше руското субверзивно влијание во Македонија од 2015-2019. Како што посведочивме и во досегашните анализи, официјалните изјави на руското МНР и Кремљ беа само врв на ледениот брег, составен од бројни регионални и локални пропагандно-политички актери кои се трудеа да создадат непремостливи препреки во процесот на пристапувањето кон НАТО. Тука не ги имаме предвид само руските субверзивни тактики за влијание преку пропагандни канали (како Спутник Србија или влијателната Russia Beyond Македонија) и преку проруски политички партии, експерти, новинари, локални медиуми или колумнисти. Не ги имаме предвид само кампањите со дезинформации на голем број фејсбук страници, групи и анонимни профили на социјалните мрежи, туку и руските пранкери, руските списанија за алтернативна медицина, про-руските бајкери и навивачки групи, и дел од дијаспората која се стави во служба на Москва, градејќи култ кон Путин со видео-монтажи или музички композиции кои со години го повикуваа „Путин војвода” да ја спаси Македонија од ЕУ и НАТО. Ги имеме предвид и македонските националистички интелектуалци, кои со писма, петиции, манифести и прогласи учествуваа во процесот на прогласување „предавници”, поттикнуваа омраза кон „северџани” и „Северџанистан”, и неосновано обвинуваа за „идентитетски геноцид”.

 

Македонските националисти разочарани од руското признавање на Северна Македонија

Се разбира, рускиот обструкционизам и обидот за саботирање на зачленувањето на Македонија во НАТО беше во функција на конфронтирање со ЕУ и САД на Балканот, а не заради автентична грижа за македонските проруски националисти кои со нови кампањи и дезинформации се обидуваа да го бојкотираат и блокираат процесот на зачленување во НАТО. Тоа стана набрзо јасно откако по неуспехот на таквите кампањи, руското МНР го објави признавањето на новото име иако претходно Русија најавуваше дека Договорот од Преспа треба да се разгледа во Советот за безбедност во ОН. Откако амбасадорот Баздникин му предаде на Заев документ со кој Русија ја признава Северна Македонија, твитот на руското МНР беше нападнат со обвинувања од кампот „бојкотирачи” дека „руските власти се ставија на иста страна со Сорос и неолибералните квазимода”, дека се ставиле на страна на фашистите и дека и зариле „нож во грбот“ на Македонија.

Твитот на руската амбасада, со кој ги демантираше претходните популарни изјави за неприфатливоста на промената на уставното име, беше нападнат од бројни разочарувачки националистички коментатори, кои обвинуваа за предавство и срам. Дури и познатиот руски пропагандист, дел од бирото на Спутник во САД, го оцени овој потег како „огромно разочарување” и прифаќање на „решение на Западниот наци-фашизам”. Откако за русофилите „ВМРО-ДПМНЕ стана најголемото разочарување кај Македонците” по гласањето на уставните измени, тие очекуваа „идни посериозни чекори од официјална Москва во врска со севкупниот процес за менување на името”, а не официјално признавање на „Северна Македонија”.

Како реакција на огорчените коментари дека Русија им свртела грб на проруските политички опции во Македонија, лидерот на проруската партија „Единствена Македонија“ изјави дека „Русија не ни заби нож во грб!“. „Русија ги почитува одлуките и политиките на самите држави, а политиката на оваа власт е сојузништво со НАТО и ЕУ“, истакна Бачев, префрлајќи ја вината на „Иванов кој беше молен од Русија да го актуелизира прашањето во ОН, но не го стори тоа“. И поранешниот политички партнер на Бачев, Влахов Мицов се обиде да ја префрли вината на македонските политичари: „македонската политичка каста ги предаде и продаде македонските национални интереси“, „Затоа и Русија беше една од првите земји кои го признаа идиотизмот „Северна Македонија“.“

И руските пропагандисти беа на голема мака како да им го објаснат руското признавање на “Северна Македонија” на русофилите кои до пред само неколку месеци беа убедувани од Москва дека “Русија ја призна Република Македонија под нејзиното уставно име пред повеќе од 26 години и својот став не го менува”. На пример, рускиот пропагандист Корибко, кој во октомври 2018 пишуваше дека „Речиси две третини од македонските гласачи го бојкотираа макотрпниот референдум за промена на уставното име”, во март се обидуваше да го правда руското признавање на „Северна Македонија” со „шпекулациите дека Москва планира да преземе водство во обликувањето на „Новиот Балкан“”. Корибко, кој се претставуваше како „американски политички аналитичар, со седиште во Москва“, продолжи да шири застрашувачки теории на заговор за Македонија, предвидувајќи кантонизација, федерализација и „евентуално поделба, по што поделената држава или ќе остане геополитички ирелевантна или ќе биде припоена кон соседната Бугарија“.

 

Руското влијание во признаената „Северна Македонија“

По руското признавање на „Северна Македонија“ стана јасно дека руското пропагандно влијание не успеа да предизвика политичка дестабилизација и меѓуетнички тензии. По претседателските избори 2020 (на кои победи националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски) паднаа во вода сите (про)руски пропагандни илузии дека убедливо мнозинство од народот било против НАТО и Преспанскиот договор. Кандидатка за претседател поддржана од опозицијата беше поранешна министерка во влада на СДСМ, проф. д-р Гордана Силјановска од УКИМ, потписничка на прорускиот Проглас #БОЈКОТИРАМ УСТАВНИ ПРОМЕНИ (кој бараше „Еднострано правно поништување на октроираниот и веќе отфрлен т.н. Преспански договор“) и на писмото од интелектуалци (кои тврдеа дека „Преспанскиот договор не ветува одржлив мир“ и „Членството во НАТО нема да доведе во социјален и економски прогрес или безбедност за малата македонска држава“). Сепак, откако изрази верба дека Македонија ќе влезе во НАТО по Преспанскиот договор и дека самата ќе го потпишува новото име („името е правен факт, не само реален, новото име и јас ќе потпишувам“), Силјановска беше бојкотирана од дел од движењето „Бојкотирам“, и од проруската партија „Единствена Македонија“ која го повика македонскиот народ да не излегува на избори.

Иако проруската пропагандна мрежа предизвика политичка и општествена поларизација за Договорот од Преспа, сепак изостана посакуваниот политички пресврт на претседателските избори во 2019 и на парламентарните избори во 2020. Проруската пропаганда делумно успеа да ја подрие прозападната ориентација во земјата и да ја контаминира медиумската сфера со дезинформации и говор на омраза помеѓу „предавници и патриоти“ (што остана карактеристика на политичкиот дискурс и на претседателските избори во 2019, и на парламентарните избори во 2020, и на локалните избори во 2021).

Руската пропаганда продолжи да игра на картата на поттикнување меѓуетнички тензии и „поделба на Македонија”, да ги искористува внатрешните поделби и конфликти за сопствени цели, да заговара „пансловенско” и „ортодоксно братство” и да ја промовира Евроазиската унија во Македонија. На пример, една седмица откако Емануел Макрон стави вето на датумот за преговори на Албанија и Северна Македонија со ЕУ, рускиот претставник во ЕУ ги покани двете земји во Евроазиската економска унија, која покажувала поголемо разбирање за нив отколку ЕУ.

Но, амбициите на Русија за ширење на енергетското и политичко влијание во Западен Балкан по одолговлекувањето на ЕУ-интеграцијата на Северна Македонија и Албанија веќе не беа фокусирани толку на „поништување” на Договорот од Преспа кој беше сметан за завршена приказна. Веројатно тоа го сфатија и политичарите од ВМРО-ДПМНЕ, кои глумеа патриоти осудувајќи го потпишувањето и спроведувањето на Договорот од Преспа, кои го бојкотираа референдумот што самите го бараа, кои скандираа „Никогаш Северна“ за време и по претседателските избори, за во февруари 2020 година   заедно со нивните сопартијци жигосани како „предавници” заеднички да ја изгласаат ратификацијата на Северноатланскиот договор – за членство на „Северна Македонија” во НАТО.

(продолжува)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција