Сѐ уште се кријат акционерите со помалку од 5 отсто учество во капиталот на друштвата
ВЕТУВАЊЕ: Ќе воведеме законска обврска за целосна сопственичка транспарентност кај трговските друштва. Тоа значи дека ќе мора да бидат јавно објавени и акционерите со помалку од 5% учество во капиталот.
[Извор: Програма на СДСМ за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, страна 232]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
И покрај тоа што вети СДСМ не го исполни ветувањето дека ќе воведе целосна транспарентност кај трговските друштва и ќе ги објави и акционерите со помалку од 5 отсто учество во капиталот. Ветувањето СДСМ го даде за предвремените парламентарни избори во 2016 година во својата програма „План за живот во Македонија“, во делот планиран за првите шест месеци од мандатот на Владата.
Владата во меѓувреме подготви измени на Законот за хартии од вредност во кои се однесуваат на продолжување на рокот за задолжителна котација и да се овозможи порамнување на прекугранични трансакции преку поврзување на депозитарот со странски депозитари, но во овие предлог-измени нема измени кај објавувањето на акционерите со учество помало од 5 отсто во капиталот.
Од страна на Министерството за финансии кое има надлежности за подготовка на промени во Законот за хартии од вредност и Министерството за економија кое е надлежно за подготовка на измени на Законот за трговски друштва, нема најава дека се работи на измени на овие закони кои ќе овозможат објавување на сопствениците на капитал под 5 отсто во трговските друштва.
На интернет страниците на Комисијата за хартии од вредност и Централниот депозитар на хартии од вредност сѐ уште се во сила законските одредби од 2016 година и нема поставени информации за акционери со учество помало од 5 отсто во капиталот на трговските друштва.
За подобрување на транспарентноста на трговските друштва Владата предложи измени во Законот за трговски друштва со кои се бришат одредбите за тајни друштва за да се зголеми транспарентноста во правниот промет и да се намали можноста за даночно затајување.
Донесени се измени на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам со кои се воведува регистер на вистинските сопственици на фирмите, но регистерот ќе профункционира од октомври идната година.
Според тоа, ветувањето на СДСМ дадено за предвремените парламентарни избори во 2016 година дека во првите шест месеци по формирањето на Владата (до крајот на ноември 2017 година), ќе овозможи целосна транспарентност на трговските друштва со тоа што ќе ги обврзе да ги објавуваат и сопствениците на акции со удел под 5 отсто во капиталот, не е исполнето.
ИЗВОРИ:
- Програма на СДСМ (2016): „План за живот во Македонија“ (стр.232) (Пристапено 19.11 2018)
- Академик мк (19 април 2018): Измените на Законот за хартии од вредност во собраниска процедура (Пристапено 19.11 2018)
- Правдико 21.06 2018): Предлог закон за изменување на Закон за трговски друштва.(Пристапено 19.11 2018)
- A1on ( 25 10,2018): Централен регистар од следната година ќе ги регистрира вистинските сопственици во фирмите (Пристапено 19.11 2018)
- Министертство за финансии-(26 јуни.2018) : Нов Закон за спречување перење пари: Јавните функционери под засилен надзор (Пристапено 19.11 2018)
- Комисија за хартии од вредност (Пристапено 19.11 2018)
- Централен депозитар за хартии од вредност (Пристапено 19.11 2018)
- Закон за хартии од вредност (Пристапено 19.11 2018)
- Министерство за економија Закон за трговски друштва (Пристапено 19.11 2018)
Оцени: Рада Исовска- Маневска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар