Русковска мора да има исти аршини и за новинарот и за кртот

Вилма Рускоска. Фото: скриншот

Обвинителката Вилма Русковска во ТВ интервју, на прашање дали го нашле „кртот“ и дали е направена истрага во врска со протекувањето на документите од случајот „Рекет“ ја даде следната изјава што може да се оцени за недоследна

 

Обвинителката Вилма Русковска во ТВ интервју, на прашање дали го нашле кртот и дали е направена истрага во врска со протекувањето на документите од случајот „Рекет“ ја даде следната изјава што може да се оцени за недоследна:

За жал, не… Не е направена истрага затоа што на многу луѓе кои дошле во допир со предметот ќе им се предизвикаат страшни непријатности….на поголем број луѓе. Замислете сега требаше ние на едно десетина луѓе, можеби  и повеќе да им ги земеме телефоните да им ги вештачиме, така да, сепак, не е пријатно…видете ако не сте виновен и ви го зема некој телефонот на минимум месец, два, три, а сигурно ќе се чека затоа што во форензика имаат малку луѓе, а многу предмети за вештачење и замислете како би се осеќале вие....

[Извор: 24 Отворено – Интервју со Вилма Русковска(од 15-21 мин.), датум: 29.10.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Шефицата на Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска гостувајќи на емисијата „24 Отворено“, даде изјава во врска со случајот „Рекет“, која може да се оцени како недоследна и тоа од два аспекти.

Но, за јавноста најпрво да потсетиме дека фотокопија од документот, кој е класифициран како службена тајна, објави новинар од порталот Инфомакс, по што Основното јавно обвинителство од Скопје покрена обвинение против новинарот за оддавање на службена тајна, при што му се заканува затвор од три месеци до пет години.

Поаѓајќи од ова официјално соопштение на Обвинителството, доаѓаме до првиот аспект на недоследноста на обвинителката Русковска. Имено, во последниот пасус од соопштениетo е напишана следнава реченица:

Во поглед на околностите на кој начин овој записник е излезен од списите на предметот и како е предаден на обвинетиот новинар за да биде објавен, обвинителството ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице го предало и за тоа обезбеди докази.

Овој пасус е сосема јасен. Ќе поведе кривична постапка доколку утврди кое лице е кртот и доколку обезеди докази. За да го утврди тоа Обвинителството треба да се поведе истрага. Зашто нема кој друг ниту по Устав, ниту по закон.

Јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон. (Устав на СРМ, Член 106, алинеја прва и Закон за јавно обвинителство, Член 2)

Обвинителството, како што изјави Русковска, не повело истрага. Вториот аспект на недоследноста на изјавата е токму во причината зошто не покренале истрага. Таа вели, „ќе беше непријатно за многу луѓе“„десетина можеби и повеќе“. Зошто е ова недоследно?

Затоа што според Уставот, во државата една од темелните вредности е „владеење на правото“ (Член 8), а „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (Член 9, алинеја 2).

Изјавата на Русковска може да се толкува од јавноста дека некои граѓани се во повластена, а некои во подреден положба. Новинарот против кого е поднесено обвинение не смеел да објави службена тајна, но исто така и кртот, којшто ја предал службената тајна направил кривично дело. Но, пред правдата, новинарот и кртот не се третирани подеднакво, зашто тоа „ќе било непријатно за многу луѓе“, кои патем, работат во институциите на правосудството.

Поради наведените аргументи и според методологијата на „Вистиномер“ изјавата на обвинителката Русковска ја оценуваме како недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција