САД не извршиле државен удар во Украина, ниту ја создале украинската војска
Не е точно дека САД извршиле државен удар во 2014 година и ја создале украинската војска за да започнат војна со Русија. Вистината е дека армијата на Украина своите корени ги влече од Советскиот Сојуз. Од почетокот на воената инвазија на Украина пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите и да наметне низа оправдувања за своите напади. Русија е таа којашто неиспровоцирана ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година. Украина, пак, како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели
Не е точно дека САД извршиле државен удар во 2014 година и ја создале украинската војска за да започнат војна со Русија. Вистината е дека армијата на Украина своите корени ги влече од Советскиот Сојуз. Од почетокот на воената инвазија на Украина пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите и да наметне низа оправдувања за своите напади. Русија е таа којашто неиспровоцирана ја нападна Украина на 24 февруари 2022 година. Украина, пак, како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
… Украинската армија е армија создадена од САД/НАТО за индиректно да се бори против Русија. Тие се пион на шаховската табла и САД/НАТО ги гледаат како потрошна роба.
Затоа Путин ескалираше во 2014 година кога САД извршија противуставен пуч и направија промена на режимот во Украина преку оранжевата револуција. Тој знаеше што прават САД. Тој знаеше дека САД планираат да изградат војска на неговата граница. Армија дизајнирана да се бори против Русија.
Повеќето луѓе во светот немаат поим дека САД под водство на длабоката држава ја започнаа оваа војна а сега Трамп сака да ја сопре.
Објавата изнесува неколку дезинформациски наративи кои одат во прилог на пропагандата на Кремљ.
Прво, не е точна информацијата дека САД/НАТО ја создале армијата на Украина, уште помалку за да почнат војна со Русија.
Вооружените сили на Украина (АФУ) се воени сили на Украина. Сите воени и безбедносни сили, вклучително и вооружените сили, се под команда на претседателот на Украина и се предмет на надзор на постојаната парламентарна комисија на Врховната рада.
Модерните вооружени сили на Украина биле формирани во 1991 година. До 1992 година, тие биле целосно наследени од Советскиот Сојуз, во кој Украина беше земја-членка. Како и другите советски републики, таа немаше своја посебна воена команда, бидејќи сите воени формации беа подеднакво подредени на централната команда на советските вооружени сили. Административно, Украинската ССР била поделена на три советски воени окрузи (Воен округ Карпати, воен округ Киев и воен округ Одеса). Три советски воздушни команди и повеќето поморски бази на Црноморската флота беа лоцирани на брегот на Украина. Мнозинството од офицерите беа образовани во советски образовни институции, многу од нив беа под АФУ, она што сега е средното училиште Иван Бохун, всушност, беше институција основана од Советскиот Сојуз.
Кога Советскиот Сојуз се распадна во 1991 година, новата независна држава Украина наследи една од најмоќните воени формации во Европа. Во февруари 1991 година беше формирана парламентарна Постојана комисија за прашања од безбедноста и одбраната. На 24 август 1991 година, украинскиот парламент (Врховната рада), при усвојувањето на Декларацијата за независност на Украина, донесе и кратка резолуција „За воените формации во Украина“. Ова ја презеде јурисдикцијата над сите формации на вооружените сили на Советскиот Сојуз стационирани на украинска територија и формираше една од клучните агенции, украинското Министерство за одбрана. На 3 септември 1991 година, Министерството за одбрана ги започна своите должности. На 22 октомври 1991 година, единиците и формациите на Советските вооружени сили на територијата на Украина беа национализирани
Воени единици на други земји редовно учествуваа на мултинационални воени вежби во Украина. Многу од овие вежби се одржаа во рамките на програмата за соработка на НАТО Партнерство за мир. Од 2024 година, со над 120 милијарди долари странска воена помош, покрај тоа што е една од најдобро финансираните вооружени сили во светот, воената опрема на Вооружените сили на Украина од советската ера брзо се заменува со огромни количини на воена опрема стандардна на НАТО.
Значи, армијата на Украина во никој случај не била формирана од САД. Таа своите корени ги влече од Советскиот Сојуз.
Понатаму, тврдењето дека САД, односно НАТО ја започнале војната во Украина и дека тие војуваат со Русија, исто така е дезинформација. На 24 февруари 2022 година, руските трупи започнаа напад врз Украина нареден од претседателот Владимир Путин, кој најави „специјална воена операција“ во раните мугри, и покрај предупредувањата од светските државници дека потегот може да доведе до најголемата војна во Европа од 1945 година.
Опсегот на рускиот напад беше масовен дожд од ракети истурен врз украинските градови, додека руските копнени трупи наголемо влегуваа на украинска територија од повеќе правци. Украинското министерство за внатрешни работи соопшти дека земјата била цел на напад од крстосувачки и балистички ракети, а особено се целело кон инфраструктурата во близина на големите градови како Киев, Харков, Мариупол…, објави тогаш Дојче веле.
На нападот му претходеше одлуката на рускиот претседател Путин од 21 февруари 2022 година, за признавање на независноста на таканаречените народни републики во Доњецк и Луганск, кои од 2014 година се под контрола на проруските сепаратисти. Ваквата одлука на Путин му овозможи директно да испрати руски воени единици во Источна Украина, каде веќе беа во тек повремени судири меѓу украинските сили и проруските сепаратисти.
Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Вистината е дека Русија е таа којашто изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, на 24 февруари 2022 година. Украина како независна држава со територијален интегритет и суверенитет има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели, НАТО и ЕУ. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија.
Објавата исто така ја повторува и пропагандата на Кремљ дека САД извршиле пуч во Украина во 2014 година. САД немаат спроведено никаков државен удар во Украина во 2014 година.
Бранот демонстрации, граѓанска непослушност, бунтови и вооружени судири познати како Евромајдан избија ноќта на 21 ноември 2013 година, кога украинските граѓани започнаа со протести во Киев. Причина за протестите беше одлуката на украинската влада ден претходно да ги суспендира подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација и Договорот за слободна трговија со Европската Унија. Повеќе на оваа тема прочитајте тука.
Објавата на крај ја повторува и лагата дека војната во Украина е дело на САД и „длабоката држава“. Вистиномер и оваа информација ја има дебанкирано.
Од сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме, е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар