Руски верски текстови за наводни пророштва сеат паника за новиот корона-вирус

 

Религиозноста на дел од македонските граѓани се користи за ширење паника и дезинформации поврзани со новиот корона-вирус, кој Светската здравствена организација (СЗО) го означува како 2019-nCoV, при што манипулативно се цитираат руски текстови за неговата појава да се претстави како почеток на светска катастрофа.

На пример, фејсбук-страницата „Православна Македонија“ има објавено пост со фотографија од фреска на Богородица по која тече вода што евентуално би требало да асоцира на многубројните појави на солзење на фреските претставени како натприроден феномен. Придружниот текст, пак (речиси во целост преведен од руски јазик), говори за тоа како одредени лица, означени како пророци, „предвиделе“ оти баш од тој вирус ќе изумреле „половина од народот – старци и деца“.

Постот има добиено над 1.600 допаѓања, 401 коментар (најчесто афирмативни) и 403 споделувања.

Снимка на екранот со Фејсбук пост што ја користи сликата од Богородица како мамка за ширење паника за новиот коронавирус.

Повеќето од цитатите во постот им се припишани на лица непознати за македонската јавност, наводни свети луѓе од длабоките руски провинции, односно градови како Кемерово во Сибир или Чебаркуљ на Урал. Наводите зборуваат општо за болести како резултат на божји гнев, арно ама без детали од кои може да се види претходно знаење баш за овој вурус. Некои го зголемуваат нивото на страв и ужас со најави за светска војна.

Во самиот текст, покрај цитатите, вметнати се и линкови до вести за епидемијата на корона-вирусот од македонски сајтови за вести, со цел читателот да добие впечаток дека има поврзаност.

На крајот на обемниот текст е вметнат цитат текст наречен „Пророштвото на Еромонах Елпидиј“ во кој нема никакво пророштво, туку упатство од еден грчки свештеник до верниците како да се молат. Како „извор“ е наведен линк до текст на руски јазик од негова наводна проповед од 2013 година. Сепак, и ваквиот текст не е само за пополнување простор, туку има функција да ги увери читателите дека она што е напишано претходно има поткрепа од официјални црковни лица.

Без разлика што содржината на тој сегмент нема врска со насловот, кој, пак, најавува пророштво, тој се повикува на авторитетот на грчкиот монах, кој низ текстот, преку фотографии и видеоклип, е претставен како им помага на деца во Африка.

Другите делови на беседата промовираат теории на заговор како „прскањето од авиони“, труење со ГМО храна и потпаѓање под влијание на масони, а кулминација е најавата за војна меѓу Русија и Германија на која, демек, ќе ѝ помогнеле 8-10 држави предводени лично од Луцифер. Наводно, нивната главна битка ќе била за Истанбул. Овој дел е илустриран со слика на средновековниот руски воин во оклоп, принцот Пожарски, пред фреска на Богородица.

Во написот претставен како извор за „пророштва“, симбол на руската воена моќ – воин во оклоп е прикажан заедно со слика на Богородица за да биде попривлечен за верниците кои ја почитуваат. Камуфлажната позадина дополнително асоцира на војна. Со текстот се тврди и дека „Господ устроил Русија да има стратегиски интерес во Средоземно Море“.

Страницата „Православна Македонија“ е анонимна, нејзините администратори немаат објавено кои се и од каде се, додека алатката за транспарентност на „Фејсбук“ има податоци дека се работи за 9 лица лоцирани во Северна Македонија. Основана е на 12 јуни 2014 година и има 23.169 следбеници.

Тоталитарните и авторитарните режими ширум светот и во минатото и денес неретко поддржуваат ширење приказни за пророштва кои прорекуваат катастрофи и теории на заговор како средство за одржување на поданиците во состојба на постојан страв. Таквите стории често се пренесуваат од непрофесионални медиуми не само од идеолошки, туку, пред сè, од комерцијални причини затоа што привлекуваат внимание кај читателите.

Типичен пример е измамата за „пророштвото од Кремна“ (Креманско пророчанство), кое прв пат било ставено во функција на политиката на српскиот крал Милан Обреновиќ од 1902 година за да ја оправда неговата одлука за развод. Во текот на 20 век биле издадени 12 книги за „пророштвото“ во кои се додавани делови со „најави“ на настани што во меѓувреме се случиле.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на КриТинк за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција