Русокосата Марија и притаениот расизам во нас

Темата за „русокосиот ангел“ од Лариса, мало девојче најдено при рација на полицијата во Грција, спласна наеднаш – исто како што се појави. Штом се виде дека нема ништо од сторијата за валканите црни раце кои грабнуваат дете од европска улица, со нордиски изглед, настанот стана „ромска работа“.

 

Марија од Лариса - полициска фотографија
Марија од Лариса – полициска фотографија

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

ВОВЕД: Времето бргу лета. Кога минатиот викенд бев со една група колеги во Бугарија, забележав дека главна тема во медиумите кај нашиот сосед е сознанието дека малата русокоса Марија (7), од грчкиот град Лариса, за која низ цела Европа, па и во Америка десеттина денови се бараа нејзините родители, била девојче по потекло од оваа земја, од гратчето Николаево. Сите весници кои можев да ги купам на киосците беа „бајати“ и говореа, не без силни обвинувања, за Ромите генерално, како главни мотори на трговијата со деца на континентот. Онаа посвежата вест одеше само на телевизиите, веројатно и во радио програмите. Оние вести кои успеав да ги видам на малите екрани, ова последно сознание не го даваа ниту малку ударно, како што можеше да се очекува.

Заради неработните денови, немаше ниту поширока вест, коментар или репортажа за ова последно откритие, она дека Марија е „домашна Ромка“, што по малку збунуваше.

По враќањето во Македонија забележав дека малата Марија кај нас веќе речиси и не е вест. Дури на 30 октомври еден дневен весник и неколку портали пренесоа дека бугарските власти ги бараат назад не само малата Марија, туку и нејзините братчиња и сестричиња. И толку. Пример за тој интерес има овде или главно скусени изданија на таа вест.

Немаше текстови за трговија со луѓе, со деца посебно, потоа одговор како едно русо дете потекнува од црномурни родители… (Веста за генетиката инаку е на Франс прес, кај нас ја презедоа, според прегледот само Нетпрес и Телеграф, потпирајќи се на српски извори, односно на Танјуг.

И светските медиуми наеднаш спласнаа во својот интерес. Ниту текст за момичето кое било малтретирано, терано да игра по улиците, а на чија сметка родителите стекнувале социјални „привилегии“ во Грција.

 

ПРИОД: Кон една тема како новинари можете да тргнете со дедукција или индукција, од малото кон големото или обратно, но секогаш треба да се доврши сторијата. На прашањето за трговијата со деца на стариот континент секако дека можете да му посветите многу важност, бидејќи тоа е сериозен проблем, а кај нас имаше и свои уметнички рефлексии (тв серијата „Трст виа Скопје“, филмот „Дом за бесење“ сниман во нашата Шутка), но секна како трендовска појава, а не како појава која и понатаму не заслужува внимание.

Веројатно и заради шенгенските визи и другите пречки во слободното движење на трговците со дечји судбини таа појава и да е разретчена. Но, темата за Марија од Лариса мора да се доврши и надгради, бидејќи, иако се работи за вест во низа, со внатрешна динамика и пресврти, таа не може да се „батали“, да се остави, кога таа некому се чини дека е само „ромска работа“, интерна појава во еден етнички кампус, сфатен малку регионално, ама сеедно, без „директна врска со нордиската раса“! Оттаму и „феноменот Марија“ стана неинтересна за јавноста.

 

ДОМАШЕН МЕДИУМСКИ ЕКОТ: Како ние се однесувавме кон феноменот на „русокосиот ангел“? Да се потсетиме.

Кога грчката полиција во Лариса правела масовен претрес во ромските квартови, барајќи дрога и оружје, наишла на седумгодишно девојче за кое се посомневала дека не е од црномурестите родители, кои се издавале за нејзини татко и мајка. Изгледот бил несомнено тој што ја насочувал – зелени очи, бела кожа и руса коса никако не оди со амбиентот во кој таа е најдена. Проверката на гените го потврдила сомнежот – девојчето не е од родителите кои во социјалните служби го имале пријавено како нивно. Впрочем, тие на надлежните социјални служби за три години пријавиле дека се родители на 11 малолетни деца и за нив добивале надомест (по откритието, исфрлени се од работа шест социјални работници).

Македонските медиуми доста опширно пренесоа секој детал од истрагата на грчката полиција (пример – Во ромска населба во Грција пронајдено киданпирано “бело ромче”. Потоа, будно се следеше речиси хистеричната потрага по биолошките родители, поттикната од многуте исчезнати девојчиња низ светот на белите луѓе (пример – Можно е „Белото циганче“ да е Американче  или И во ромски камп во Ирска пронајдено девојче како Марија од Грција).

Третманот на веста се смени по откритието на вистинските родители на Марија, кои се, нели, сега веќе „неинтересни“ Роми, а уште во многу помал обем се следеше веста дека се работи за генетски дефект – биолошките родители на Марија и на уште неколку нејзини братчиња и сестричиња раѓале албино деца.

Бугарските власти веројатно и ова не би го откриле ако сомнежите во неколку ирски кражби на деца, поттикнати од сознанијата на грчката полиција, не покажале неверојатно висок степен на албино рожби кај Ромите таму! Сите обвиненија кон нив во Даблин веднаш биле повлечени (кај нас нема ниту една вест за ова). По таа логика се повеле и бугарските здравствени власти и ете го разрешувањето на целиот случај: сè е во албино ефектот.

Како што рековме, кај поводот на оваа новинарска лекција, сите оние редакции кои добро се „огребаа“ од популарноста на сторијата за Марија, белото девојче украдено од Роми, не нѐ удостоија со адекватна завршница на приказната за што постои, секако, професионална и логично-последична обврска. Читателот или гледачот треба да го знае завршетокот на таа речиси хистерична атмосфера, која молневито се изгради контра една „инаква“ етничка „грабачка“ групација. Нема сомнение дека во потсвеста на македонскиот новинар како да клечи некакво чувство, присутно кога тој пишува, задоено уште со мајчиното млеко (и застрашувањето „Ќе те украде – или ќе те дадам на – Циганката“), а кои значат дека релациите кон нашите соседи се еднострано одбивни и дека притоа емоциите на мнозинската етничка групација се преполни, одново, со еднострани предрасуди.

 

ПРЕНЕСИ И НАДГРАДИ: Вториот елемент кој како новинарска поука треба да се има при вакви преземања на стории, особено од регионот, е барањето на македонската паралела. Особено која навистина постои, дури на многу драматичен начин, но која, веројатно се заборава и која минува крај нас, можеби и заради тоа што се случува во „погрешниот двор“.

Во еден од ретките ТВ прилози на оваа тема, кој е некомплетен и со редуцирани бројки, ама е понов, од мај годинава, се констатирало дека трговијата со луѓе кај нас најчесто е трговија со деца. Статистиката говори за тоа дека од 2006 до 2012 имало 88 жртви на трговија со луѓе и 85 отсто биле малолетници. Најголем дел, исто така, потекнуваат од населбите во југоисточниот регион на Македонија, практично оној дел кој граничи со Грција и Бугарија! Во информација на народниот правобранител се говори за 65 женски и 2 машки деца, кои биле жртва на трговија со деца (од нив 52 се македонски државјани). Во информацијата се вели дека центарот во Гостивар нагласил дека се работи за статистика од неколку последни години, а правобранителот нагласил дека информациите од другите општински центри не говорат за некакви временски рамки, од што може да се заклучи дека трговијата со деца во 2010 година, последната година кога имало ваква информација, бил жежок проблем. Особено што и полицијата заклучува дека 2009 година, на пример, била драматична, кога имаме и низа исчезнување на многу мали деца кои немаат разрешница и за кои се претпоставува дека се грабнати (тоа се деца од претшколска возраст од неколку ромски населби крај Куманово). Но, за разлика од исчезнувањето на едно девојче од Мариово, кое беше следено со месеци, ромските деца од кои и денес нема ниту трага, ниту глас, едноставно беа „препуштени на судбината“.

Да не навлегуваме во детали, тие треба да се предмет на посебни новинарски истражувања на оваа тема и тоа по рефлекс, веднаш штом постои повод, како оној што дојде од Лариса.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција