Руското влијание фрли сенка врз изборите во Романија, Грузија и Молдавија

Фото: Колаж Канва

Евидентно е дека има и тоа како руско влијание и мешање во изборните процеси во земји членки на ЕУ и земји чиишто граѓани сакаат да станат дел од Европската Унија, но тој сон им е тешко остварлив поради проруски ориентираните влади. На парламентарните избори во С. Македонија кои се одржаа во мај годинава, руското влијание можеби не беше пресудно за резултатите зашто тие беа прилично очекувани, но и кај нас во очи изборите имаше обиди да се шират руски дезинформации дека ЕУ решила да нема проширување во следните 15-20 години со цел да се поттикне евроскептицизмот кај граѓаните

 

Пишува: Ана Анастасовска

 

По изборните процеси во Молдавија и Грузија, алармот за мешање на Русија во изборите се вклучи и во земја членка на Европската Унија – Романија. Во оваа земја се одржаа претседателски избори на кои влез во вториот круг обезбедија екстремно десничарскиот и проруски кандидат Калин Георгеску (со 22,9 отсто освоени гласови) и лидерката на прогресивно-либералната алијанса Спас за Романија, Елена Ласкони (19,18 отсто освоени гласови). Освоеното прво место на критичарот на НАТО и ЕУ, кој својата кампања главно ја водеше на Тик ток, беше сомнително. Романските власти соопштија дека има докази за руско влијание и сајбер напади кои влијаеле на резултатите од првиот круг. Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг од изборната трка, а граѓаните чекаат нов изборен процес.

Одлуката за поништување беше единственото правилно решение по објавувањето на документите кои покажуваат дека резултатот на гласањето на Романците бил грубо искривен со интервенција на Русија, изјави премиерот Марцел Чолаку, кој заврши на третото место во првиот круг, пренесе Сдк.мк.

Ваквата ситуација во Романија ги разгоре страстите кај поддржувачите на Кремљ кои почнаа со ширење на руските дезинформации на социјалните мрежи. Со цел да го прикријат руското влијание на изборите во Романија, тие почнаа вината за поништувањето на првиот круг да ја префрлаат на западните земји и да тврдат дека „НАТО нацистите го поништиjа првиот круг од претседателските избори во Романија откако видоа опасност од Калин Горгеску!“.

НАТО не е нацистичка организација и покрај тоа што веќе подолг период се води пропаганда против НАТО и се сатанизира оваа организација без аргументи. Кога ќе се погледнат фактите, станува јасно дека првиот круг на изборите е поништен од Уставниот суд на оваа држава, кој претставува дел од внатрешната суверена власт.

Но, поддржувачите на Кремљ не застанаа тука, па прстот го вперија и во ЕУ, тврдејќи дека Унијата правела напори да го спречи Георгеску да победи. Фактите говорат друго. ЕУ прави напори да истражи странско малигно влијание, односно недозволено мешање во изборите. За ЕУ е важно да биде испочитувана волјата на граѓаните во земјите членки и да се овозможат фер избори.

 

Грузија ги прекина преговорите со ЕУ

Руско влијание имаше и на неодамнешните парламентарни избори во Грузија на кои победи владејачката, проруски ориентирана партија Грузиски сон. Грузија сè уште се смета за земја во развој, но борбата за т.н. традиционални вредности партијата Грузиски сон ја третира приоритетно, како земјата да нема други грижи, анализира Дојче веле. Грузија го донесе анти-квир законот по рускиот пример за наводна заштита на семејните вредности и на малолетниците. Во соседна Русија со години е во сила законот за т.н. геј пропаганда. Грузија го усвои и „рускиот“ закон за т.н. странски агенти, кој пропишува организации кои добиваат одреден дел од средствата за нивно финансирање од странство, да се регистрираат како „агенти на странско влијание“. Заради законот за агенти беа замрзнати пристапните преговори на Грузија, откако ЕУ ѝ додели на земјата кандидатски статус само шест месеци претходно.

По победата на парламентарните избори, владејачката партија Грузиски сон ги прекина преговорите со ЕУ, што предизвика масовни протести во земјата. Европратениците од Европскиот парламент го отфрлија исходот од изборите во Грузија поради значителни нерегуларности и повикаа на нивно повторување во рок од една година.

Европскиот парламент денеска на пленарна седница во Стразбур усвои резолуција со која ги осудува парламентарните избори одржани на 26 октомври во Грузија, земја кандидат за членство во ЕУ, бидејќи тие не беа ниту слободни ниту фер, што претставува уште една манифестација на континуираниот демократски пад на земјата за која е целосно одговорна владејачката партија Грузиски сон, објави Европскиот парламент (ЕП) (28.11.2024).

Протестите во Грузија особено добија на интензитет по победата на кандидатот на Грузиски сон на претседателските избори, Михаил Кавелашвили, 53-годишен поранешен фудбалер и десничарски популист, кој е познат по неговите жестоки критики против Западот и неговото противење на правата на ЛГБТК.

Властите реагираа насилно на големите протести, апсејќи стотици луѓе. Насилството врз опозицијата и новинарите го осудија САД и Европската Унија.

 

Руски поддржувачи дезинформираат дека Западот ги организира протестите во Грузија

Поддржувачите на Кремљ на социјалните мрежи протестите во Грузија ги искористија за да ја шират познатата теорија на заговор дека Западот поттикнувал протести во Украина, а сега во Грузија. Некои од нив неосновано тврдат и дека странски актери протестираат во Грузија.

Западњачките хегемони пак не мируваат и поттикнуваат нереди преку свои инсталирани „револуционери”, Грузија по сценариото на Украина и Евромајданот кој однесе мноштво жртви во име на „вредностите” еуропски. Но антихристовите претечи ја превидоа моќта, истрајноста и посветеноста на Русија, па она со Украина нема да испадне по нивните замисли (а мислам дека ни Грузија нема да бидне). Тоа се тие ЕУ вредности, и тој ЕУ сон кој мириса на “слободарие” и “демократие”, стои во една објава за која Вистиномер веќе пишуваше.

Западот не ги поттикнуваше Евромајдан протестите ниту пак сегашните протести во Грузија. Во Грузија и во минатото кога имаше протести повторно тоа беше злоупотребено за истата реторика која ја има и во оваа објава – дека се оркестрирани од Западот.

Но, фактите се дека граѓаните на Грузија во моментов одржуваат антивладини демонстрации, велејќи дека не се борат само за нивната европска иднина, туку и против руското влијание. Деноноќните протести во главниот град Тбилиси и ширум земјата се одвиваат и покрај полициската бруталност како обид на власта да ги спречи граѓаните на Грузија да демонстрираат против владината одлука да ги одложи преговорите за пристапување кон Европската Унија до 2028 година.

Руско влијание имаше и на претседателските избори и референдумот за ЕУ во Молдавија. За ова Вистиномер напиша поопширна анализа која можете да ја прочитате тука.

Од сето ова евидентно е дека има и тоа како руско влијание и мешање во изборните процеси во земји членки на ЕУ и земји чиишто граѓани сакаат да станат дел од Европската Унија, но тој сон им е тешко остварлив поради проруски ориентираните влади. На парламентарните избори во Македонија кои се одржаа во мај годинава, руското влијание можеби не беше пресудно за резултатите зашто тие беа прилично познати, но и кај нас во очи изборите имаше обиди да се шират руски дезинформации дека ЕУ решила да нема проширување во следните 15-20 години со цел да се поттикне евроскептицизмот кај граѓаните.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција