Руско-српски дезинформации за „руски спасители со лек за корона вирусот“

Фото: ОН

Среде паниката која се рашири викендов на Балканот откако се прошири веста за заразените со новиот корона вирус во Италија, изданието на српски јазик на руската новинска агенција Спутњик, во саботата објавил вест со непоткрепено тврдење дека руски научници имаат лек за новиот корона вирус, пишува босанско-херцеговскиот сервис за борба против дезинформациите raskrinkavanje.ba.

Текстот бил преобјавен од Radio Balkanfox, Bigportal и B92 со насловот „Ruski naučnici imaju spreman lek za borbu protiv novog kineskog virusa“ (Руските научници имаат подготвен лек за борба против новиот корона вирус) а „Информер“ ставил и бомбастичен – и целосно неточен – наслов „SRBIJO, ODMAH ZOVI PUTINA DA TI POŠALJE LEK! Moskva ima rešenje za novi virus iz Kine, NAUČNICI SA URALSKOG UNIVERZITETA SPASLI SVET!“ (СРБИЈО, ВЕДНАШ ПОВИКАЈ ГО ПУТИН ДА ТИ ИСПРАТИ ЛЕК! Москва има решение за новиот вирус од Кина, НАУЧНИЦИТЕ ОД УРАЛСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ ГО СПАСИЈА СВЕТОТ).

Во текстот, инаку, се вели дека научниците од Уралскиот сојузен универзитет предложиле за борбата против новиот корона вирус да се користи лекот „триазавирин“, кој тие го развиле.

Но тоа не е точно, затоа што Светската здравствена организација (СЗО) објави информација на 10 февруари дека досега нема потврдено ефикасен лек за новиот корона вирус (Covid-19), односно за превенција или лекување, и досега нема измени на тој став, пишува raskrinkavanje.ba

 

(meta.mk)

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција