САД ја укинаа регулативата за стакленичките гасови, но научниот консензус останува непроменет
Тврдењето дека „Македонија спроведува политики кои САД ги отфрла“ е контекстуално погрешно, бидејќи САД направија федерална дерегулација, но научниот консензус глобално останува ист.
Тврдењето дека „Македонија спроведува политики кои САД ги отфрла“ е контекстуално погрешно, бидејќи САД направија федерална дерегулација, но научниот консензус глобално останува ист. Многу американски држави и компании продолжуваат со климатски мерки, а одлуката за дерегулација се очекува да биде оспорена на суд
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
И ете, така магично, јаглеродниот диоксид и другите стаклени гасови повеќе не претставуваат опасност за јавното здравје. Се’ што требаше е разумен човек.
Македонче допрва спроведува погубни политики кои САД ги отфрла. Ако, храна нема да имаме, ама важно панели и ветерници ќе ги “красат” нивите. Нема што, на прав пат сме!
Тврдењето дека јаглеродниот диоксид (CO₂) и другите стакленички гасови „магично“ повеќе не претставуваат опасност за јавното здравје е неточно и манипулативно. Повод за ваквите објави е неодамнешната одлука во САД со која стана неважечка тнр. проценка на заканата (наод за загрозеност) од стакленички гасови од 2009 година (endangerment finding), иако тоа не значи дека ризикот од емисиите на стакленички гасови исчезнал.
За што, всушност, станува збор?
Во февруари 2026 година администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја укина т.н. „endangerment finding“ — научно-правна проценка од 2009 година која утврдуваше дека стакленичките гасови ја загрозуваат јавната здравствена благосостојба. Според Асошиејтед прес, одлуката за нејзиното укинување е исклучително значајна, бидејќи токму таа проценка со години била централната основа за федералните мерки против емисиите на стакленички гасови.
Оваа проценка, донесена во 2009 година, формално утврди дека јаглеродниот диоксид и другите стакленички гасови „ги загрозуваат јавното здравје и благосостојба“, што ѝ овозможи на федералната влада да воведува стандарди за загадување од возила, електрани и индустрија.
Поради тоа, експертите ја опишуваат како правен темел на американската климатска регулатива. Без неа, значително се ограничува способноста на федералните власти да наметнуваат ограничувања за емисиите на стакленички гасови.
Дополнително, АП нагласува дека укинувањето претставува досега „најагресивен потег“ за повлекување на климатските регулативи, што веднаш предизвика критики од научници и еколошки организации.
Според извештајот на Ројтерс, потегот на администрацијата на Доналд Трамп да ја поништи т.н. „endangerment finding“ (наодот дека стакленичките гасови го загрозуваат здравјето) има директна последица врз регулацијата на емисиите од возила.
Во 2024–2025, Агенцијата за заштита на животната средина на САД – Environmental Protection Agency (ЕПА), предложи и разгледуваше промени поврзани со „endangerment finding“ и проценката дека стакленичките гасови (вклучително и јаглерод диоксид – CO₂) претставуваат закана за јавното здравје и благосостојба. Овие чекори беа регулаторни и политички по природа.
Но, научниот став за улогата на стакленичките гасови останува непроменет. Огромното мнозинство климатолози и здравствени институции, вклучително и Светската здравствена организација (СЗО), и понатаму оценуваат дека зголемените концентрации на стакленички гасови придонесуваат за климатски промени со сериозни здравствени последици.
СЗО наведува дека климатските промени веќе влијаат врз здравјето преку топлотни бранови, екстремни временски настани, влошен квалитет на воздух и ширење на заразни болести. Според СЗО, климатските промени влијаат на здравјето преку повеќе патишта, меѓу кои: топлотен стрес и топлотни бранови, екстремни временски настани (поплави, бури, суши), влошување на квалитетот на воздухот и промени во ширењето на заразни болести.
Како што наведува АП, постои „обемен научен доказ“ за поврзаноста меѓу емисиите и ризиците по здравјето. Научните докази за штетниста на стакленичките гасови се уште можат да се најдат на сајтот на ЕПА.
Нема информации дека било која друга држава, која во своето законодавство има регулатива во однос на испуштањето стакленички гасови заради нивната штетност нема направено сличен чекор на повлекување на законите, одредбите кои ги регулираат прашањата поврзани со стакленичките гасови или пак, негирање на научните докази врз кои се темелат таквите регулативи.
Она што е факт е дека ниту една голема научна институција не објави дека CO₂ одеднаш станал безопасен.
Во јавните објави често се мешаат две различни работи: CO₂ не е токсичен во нормални концентрации, но придонесува за климатски промени, кои носат здравствени ризици. Токму на оваа индиректна закана се однесуваше првичната „endangerment finding“(проценка-наод за загрозеност).
САД направи федерална дерегулација, но научниот консензус глобално останува ист. Многу американски држави и компании продолжуваат со климатски мерки. Одлуката се очекува да биде оспорена на суд.
Од сето ова можеме да заклучиме дека нема нов научен доказ оти стакленичките гасови престанале да бидат ризик. Станува збор за политичка и правна промена во САД. Научниот консензус за климатските и здравствените ризици останува ист.
Поради сето ова, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар