Рускиот муфтија не изјавил дека корените на балканските Бугари се во Монголија

Шеих-ул-Ислам Талгат Сафа Таџудин, врховен муфтија на Русија Фото: Tatarstan.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Изјавата на рускиот врховен муфтија не се однесува на современиот бугарски народ на Балканот, туку на средновековното население на Волшка Бугарија во Русија. Историската поделба на Прабугарите е клучот за разбирање на дезинформација споделена во оваа објава.

Изјавата на рускиот врховен муфтија не се однесува на современиот бугарски народ на Балканот, туку на средновековното население на Волшка Бугарија во Русија. Историската поделба на Прабугарите е клучот за разбирање на дезинформација споделена во оваа објава. Во 7 век, по распадот на нивната првобитна држава, една група предводена од хан Аспарух се населила на Балканот, каде се измешала со Словените и го формирала Првото Бугарско Царство. Во исто време, друга група заминала кон реката Волга во денешна Русија и ја основала Волшка Бугарија, чие население подоцна паднало под монголска власт и станало јадрото на современите Татари

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Блгари нештоима Главниот Муфтија да ви каже:

Објавата споделува скриншот со наслов кој тврди: „Врховен муфтија на Русија: Корените на Бугарите се во Монголија, Татарстан, а не на Балканот“. Текстот сугерира дека највисокиот муслимански верски лидер во Русија директно упатил политичка или историска порака за Бугарите во контекст на современите македонско-бугарски спорови.

По проверка на фактите, утврдивме дека ова тврдење е целосно извртено, извадено од контекст и претставува класична дезинформација заснована на поигрување со историски поими.

На видеото од кое е изваден скриншотот е прикажан Шеих-ул-Ислам Талгат Сафа Таџудин, врховен муфтија на Русија. Снимката потекнува од негово предавање одржано на 1 февруари 2014 година пред студентите на Историскиот факултет при Московскиот државен универзитет.

Тема на неговото предавање не е модерната држава Бугарија на Балканот, туку етногенезата и историјата на народите во регионот Волга – Урал (денешен Татарстан и Башкирија во Русија). Во спорниот исечок, муфтијата Таџудин буквално вели:

Сега се нарекуваме Татари и Башкири, но вистината е дека сме Бугари!… Први кои доброволно го прифатиле исламот, тоа се нашите претци Бугарите.

Каде настанува дезинформациската манипулација

Манипулацијата го користи фактот што две различни нешта го делат истото историско име.

Во раниот среден век постоела државата Волшка Бугарија лоцирана на територијата на денешна Русија (околу реките Волга и Кама). Жителите на оваа држава се нарекувале Волшки Бугари. Муфтијата зборува токму за нив како директни предци на денешните Татари во Татарстан.

Објавата намерно ја пренесува оваа изјава за да звучи како муфтијата да зборува за денешните граѓани на Република Бугарија на Балканот. Со тоа се прави лажна равенка со цел да се исмее или понижи официјална Софија во екот на политичките тензии меѓу двете држави.

Тврдењето циркулира со години. Првите пренесувања датираат уште од мај 2020 година на портали како Македонски весник „Илинден“, по што масовно се споделува на социјалните мрежи преку патриотски Фејсбук групи и портали како Македонска нација.

Текстовите се уредени со исклучително пристрасен, сензационалистички и потсмешлив тон („Муфтијата ги закопа Бугарите“), што е во спротивност со професионалните новинарски стандарди.

Детали за предавањето на муфтијата и неговиот транскрипт се нотирани во бугарските и руските медиуми кои го документираа овој настан. Краткиот исечок од изјавата на муфтијата Талгат СафаТаџудин, во која тој го објаснува потеклото и вели „Нас всушност нè нарекоа Татари, но во реалноста ние сме Бугари (Булгари)“, е достапен за гледање на руската видеоплатформа RUTUBE – Талгат Таджуддин: “На самом деле мы булгары”.

Во исечокот од ова предавање, кој бугарските медиуми како портал „Фактор“ го анализираа во детали, муфтијата јасно ја споменува и врската со Балканот, но на сосема поинаков начин од она што го тврди лажната вест. Тој вели:

Нашите предци, Бугарите на Аспарух, отидоа на Балканите, се обединија со Словените и ја формираа државата во VII век.

Со ова тој всушност ја потврдува, а не ја негира историската врска, објаснувајќи го раздорот помеѓу оние Прабугари кои останале на Волга (Волшки Бугари) и оние кои заминале со Аспарух кон Балканот.

Слична изјава на муфтијата на истата историска тема (снимена за време на негова средба со муфтијата на Таџикистан) каде што тој подетално објаснува како Волшките Бугари со векови се бранеле од монголо-татарите, може да се погледне на социјалната мрежа Фејсбук преку видеото на страницата „Volga Bulgaria“. Во коментарите под ова видео може да се забележи како уште пред повеќе од десет години бугарските корисници масовно го споделувале клипот, толкувајќи го во своја полза.

На официјалниот сајт на Централната духовна упава на муслиманите во Русија (ЦДУМ) редовно се документираат неговите активности. Имено, руските медиуми редовно известуваат за напорите на муфтијата Таџудин кој со децении го организира големиот собор во историскиот град Болгар (Татарстан) во чест на прифаќањето на исламот од страна на Волшките Бугари во 922 година. Затоа, во рускиот медиумски простор неговите изјави секогаш се разгледуваат исклучиво во контекст на внатрешните руски дебати околу тоа дали муслиманите во Татарстан треба да се нарекуваат етнички Татари или Волшки Бугари (Булгари).

Овие линкови и видеоматеријали јасно потврдуваат дека руските медиуми ја пренесуваат неговата дебата за руската внатрешна етнографија, додека балканските портали целосно го извртеле тој контекст.

Историската поделба на Прабугарите е клучот за разбирање на оваа дезинформација. Во 7 век, по распадот на нивната првобитна држава, една група предводена од хан (кан) Аспарух се населила на Балканот, каде се измешала со Словените и го формирала Првото Бугарско Царство. Во исто време, друга група заминала кон реката Волга во денешна Русија и ја основала Волшка Бугарија, чие население подоцна паднало под монголска власт и станало јадрото на современите Татари, како што документира руската историска анализа на TopWar — Зошто „Татари“, а не „Бугари“. Кога рускиот муфтија вели „ние сме Бугари“, тој зборува за оваа внатрешна руска етничка дебата детално опишана на Russian7 — Зошто казанските Татари се нарекуваат себеси Бугари, а не за денешните граѓани на Република Бугарија на Балканот.

Така што, изјавата на рускиот врховен муфтија не се однесува на современиот бугарски народ на Балканот, туку на средновековното население на Волшка Бугарија во Русија. Насловот прикажан на сликата е дезинформација и манипулација со контекстот.

Поради сето ова, објавата ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција