Руската пропаганда за „украинското сценарио“ во Македонија (2016-2017)

Ненасилните протести на Шарената револуција, април 2016 Скопје Фото: Ванчо Џамбаски CC BY-SA

Во текот на 2016 и 2017 г. македонски и руски пропагандисти хармонично промовираа теории на заговор за „украинското сценарио“ со цел да го саботираат разрешувањето на политичката криза, работата на СЈО, ненасилната Шарена револуција и Пржинскиот договор, како и да се оправдаат обидите за насилно задржување на власта по изборите во 2016 година

Во текот на 2016 и 2017 г. македонски и руски пропагандисти хармонично промовираа теории на заговор за „украинското сценарио“ со цел да го саботираат разрешувањето на политичката криза, работата на СЈО, ненасилната Шарена револуција и Пржинскиот договор, како и да се оправдаат обидите за насилно задржување на власта по изборите 2016 година

 

Пишува: Жарко Трајаноски, медиумски аналитичар

 

Во првиот дел од анализата за руската пропаганда за време на македонската политичка криза (2015-2017) укажавме дека изразите „украинско сценарио“, „обоена револуција“ и „македонски Мајдан“ беа составен дел на главните пропагандни пораки од една комуникациска стратегија, која се реализираше на повеќе пропагандни канали во 2015 година.

Сеењето страв за „украинско сценарио“ продолжи и во 2016 г., особено по продлабочувањето на политичката криза на 12 април 2016 г., кога претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за помилување на 56 лица, која предизвика граѓански протести ширум Македонија. Со спинувачкиот говор на Иванов, во кој беа акцентирани изразите „Ова е туѓа игра”, „Ова е нечиј туѓ интерес“, се маскираше личниот и партиски интерес од одлуката за запирање на постапките на Специјалното јавно обвинителство, кое укажуваше дека „снимањето било извршено во Македонија, со опремата на УБК при МВР, која потоа смислено и со цел да не се откријат трагите била уништена“.

 

Москва: Активирање на „украинското сценарио“

Веднаш по протестите што уследија како реакција на колективното помилување политичари осомничени за корупција, неовластено снимање и изборни измами, се огласи и Москва предупредувајќи на „украинско сценарио” за државен удар однадвор:

Активирање на „украинското сценарио“, надворешно инспирирање на незаконски дејства и на државни удари може да доведе до сериозни потреси во Македонија, како и до дестабилизирање на целиот Балкански Регион. (МНР Русија со коментар за последните случувања во Македонија, РУСКА РЕЧ НА МАКЕДОНСКИ, 14 АПРИЛ 2016).

Властите во Македонија беа експлицитно на иста линија со Москва, заговарајќи дека „големи странски служби стојат зад ‘украинско’ сценарио во Македонија” (Москва контра Брисел и Вашингтон во македонската криза, 15.4.2016). Предизвикувајќи чувство на загрозеност на Македонија од странски влијанија, Иванов жестоко го нападна СЈО, без да даде конкретен одговор како ги дознал информациите за помилуваните лица, кои се тајни.

На руските пропагандни канали протестите по колективното помилување од страна на Иванов беа искористени за обвинување дека САД сакаат да ја дестабилизираат Македонија со „втора хибридна војна” и да го претворат Скопје во „Балкански Киев” (THE US WANTS TO TURN SKOPJE INTO THE BALKAN KIEV, 15.4.2016).

Во интервју за провладиниот „Дневник“, рускиот амбасадор во Македонија Олег Шчербак доби експлицитно прашање за неприфатливоста на „украинското сценарио“ како една од клучните тези на Москва. Зборувајќи за Украина, алудирајќи на Македонија, рускиот амбасадор потсети дека „уличната демократија“ насочена кон насилно симнување на легално избраната власт довела до целосен економски и финансиски колапс, граѓанска војна со илјадници жртви, до сиромаштија, корупција, поделби и губење на сувереноста на Украина, која е управувана од Западот. Шчербак предупреди дека секој обид за надворешен притисок со отворено манипулирање на граѓанското општество може да доведе до катастрофални последици, како во споменатата трагедија во Украина.

 

Груевски: Додека стојам нема да дозволам украинско сценарио во Македонија

Пропагандна порака на Фејсбук страницата на ВМРО-ДПМНЕ, 14.04.2016

Напоредно со „загриженоста” на Москва и Иванов, и најгледаните македонски провладини медиуми почнаа пропагандно да ја експлоатираат темата „украинско сценарио“ за да ги делегитимираат опозициските протести (Заев вечерва најави украинско сценарио за Македонија – Хулигани на улица почнаа со реализација, Сител, 14.4.2016).

Најгледаната ТВ „Сител“ манипулативно тврдеше дека лидерот на опозицијата Зоран Заев, „на прашање на новинарот ‘Дали е можно украинско сценарио во Македонија?’, одговори дека тоа е ‘апсолутно возможно’“. Но, новинарот на „Телма“ прашува: „Дали вчера Иванов ги постави темелите за украинско сценарио во Македонија?“, а Заев во интервју за „Топ-тема“ на „Телма“ од 13 април 2016 одговори: „Па, може и така да се каже. Постави сериозни темели и за украинско сценарио во Македонија“.

Медиумските обвинувања за „украинско сценарио” беа пропаганден спин, извртување на една единствена реченица на Заев како коментар на аболицијата на Иванов, која беше искористена за зајакнување на наративот за „украинско сценарио”, кој веќе беше нашироко експлоатиран од партијата ВМРО-ДПМНЕ и од провладините медиуми.

На 14.4.2016 г. и премиерот Никола Груевски на прес-конференција го обвини лидерот на опозицијата Заев затоа што спомнал „дека на државата ѝ следува ‘украинско сценарио’, што, според Груевски, „значи илјадници мртви и повредени, вртоглав пад на економијата и други тешки последици“. Повеќе медиуми ја пренесоа клучната пропагандна порака на Груевски – „Додека стојам нема да дозволам украинско сценарио во Македонија”.

Насловна страница на тогаш провладиниот неделник „Република“, „Заев најави украинско сценарио“.

Истиот ден и едно здружение на бранители (воени ветерани од конфликтот 2001 г.) испрати пропагандна порака дека „нема да го дозволат украинското сценарио на СДСМ“, а пропагандниот напад продолжи и наредните денови со припишување на „украинско сценарио“ на СДСМ и Заев. На протест пред СДСМ, организиран од провладиното движење ГДОМ, беше испратена порака дека нема да дозволат „украинско сценарио“ („сценарио за дестабилизација на државата и за пуч во државата“), како и барање до Уставниот суд привремено да ја забрани работата на сите здруженија и фондации. Провладиното движење ГДОМ продолжи со протести повикувајќи на избори на 5 јуни 2016 за да не се дозволело „украинско сценарио“ во Македонија.

 

 

Протестите биле испровоцирани од Западот, а Иванов спречил „украинско сценарио”

Руските пропагандни медиуми се обидоа да ги делегитимираат опозициските протести по колективното помилување на Иванов како „испровоцирани од САД и ЕУ“, и како резултат на одбивањето на Македонија да се придружи на санкциите кон Русија. Сајтот „EU vs Disinfo“ укажа на оваа дезинформација, образложувајќи дека ерупцијата на протестите е резултат на општото помилување од страна на Иванов на 56 лица поврзани со скандалот со прислушување, а дека ЕУ била инволвирана како медијатор помеѓу страните.

Провладини пропагандисти почнаа да ја бранат одлуката на Иванов со тврдење дека таа спречила втор обид за државен удар и украинско сценарио во Македонија, повикувајќи се на руски пропагандисти, кои предупредувале за „намерите на Вашингтон и нему подредениот Брисел да предизвикаат крвава граѓанска војна во Македонија по примерот на украинското сценарио“ (Одлуката на Иванов го спречи вториот обид за државен удар – Грците навиваат за марионетата Заев, 15.4.2016).

Насловна страница на тогаш провладината „Република“ од 22 април 2016 г.

Ваквите пропагандни дезинформации со „украинско сценарио“ предизвикаа реакции не само кај домашни новинари и аналитичари, туку и кај хумористи. Еден познат колумнист се потсмеваше на хипокризијата на претседателот и на лидерот на владејачката партија, кои „на избори победуваат со полна уста ЕУ“ и „не се фалат дека ќе ги достигнеме руските стандарди“, а сега зборуваат за „украинско сценарио“. „Ако не сакаат ‘украинско сценарио’, зошто тогаш прават контрапротести?“, луцидно праша колумнистот. Друг аналитичар обвини дека „Иванов насила ја турка Македонија во украинско сценарио“, дека дестабилизирачкиот фактор се помилуваните криминалци од ВМРО-ДПМНЕ и Иванов, и дека „тие се оние кои провоцираат Мајдан среде Скопје“ (Одговорноста за можно украинско сценарио e на Иванов и Груевски, 16.4.2016).

 

Хармонијата на македонските и руските пропагандисти за „украинското сценарио“

Одговорот на прашањето „Дали Македонија оди по патот на Украина?“, беше афирмативен за македонските провладини пропагандисти, кои се обидоа да ја претстават ненасилната Шарена револуција како „бледа копија на украинското сценарио“ и го обвинија Заев дека „ги удри темелите на Украинското сценарио во Македонија (Алфа, 27.5.2016).

Без да изнесуваат докази, провладините пропагандисти тврдеа дека денот на „молотови коктели“ и на багери што итаат кон институциите воопшто не е далеку“ и оти „застрашувачките сцени од Украина, една по една, се пресликуваат на насилните протести во Скопје“ (Украинското сценарио во Македонија – перформанс на Заев, Курир, 27.5.2016). Без никаква основа, провладините пропагандисти се обидоа да претстават дека демонстрантите во Скопје билеувезени и дека користеле исти оружја како во Киев, споредувајќи фотографија со фрлање на „молотов коктел“ и со фрлање на боја со „чатал“. (Видете ја анализата Нема украинско, туку балканско сценарио пишувано од корумпирани лидери“).

Принтскрин од ТВ „анализата“ на тогаш-провладината „Сител“ од 27 мај 2016 г.

Еден пропагандист дури инсинуира „украинско сценарио“ (во смисла на намерно убиство на демонстранти со куршуми во грб), за да се зголемат тензиите, поентирајќи дека „патот од мирен протест со фрлање боја во фонтаната под Воинот на коњ до вистинска крв по скопските или по битолските улици, е мал“. (СДСМ ги збратими српските платеници и исламските радикали, Република, 22.4.2016, стр. 19).­­­

Друга пропагандистка и теоретичарка на заговори, разоткриваше Кои се мрежите кои ја бојосуваат Македонија и изнесуваше непоткрепени тврдења дека „прислушувањето во Македонија е дело на британските служби“, како и „интернационализацијата на мајданското сценарио“ кое се спроведувало „со бојни напади на институциите“.

Руските пропагандни канали ги зајакнуваа домашните антизападни теоретичари на заговори, против обоената револуција и „украинското сценарио“ спроведувано од Џорџ Сорос, којсака да ја уништи Македонија, нејзиното име, јазик и идентитет. Руската пропагандна кампања кон Македонија во април 2016 година продолжи главно да ги таргетира САД, како фактор на дестабилизација на Балканот, како илегален прислушувач во Македонија, кој сакал да го претвори Скопје во балкански Киев, за да ги саботира „мултиполарните проекти“ на Русија и Кина во регионот. Покрај сите овие обвинувања, САД беа обвинети и дека имаат план за интернационализирање на македонската криза. Од друга страна, руските пропагандисти отворено ги фалеа применетите стратегии и тактики – контрапротестите на ГДОМ, тврдејќи дека ВМРО-ДПМНЕ генијално се справува со Обоената револуција“.

Ваквото, манихејско „црно-бело“ врамување беше забележливо и во пропагандистичките прилози на провладините медиуми, кои се обидуваа да ја делегитимираат Шарената револуција како „платеничка револуција“, а нејзините учесници како „платеници“ чија единствена цел е „украинското сценарио“ за насилно преземање на власта во државата.

 

Хармонијата на македонските и руските официјални политичари за „украинското сценарио“

Пропагандната претстава дека ненасилните протести од Шарената револуција се составен дел од насилно сценарио беше зајакната и лично од претседателот на државата Иванов, кој по масовните протести прво ја повлече одлуката за помилување за 22 најекспонирани политичари, а на 6 јуни и на сите други помилувани лица. Претседателот Иванов тогаш во интервју за провладиниот „Дневник“ (кој веќе не постои) го обвини Заев дека најавувал „украинско сценарио“ и дека се заканувал со насилство:

Не сум јас тој што најавуваше украинско сценарио во Македонија. Не сум јас тој што јас споредуваше состојбата во Македонија со состојбата во Сирија. Заев беше тој што го правеше тоа, тој се закануваше дека ќе дојде до насилство.

Насловна страница на провладиниот „Дневник“ од 25-26 јуни 2016

Во периодот кога се водеа политички преговори за мирно надминување на политичката криза со посредство на ЕУ, Москва којзнае којпат обвини дека се подготвува терен за предизвикување нова „обоена револуција“ во Македонија (Захарова: Во подготовка е „обоена револуција“ за Македонија).

Со повторното навраќање на пропагандната приказна за „обоена револуција“, Москва отворено се стави на страната на Груевски, уште еднаш потценувајќи ги македонските граѓани кои со месеци бараа правда на улиците по аболицијата на Иванов.

Меѓутоа, наспроти пропагандните најави за насилно „украинско сценарио“ и подготовка за нова „обоена револуција“, четирите најголеми политичките партии постигнаа договор за одржување мирни избори на 11 декември 2016, кој беше објавен на страницата на Делегацијата на ЕУ во Македонија.

 

„Украинското сценарио“ по мирните избори на 11 декември 2016

Наспроти мрачните предвидувања дека се подготвува терен за нова „обоена револуција“, Москва ги оцени парламентарните избори на 11 декември 2016 како мирни, укажа дека ниедна од партиите не освоила апсолутно мнозинство, и ги повика сите политички сили во земјата „да ја почитуваат волјата на гласачите, да дејствуваат во рамките на Уставот, да не дозволуваат да се врши контрапродуктивно надворешно влијание врз процесот на формирање на новата влада“.

Меѓутоа, откако стана јасно дека Груевски не може да формира ново парламентарно мнозинство, Москва ја смени плочата дека ниедна од партиите не освоила апсолутно мнозинство. Почна повторно да зборува за странско влијание истранско вмешување од страна на Западот, за употребата на деструктивни методи на ‘обоени револуции’“, и неосновано да тврди дека на изборите победила партијата на Груевски„владејачката партија доби мнозинство од гласовите, а опозицијата и покрај сите манипулации и нескриената поддршка од ЕУ и САД, доживеа пораз“.

Напоредно со Москва, и владејачката партија го врати во игра „украинското сценарио“ откако СЈО се откажа од ‘ПУЧ’ заради немање докази. Гласноговорник на ВМРО-ДПМНЕ го оцени откажувањето од предметот „Пуч“ како „јасен чекор на СЈО во насока на заштита на криминалците кои заговараа граѓанска војна, украински сценарија и крв до колена“, и најави дека народот се крева против редефинирањето на државата со „платформата од Тирана“. Додека провладините демонстранти протестираа против „тиранската платформа“, речиси истите зборови – „се заговараше украинско сценарио, граѓанска војна и крв до колена“ – ги искористи Груевски во интервју за српски „Телеграф“ (НЕ САКАМЕ УКРАИНСКО СЦЕНАРИО, НО НЕМА НИТУ ДА СПИЕМЕ ДОДЕКА ЈА РАСТУРААТ ДРЖАВАТА: Интервју на Груевски за српски Телеграф!, 10.3.2017). Гласноговорници на опозицијата укажуваа дека Нема да се дозволи Македонија да се претвори во Украина и дека реториката за Украинско сценарио е сеење ветер и магла.

Истата реторика на Груевски против т.н. украинско сценарио (обид на странските служби за уривање на легално избрана влада) беше прифатена и од протестното движење „За заедничка Македонија”, кое се спротивставуваше на „тиранската платформа“, двојазичноста, федерализацијата и директното странско мешање во Македонија, особено од страна на Сорос.

 

2017: Наместо опозиционо „украинско сценарио“, насилство од страна на провладини демонстранти

Уште во март на аналитичарите им беше јасно дека Ставовите на руското МНР коинцидираат со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, кое Шарената револуција, ја претставуваше како „украинско сценарио“ за уривање на власта во Македонија.

Протести во Скопје – април 2016, Шарена револуција Фото: Ванчо Џамбаски CC BY-SA

Но, во пролетта 2017 власта не беше насилно преземена со никакво „украинско сценарио”. Насилството како метод беше искористено од страна на провладините демонстранти на 27 април и тоа за спречување демократска промена на власта од страна на новоформираното парламентарно мнозинство.

Во тој период, руските пропагандисти не престанаа да зборуваат за украинско сценарио“. Руската пропагандна машина го обвинуваше НАТО дека сака да види крв на улиците во Македонија заради проектот на „Голема Албанија“, сееше страв за дезинтеграција на земјата и испраќаше порака дека дошло време за Македонија „да ѝ се верува на Русија, а не на Трамп“. Ширејќи фотографии од масовните провладини протести, руски „Спутник“ дури тврдеше не само дека Брисел бил победен во Македонија, туку дека цела Источна Европа ги врти очите од ЕУ кон Русија.

По насилството на 27 април од страна на провладините демонстранти подржани од Русија, Москва ја обвини опозицијата за обид за насилно преземање на власта и дека тоа било планирано однапред. Правејќи неосновани споредби со Украина, руската пропаганда ширеше дезинформации дека демонстрантите во парламентот биле невооружени и сакале да спречат државен удар и ги обвинуваше Вашингтон и Брисел за двојни стандарди. Руските пропагандисти ширеа дезинформации и оти новото парламентарно мнозинство не може да влезе во Собранието, како и теории на конспирации дека „албанизацијата на Балканот била поддржана од чиновниците на ЕУ. Играјќи на картата на „Голема Албанија“ и „Тиранската платформа“, руската пропаганда повторно се обиде да прави паралели помеѓу Украина и Македонија. Меѓутоа, дури и проруските аналитичари кои ја гледаат Македонија интегрирана во „српскиот свет“ („форма на интеграција помеѓу Србија, Црна Гора, Република Српска, и Македонија“), почнаа да здогледуваат фундаментални разлики помеѓу Македонија и Украина.

Македонските пропагандисти и по насилството на 27 април се обидоа со теории на заговори да ги толкуваат настаните користејќи ја повторно пропагандната флоскула украинско сценарио“, кое наводно било разоткриено и спречено од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Експлоатација на стравот од украинизација на Македонија

Официјална Москва и нејзината пропагандна машина максимално ја користеа политичката криза во Македонија (2015-2017) за да ги напаѓаат Вашингтон и Брисел, сеејќи страв за крвавото украинско сценарио, во обид да го намалат влијанието на Западот во Македонија и на Балканот. Откако Иванов му го даде мандатот на Заев и беше јасно дека новото парламентарно мнозинство ќе формира влада, руските пропагандисти продолжија да ги обвинуваат САД дека не ја решиле македонската криза, туку ја влошиле и го довеле Балканот во опасност. Русија максимално го експлоатираше стравот од украинизација на Македонија за да го слабее Западот и да ги јакне своите интереси во Македонија и на Балканот.

Иако официјална Москва застана во одбрана на насилните демонстранти и корумпирани политичари кои го кршеа уставот и ги попречуваа демократските процедури за промена на Власта, на 24 мај 2017 Путин му посака на Иванов развој на внатрешната политичка ситуација во согласност со Уставот и демократската процедура.

Путин му ја честита наградата на Иванов на средбата на 24 мај 2017 Фото: Kанцеларија на Претседателот на Русија (kremlin.ru), Creative Commons Attribution 4.0 International

На денот на словенската писменост, Путин на Иванов му ја честита и наградата за зајакнување на меѓуправославните односи, доделена од Меѓународната општествена фондација за единство на православните народи, а врачена лично од рускиот патријарх.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција