С. Македонија има полиберален Закон за прекин на бременост од некои земји-членки на ЕУ [инфографик]

Фото: StockSnap , Pixabay

Минатонеделната одлука на Врховниот Суд во Соединетите Американски Држави да го поништи 50 години стариот закон „Ро наспроти Вејд“ со што го одзема легалното право на абортус на жените во САД го стресе светското тло предизвикувајќи големи протести низ целиот свет. Поништувањето на „Ро наспроти Вејд“ дава право на секоја држава во САД одделно да одлучува за регулирање на абортусот, пишува „Мета“ во својата анализа

Минатонеделната одлука на Врховниот Суд во Соединетите Американски Држави да го поништи 50 години стариот закон „Ро наспроти Вејд“ со што го одзема легалното право на абортус на жените во САД го стресе светското тло предизвикувајќи големи протести низ целиот свет. Поништувањето на „Ро наспроти Вејд“ дава право на секоја држава во САД одделно да одлучува за регулирање на абортусот, пишува „Мета“ во својата анализа

 

Во Европа правото на прекин на бременоста е легално во 39 земји што ги исклучува Малта, Ватикан, Лихтенштајн, Андора и Полска каде е регулирано со посебни рестрикции. Во С. Македонија, пак, Законот за прекин на бременоста е прилично либерален и демократски, а во однос на законската рамка за прекинување на абортус стоиме најдобро во Западен Балкан и Источна Европа, а подобри сме и од некои земји членки на ЕУ.

Податоците се од 2021 година од Клиниката за гинекологија и акушерство
Иако дури 70 отсто од бремените жени со мисетриан плод лани избрале да ја прекинат бременоста со помош на лекови, лекот сѐ уште не е регистриран кај нас.

Сега со тендер го имаме доволно лекот, но се вложуваат напори да биде подостапен. Законски, секоја пациентка која е бремена до 12 гестациски недели, може по новиот закон за абортус да абортира, дали по социјална или медицинска индикација. Таблетите се пијат по шема. Законот дозволува тие да се земаат до 9 недели. Ако таблетите се регистрирани, и матичните гинеколози треба да ги применуваат. Но кај нас, се набавени само на Клиника, објаснува Д-р Јадранка Георгиевска од Клиниката за гинекологија и акушерство.

Медикаментозниот абортус безбедна алтернатива на хируршкиот метод, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80 отсто од абортусите во земјите во ЕУ. Тој во моментов е достапен само во една здравствена институција во Македонија. Како последица, девојките и жените кои живеат надвор од Скопје немаат можност да изберат како ќе ја прекинат бременоста, што значително ја ограничува нивната репродуктивна слобода.

Иако законот кај нас е многу либерален, д-р Георгиевска вели дека како гинеколози се загрижени за случувањата во САД, каде што изгласаа одлука против абортус.

Со истиот став се и од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување, Хера, од каде велат дека случувањата во САД имаат огромно влијание насекаде во светот, така што мошне веројатно е дека би се почувствувале и кај нас.

Размислувањето дека ваквите случувања се појава само во одредена земја и дека не нѐ засегаат е навистина опасно, особено во ера на растечки трендови на ограничувањето на правата на жените дури и врз нивните сопствени тела. Околу Европа, овој тренд на укинување на правото на абортус веќе постои и тоа недалеку од нас. Кога зборуваме за оваа проблематика никогаш не можеме целосно да се изолираме и да кажеме „Ама кај нас е во ред”. Секогаш постои опасност да ни се случи нам она што се случува во САД или каде и да е и покрај тоа што во моментот имаме еден од најпрогресивните закони во Европа во врска со абортусот, борбата и едукацијата никогаш не смеат да престанат и за жал не смееме да се опуштиме, појаснуваат оттаму.

 

ФЗО да го покрие абортусот по барање на жената од лични причини 

Законот е прилично либерален и демократски во Македонија, а во однос на законската рамка за прекинување на абортус стоиме најдобро во Западен Балкан и Источна Европа, а подобри сме и од некои ЕУ земји. Сепак, на две работи треба да се застапува за да повеќе се подобри пристапот до грижа за абортус и услугите, смета Бојан Јовановски, извршен директор во ХЕРА.

Покривање на абортусот од лични причини (по барање на жената) од Фондот за здравствено осигурување. Оваа услуга жените ја плаќаат приватно во државните болници, освен во случај на медицински индикации кога се ослободени од трошоци. Ама ова значи или да се има медицински проблем кој преставува загрозување по животот на плодот или на мајката, но не и во случај ако жената сама тоа го побара заради свои лични, можеби и социјални или економски причини, вели Јовановски.

Втора работа која според него треба да биде решена е можност медикаментозниот метод да биде достапен во другите државни болници, а не само на Клиника.

Лекот не е достапен во другите државни болници, заради малите количини кои се набавуваат и заради се уште необучениот кадар. Иако ХЕРА во моментов работи на обуки на болнички гинеколози од други градови заедно со Клиниката, па се надевам до крајот на годината ќе имаме повеќе обучени, ама пак ќе биде проблем ако тие болници не можат да ги набават лековите, додава директорот Јовановски.

Лековите се набавуваат преку интервентен увоз бидејќи не се регистрирани на пазарот, една од причините е малиот пазар во Македонија. Исто така законот предвидува дека и матичните гинеколози односно гинеколозите во примарна здравствена заштита имаат законско право да прават медикаментозен абортус (само овој метод), но во законот ова не е доволно прецизирано што како услови и стандарди они треба да исполнуваат за да ја даваат оваа услуга, а и не се согласуваат дека треба да се акредитираат дополнително бидејќи имаат звање специјалисти-гинеколози, и веќе ако можат да обавуваат толку многу специјалистички услуги, зошто не и медикаментозен абортус.

Но, ова не е доволно јасно, а и незначителен број на матични гинеколози, дали неколкумина, даваат ваква услуга. Законската можност да се има пристап до оваа опција, медикаментозен абортус беше дадена во функција да се зголеми пристапот до абортус низ целата територија на земјата, бидејќи бројот на гинеколози, особено во источниот дел се намалува, особено болнички гинеколози, па со тоа би се заштедиле трошоци на жената да не патува за да ја добие услугата, ако постои матичен гинеколог во некое блиско опкружување, вели Јовановски.

Она што за него е проблематично е што во приватните болници цената на абортус до 10 недела (не прават абортуси по 10 недела од бременоста) е драстично зголемена последната година, две. Денес таа се движи околу 350 евра, а само пред некое време беше околу 150 до 200 евра.

Тоа покажува за мене и несензибилност на приватните болници околу оваа услуга – да тие се водат од профит, ама мислам дека зголемувањето на цените е непропорционално со стандардот во моментов, а за услугата не е потребно болнички престој и се завршува брзо. Државните болници не сметам дека ја зголемија цената – таа се движи околу 100 Евра за до 10 недела, иако имаше обиди некои болници тоа да го направат пред некоја година, ама се направи притисок во услови на пандемија да не се гази по потребите и правата на жените и репродуктивната слобода.

 

Антиродовите движења и пропаганди како поттик за одземање на слободното репродуктивно право

Антиродовото - или како што ние повеќе сакаме да го нарекуваме, антифеминистичкото - движење уште пред укинувањето на правото на абортус во САД јасно укажа дека е против репродуктивната слобода, вклучително и правото на абортус, споделувајќи информации и ставови дека абортусот претставува прекинување на животот и дека како таков треба да биде претставен во рамките на сеопфатното сексуално образование (иако во ССО речиси и да не се зборува за абортусот), посочуваат од Хера.

Всушност поимањето на фетусот како личност и верувањето дека животот започнува уште од моментот на зачнувањето, а не по раѓањето е идеолошката основа на движењата против абортусот што се поклопува со ставот на антифеминистичките движења што се појавуваат на глобално ниво.

Истражување на Европскиот парламентарен форум покажува дека  антифеминистичкото движење во светот било финансирано со над 700 милиони долари во периодот од 2009 до 2018 година, при што најголемиот дел од донаторите доаѓаат од САД, Европа и Русија, што значи истото зазема забележителен замав.

Огромен е порастот на ваквите движења што кај нас ги предводат здруженија и неформални иницијативи и токму тоа треба да нѐ тера да размислиме колку сме далеку од САД во однос на ускратувањето на правата. Нивната навидум невина и грижлива кауза зад себе има за цел одржување на слоевитата нееднаквост меѓу мажите и жените. Под маските на грижа за децата и семејството, овие движења ги угнетуваат токму оние за кои наводно се борат, децидни се од Хера.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција