Руската вакцина „Спутник V“ и разликите со вакцините од Западот

Фото: Valerii Tkachenko/Википедија

Руската вакцина влезе во потесниот избор и од страна на македонските здравствени власти, како дел од програмата на Ковакс, Но, многу податоци од испитувањето на „Спутник V“ не се откриваат!

 

Руската вакцина влезе во потесниот избор и од страна на македонските здравствени власти, како дел од програмата на Ковакс, Но, многу податоци од испитувањето на „Спутник V“ не се откриваат!

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во балканската јавност се отвори дилемата дали „предност“ на одлуката да се користи руската вакцина против ковид-19 – „Спутник V“ е во фактот што истата, наводно, не го оневозможувала користењето на алхохолот, на што, секако, по некоја логика, руските здравствени власти внимавале, инаку, вакцинацијата на населението научено на дружење со воктката би ѝ претставувало искушение.

Повод за отворање на оваа тема, инаку исклучена од дебатата за другите типови вакцини во светот (!) е изјавата на вицепремиерот на руската Влада, Татјана Голикова, задолжена за организирање масовна вакцинација со „Спутник V“, која рече дека оние што се вакцинирани треба да го ограничат внесувањето алкохол 21 ден по првата доза и 21 ден по втората. „Масло на огнот“ долеа друг владин претставник на чело на руското тело за надзор, епидемиологот Ана Попова, која истакна дека вакцинираните лица треба да избегнуваат алкохол 56 дена. Таа не изјави дали овој совет е заснован на какво било истражување.

Имаше саркастични коментари дека целта на оваа изјава е сузбивање на алхохолизмот кај локалното население (вакционирањето одамна е започнато), ама и некаква варијанта за одбрана на властите ако имунизацијата не успее – кој му е крив на народот што пие!

Александар Гинцбург, раководител на рускиот Истражувачки центар „Гамалеја“, кој ја разви вакцината „Спутник V“, се обиде да ја смири ситуацијата и рече дека граѓаните треба да се воздржат од алкохол само три дена пред и три дена по примањето на вакцината.

Нема многу научни истражувања кои велат дека не е добро да се пие алкохол по вакцинирањето, пишува Би-би-си, иако научната заедница се согласува дека прекумерното пиење може да го ослаби одбранбениот систем. Истражувањето на јавното мислење спроведено од Superjob.ru минатата недела покажа дека само 30 отсто од Русите сакаат да се вакцинираат.

Но, што напиша Би-Би-Си непосредно пред Новата година на својата страница на руски (овде во превод на српски) – од перото на својот научен дописник од Москва, Николај Вороњин, по повод оваа вакцина, секако содржи релеватни информации за читателите и кај нас.

Тој најпрвин констатира дека од почетокот на октомври до 20 декември во Русија се вакцинирани повеќе од 100 илјади лица. Ова се случува иако третата фаза од испитување на вакцината (која во науката се смета за обврзувачка) не е завршена! Тоа биле за пет пати поголем број на вакцинираните од пријавените добртоволци. Дури, според Вороњин, се нагласува дека властите најавиле дека испитувањето на вакцината ќе трае до мај годинава!

„Меѓутоа, во научниот свет и на Запад и на Исток, односот кон руската вакцина е различен“ – стои во коментарот. Во втората фаза од испитувањето на квалитетот на вакцината официјално учествувале 365 доброволци кај Оксфордската вакцина, кај Фајзер 456 доброволци а во Москва дури 600 учeсници. Притоа, само Русите ја регистрирале вакцината после втората фаза, а другите познати бредови дури после уште една етапа! Кај „Спутњик V“ не се чекало и тоа ја прави дискутабилна безбедноста, смета Вороњин. Од фабриката на Гамалеј никогаш јавно не е објавен целиот протокол, кој се однесува на безбедноста на вакцината.„Спутник V“. Дури во ноември, според Би-Би-Си, Рускиот фонд за директни вложувања (РФДУ) ги објави првите, но прелиминарни резултати и таму стои дека ефектот на оваа вакцина после 45 денови (после примените две вакцини), изнесува 95 отсто. Оној кој примил ваква вакцина има 20 пати поголеми шанси неговото тело да го одбие нападот на ковид-19. Од оние кои официјално примиле вакцина (18.794), само кај 30 лица е дијагностицирано присуството на вирусот.

На ова, италијанскиот професор Енрико Бучи објавил коментар во стручното списание „Лансет“ дека прелиминарните резултати значат оти производителот сè уште не излегол со официјални резултати. Да речеме, битно е дали бројот на заразени испитаници нема да се зголеми после третата фаза?! Впрочем, според Бучи секој доброволец мора да биде под надзор 180 дена после примањето на втората вакцина.

Инаку, кај Фајзеровата вакцина има 170 случаи на зараза по тестирање на 43 илјади доброволци. Модерна тврди дека се разболеле 170 учесници на 30 илјади доброволци. Двете фирми имаат објавено сознанија за третата фаза на испитувањето. Руските производители, спорд оваа статија, објавиле дека имале 20 заболени, но не кажуваат дали е тоа конечен број! Да акцентираме дека протоколот за третата фаза на испитување на вакцината сѐ уште се држи во тајност.

Заменичката градоначалничка на Москва, Анастасија Рајкова, говореше за поголем број на заболени од доброволците со вакцината (270) и тоа на почетокот на декември и тоа за многукратно повеќе од официјалната бројка.

Името на вакцината доаѓа од симболиката на првиот вселенски сателит кој го лансираше СССР (Спутник) и зборот „победа„“ со кратенката „V“ (victory).

Бидејќи Ковакс, организацијата која се бави со дистрибуција на вакцини против ковид-19, ја вклучи руската вакцина во својата листа неодамна, ова автоматски значи дека како понуда влегува и за македонското здравство.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција