САД не спровеле пуч во Украина во 2014 година

Протести Киев, ноември 2013 година Фото: mk.wikipedia.org

Наспроти тврдењето во постот САД не спровеле пуч во Украина во 2014 година, ниту пак, ги организирале протестите. Демонстрациите кои почнаа во Киев во ноември 2013 година беа резултат на фрустрацијата на украинскиот народ, поради одлуката на  поранешниот претседател Јанукович во последен момент да ја смени насоката и после 7 години преговарања да не го потпише договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ. Исто така, САД не водат никаква прокси-војна, ниту пак, некогаш истакнале дека со ЕУ ќе го делат пленот од пропаднатата Русија. Војната во Украина ја започна Русија кршејќи ги меѓународните договори и Украина има сосема легитимно право да се брани, а сојузниците ѝ доставуваат воена и парична помош, како и хуманитарна помош за цивилите и раселените лица

Наспроти тврдењето во постот САД не спровеле пуч во Украина во 2014 година, ниту пак, ги организирале протестите. Демонстрациите кои почнаа во Киев во ноември 2013 година беа резултат на фрустрацијата на граѓаните на Украина, поради одлуката на поранешниот претседател Виктор Јанукович во последен момент да ја смени насоката и после 7 години преговарања да не го потпише договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ. Исто така, САД не водат никаква прокси-војна, ниту, пак, некогаш истакнале дека со ЕУ ќе го делат „пленот од пропаднатата Русија“. Војната во Украина ја започна Русија, кршејќи ги меѓународните договори и Украина има сосема легитимно право да се брани, а сојузниците ѝ доставуваат воена и парична помош, како и хуманитарна помош за цивилите и раселените лица

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

САД и порачаа на ЕУ да го поддржи нивниот пуч во Украина во 2014 година.
Им кажа да ја поддржат нивната прокси војна. 
Им кажа дека Русија е слаба. Им кажа дека Владимир Путин наскоро ќе го нема, а пленот на пропадната Русија ќе биде споделен со ЕУ. 
Глупавите од ЕУ продолжуваат да им веруваат на овие сериски лажговци….

САД нема спроведено никаков пуч во Украина во 2014 година и следствено нема барано од ЕУ да го поддржи истиот, но ова обвинување уште поодамна го лиферуваше претседателот на Русија, Владимир Путин.

 

Што фактички се случуваше тогаш во Украина?

Евромајдан – бранот демонстрации, граѓанска непослушност, бунтови и вооружени судири букнаа ноќта на 21 ноември 2013 година, кога украинските граѓани започнаа со протести во Киев. Претходниот ден, владата на Украина ги суспендираше подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација и Договорот за слободна трговија со Европската Унија и тоа претставува причината за протестите. Протестите продолжија и покрај засиленото полициско присуство, а својата поддршка ја дадоа и студентите. На 30 ноември владините сили вршеа насилство врз демонстрантите, што предизвика протестите да се зголемат во обем и да достигнат над 1.5 милиони демонстранти.

Голем број светски медиуми и меѓународни институции и оргнаизации ги претставуваат настаните од Евромајдан како најголемиот проевропски бунт во историјата на Украина. На 30 март 2012 година ЕУ и Украина го потпишаа Договорот за асоцијација. Но, договорот не беше ратификуван, бидејќи Украина доби насоки да работи на влошената демократија и владеење на правото во државата.

На 21 ноември 2013 година декрет од украинската влада ги суспендира подготовките за потпишување на Договорот за асоцијација. Официјалната причина е дека „претходните месеци Украина доживела пад на индустриското производство“. Владата на Украина тврдеше дека ќе продолжи со подготвувањето на договорот кога падот на индустриската производство ќе бидат компензирани од европскиот пазар.

Претседателот Јанукович престојуваше на ЕУ самитот, кој се одржуваше на 28-29 ноември 2013 година во Вилнус, Литванија, каде требаше да биде потпишан Договорот за асоцијација и трговска размена, но договорот не беше потпишан. Фајненшл Тајмс напиша дека протестите во 2013 г. беа „спонтани, предизвикани од социјалните мрежи и ја фатија украинската опозиција неподготвена” за разлика од нивните противници.

Според историчарот од Лавов, Јарослав Хрицак, ова претставуваше:

Револуција на генерацијата која може да се нарече модернистичка за украинската независност, револуција на млади луѓе кои се многу образовани, луѓе кои се активни на социјалните мрежи, кои се мобилни и 90 проценти имаат факултетска диплома, но немаат иднина.

Според него, младите Украинци имаат ист карактер како младите Италијанци, Чеси, Полјаци или Германци и драстично се разликуваат од Украинците кои се над 50-годишна возраст.

Оваа генерација има голема желба за европска интеграција и само неколку регионални поделби за разлика од постарите,смета тој.

САД не спровеле пуч во 2014 година, ниту пак, ги организирале протестите. Демонстрациите кои почнаа во Киев во ноември 2013 година беа резултат на фрустрацијата на Украинците кон поранешниот претседател Јанукович, односно неговата одлука во последен момент да ја смени насоката и после 7 години преговарања да не го потпише договорот за асоцијација меѓу Украина и ЕУ. Како резултат на рускиот притисок тоа го запре напредокот  на приближувањето на Украина кон ЕУ.

Јанукович заврши во бегство по што преодна влада ги презема работите во свои раце. Тогаш војници без државни обележја го окупираа Крим и поставија знамиња на Русија. По референдумот кој не е признаен од меѓународната заедница, Руската Федерација го анектираше Крим.

 

Војната во Украина ја започна Русија

Во постот што го рецензираме се споделуваат и други невистини, меѓу кои и тоа дека „САД ѝ кажале на ЕУ да ја поддржи нивната проксивојна, дека Русија е слаба, Путин ќе го нема, а пленот од пропаднатата Русија ќе биде споделен со ЕУ“.

Меѓутоа, САД не водат никаква прокси-војна, ниту, пак, некогаш истакнале дека ќе делат плен од пропаднатата Русија со ЕУ. Воената инвазија која што ја спроведе Русија врз демократска, независна и суверена Украина, претставува отворена агресија со територијални претензија на Русија, а војната ја започна токму Русија неиспровоцирано и кршејќи меѓународни договори. Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, е оној кој бара западните сојузници да побрзаат со испорака на ветеното оружје, па дури и отворено ги критикува заради доцнењата на ветените испораки, велејќи дека нема алтернатива кога станува збор за брзината со која треба да биде доставено оружјето.

На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Украина не ја нападна Русија, туку Русија ја нападна Украина. Следствено Украина има право да се брани, а сојузниците доставуваат воена и парична помош за Украина, како и хуманитарна помош за цивилите и раселените лица. Но, оваа помош не ја прави САД страна во војната, а и НАТО во повеќе наврати има истакнувано дека не е страна во воениот конфликт.

Освен ова, администрацијата на претседателот Бајден, во повеќе наврати има истакнато дека никакви чекори нема да се преземаат зад грбот на Украина и, уште повеќе, дека „ништо нема да се прави во однос на Украина, без Украина“. Ова значи дека одлуките во однос на војната нема да ги носи ниту САД, ниту западните сојузници, туку Украина, кога самата ќе одлучи, ако одлучи.

Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција