Руски политичар, лажно претставен како медицински професор од Скопје, за да се продава препарат против хипертензија
Дадена е бизарна причина зошто препаратот Кардиол не се продава во аптеките туку само со онлајн нарачка, а тоа било наводно, што сите произведени количини веднаш се продавале и тоа во болниците. Во македонските болници Кардиол не се користи. Ова е дезинформација. Исто така, дезинформација е дека препаратот ги поминал сите испитувања во македонскиот Институт за кардиологија, каде наводно била потврдена неговата ефикасност. Институт за кардиологија во Македонија нема. Дезинформација е дека постои професор Миодраг Атанасовски кој препорачува Кардиол, кој бил потврден како ефикасен на Институтот за кардиологија.
Фотографија на јавна личност од Русија се претставува како да е на професор по медицина од Северна Македонија, со цел да се измами публиката и да поверува дека медицински професионалец им препорачува и одобрува препарат за кој е наведено дека ги чисти крвните садови и следствено ќе го намали високиот крвен притисок кај пациентите со хипертензија. Рецензираме рекламен материјал кој не само што користи непостоечки професорски препораки, туку и го модифицира нивното име, во надеж дека ќе звучи повеќе како име и презиме на професор кој е од Македонија, со цел да се таргетира токму целната група на потрошувачи во земјава.
Во рекламата се вели:
Како да се спасите и да си го сочувате здравјето? Зошто токму од крвните садови зависи 90% од здравјето? Кои се јавните симптоми на оштетените крвни садови, а кои се латентните? На овие прашања одговори раководителот на одделението за васкуларна хирургија при Универзитетската клиника во Скопје, професорот Миодраг Атанасовски.
Не е првпат името Миодраг Атанасовски да биде користено како мамец за продавање на препарати против хипертензија. Како што Вистиномер претходно пишуваше, истото име се користеше како параван за наводен професор, ама тогаш наместо фотографијата на Константинович Пушков, се користеше фотографијата на проминентниот руски адвокат Хенри Резник.
Под исфабрикуваната реклама која ја рецензираме, има и фотошопирани коментари од наводни задоволни корисници. Дадена е и бизарна причина зошто препаратот Кардиол не се продава во аптеките туку само со онлајн нарачка, а тоа било наводно, што сите произведени количини веднаш се продавале и тоа во болниците. Во македонските болници Кардиол не се користи. Ова е лага.
Исто така, лага е дека препаратот ги поминал сите испитувања во македонскиот Институт за кардиологија, каде наводно била потврдена неговата ефикасност. Институт за кардиологија во Македонија нема.
Без да навлегуваме во тоа дали препаратот Кардиол е ефикасен, констатираме дека е искористен неетички маркетинг за неговата промоција, односно маркетинг стратегија која е базирана на измамнички наративи и лажно претставување на фактите како да доаѓаат од врвни медицински стручњаци. Лага е дека постои професор Миодраг Атанасовски кој препорачува Кардиол, кој бил потврден како ефикасен на Институтот за кардиологија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар