Руски верски текстови за наводни пророштва сеат паника за новиот коронавирус

Фото: ФБ

Религиозноста на дел од македонските граѓани се користи за ширење паника и дезинформации поврзани со новиот коронавирус, кој Светската здравствена организација (СЗО) го означува како 2019-nCoV, при што манипулативно се цитираат руски текстови за неговата појава да се претстави како почеток на светска катастрофа.

 

Религиозноста на дел од македонските граѓани се користи за ширење паника и дезинформации поврзани со новиот коронавирус, кој Светската здравствена организација (СЗО) го означува како 2019-nCoV, при што манипулативно се цитираат руски текстови за неговата појава да се претстави како почеток на светска катастрофа.

Така, на пример, Фејсбук страницата „Православна Македонија“ има објавено пост со фотографија од фреска на Богородица по која тече вода што евентуално би требало да асоцира на бројните појави на солзење на фреските претставени како натприроден феномен. Придружниот текст, пак, (речиси во целост преведен од руски јазик) говори за тоа како одредени лица, означени како пророци, „предвиделе“ оти баш од тој вирус ќе изумреле „половина од народот – старци и деца“.

Постот има добиено над 1.400 допаѓања, 401 коментар (најчесто афирмативни) и 403 споделувања.

Повеќето од цитатите во постот им се припишани на лица непознати за македонската јавност, наводни свети луѓе од длабоките руски провинции, односно градови како Кемерово во Сибир или Чебаркуљ на Урал. Наводите зборуваат општо за болести како резултат на божји гнев, арно ама без детали од кои може да се види претходно знаење баш за овој вурус. Некои го зголемуваат нивото на страв и ужас со најави за светска војна.

Во самиот текст, покрај цитатите, вметнати се и линкови до вести за епидемијата на коронавирусот од македонски сајтови за вести, со цел читателот да се добие впечаток дека има поврзаност.

На крајот на обемниот текст е вметнат цитат текст наречен „Пророштвото на Еромонах Елпидиј“ во кој нема никакво пророштво, туку упатство од еден грчки свештеник до верниците како да се молат. Како „извор“ е наведен линк до текст на руски јазик од негова проповед од 2013 година. Сепак, и ваквиот текст не е само за пополнување простор, туку има функција да ги увери читателите дека она што е напишано претходно има поткрепа од официјални црковни лица.

Без разлика што содржината на тој сегмент нема врска со насловот, кој, пак, најавува пророштво, тој се повикува на авторитетот на грчкиот монах, кој низ текстот, преку фотографии и видео-клип, е претставен како им помага на деца во Африка.

Другите делови на беседата промовираат теории на заговор како „прскањето од авиони“, труење со ГМО храна и потпаѓање под влијание на масони, а кулминација е најавата за војна меѓу Русија и Германија на која, демек, ќе ѝ помогнеле 8-10 држави предводени лично од Луцифер. Наводно, нивната главна битка ќе била за Истанбул. Овој дел е илустриран со слика на средновековниот руски воин, принцот Пожарски пред фреска на Богородица.

Страницата „Православна Македонија“ е анонимна, нејзините администратори немаат објавено кои се и од каде се, додека алатката за транспарентност на Фејсбук има податоци дека се работи за 9 лица лоцирани во Северна Македонија. Основана е на 12 јуни 2014 година и има 23.169 следбеници.

Тоталитарните и авторитарните режими ширум светот и во минатото и денес неретко поддржуваат ширење приказни за пророштва кои прорекуваат катастрофи и теории на заговор како средство за одржување на поданиците во состојба на постојан страв. Таквите стории често се пренесуваат од непрофесионални медиуми не само од идеолошки, туку, пред сè, од комерцијални причини затоа што привлекуваат внимание кај читателите.

Типичен пример е измамата за „пророштвото од Кремна“ (Креманско пророчанство), кое прв пат било ставено во функција на политиката на српскиот крал Милан Обреновиќ од 1902 година за да ја оправда неговата одлука за развод. Во текот на 20-тиот век биле издадени 12 книги за „пророштвото“ во кои се додавани делови со „најави“ на настани кои во меѓувреме се случиле.

(Изработено во соработка со прооектот: Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – Критинк/Crithink.mk)

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција