Само малку градинки во Општина Центар со енергетски фасади

Од свеченото пуштање во употреба на целосно реновираната градинка „13 Ноември“ Фото: Веб-страница на Општина Центар

Енергетско ефикасни фасади на сите училишта и градинки

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето  на градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, дадено за локалните избори  во 2013 година, за „Енергетско ефикасни фасади на сите училишта и градинки“, досега – 11.04.2017, на еден месец пред крај на мандатот, според проверката на „Вистиномер“  е само делумно  исполнето. Ова  ветување  го има во делот „Зголемување на енергетската ефикасност“ од неговата изборната програма „Иднината сега! Време е! Андреј Жерновски за Центар“  (стр.18), каде е наведено дека:

Општина Центар како најурбана, 100% урбана општина, треба да биде предводник во примената на најновите трендови на зголемена енергетска ефикасност. Наша цел е максимално зголемување на енергетската ефикасност на објектите на сите институции кои се во надлежност на општината.

 Притоа , проектот Енергетско ефикасни фасади на сите училишта и градинки, е посочен како прв од планираните  мерки и активности.

Жерновски истото го вети и во кампањата за локалните избори  (март 2013 година ), кога според информаците пренесени во медиумите најави:

 енергетски ефикасни фасади  и замена на старите и дотраени прозрци со нови  во сите училишта и градинки во Општина Центар.

На веб-страницата на Општина Центар може да се види дека на оваа територија функционираат три градинки:„Кочо Рацин“, „Раде Јовчевски – Корчагин“ и  „13 Ноември“, а секоја од нив  згрижувачката и воспитно-образовната дејност ја остварува во неколку објекти (вкупно десет).

Со пребарување по интернет  се добиваат единствено информации дека е пуштена во употреба новата детска градинка „Кочо Рацин “ во Капиштец, дека е целосно реконструирана градинката „13 Ноември“ ( матичниот објект на ул.”Никола Тримпаре”17а) и дека споменатите објекти имаат нови енергетски фасади.

На 28 октомври 2015 година медиумите информираа дека  беше свечено отворена новата градинка „Кочо Рацин“ во Центар.

На местото на стариот руиниран објект, никна трипати поголема градинка, која ќе згрижи двапати повеќе деца. Со енергетски ефикасна фасада, подно греење, голема аула со трибини, занимални со најсовремен мебел, посебни простории за потребите на децата, кујна со лифт за храна и капацитет од оброци 550 дневно.

На  29 јуни 2016 година медиумите информираа дека  е во тек завршната фаза од реконструкцијата на градинката „13 Ноември”.

Овие активности се во рамките на третата фаза од реконструкцијата на градинката „13-ти Ноември“, во Општина Центар. Градинката изградена пред 40 години, комплетно беше реконструирана, така што од старата останати се само ѕидовите, се друго е градено одново.

Дотраената водоводна и електрична инсталација е заменета со нова. Кровната конструкција и енерго-ефикасна фасада во светли бои и според сите стандарди.

На 11 ноември 2016 година  на прославата организирана по повод 65 години од постоењето на  градинката „13  Ноември“ во Центар , според информациите пренесени во медиумите,  градоначалникот Жерновски, меѓу другото, спомена:

На 65 годишниот јубилеј, децата од градинката “13-ти Ноември“ добија и нови, современи, модерни и еколошки услови за престој и воспитување.

Општина Центар, која минатата година го изгради новиот објект на градинката “Кочо Рацин“ и наредната година (2017 н.з.) продолжува со грижата за најмладите со реконструкција на градинката “Р.Ј. Корчагин“.

Сепак, освен оваа најава на Жерновски за реконструкција на градинката „Р.Ј.Корчагин“,  на интернет пребарувачите нема други вести поврзани со реновирање на оваа градинка. Такви информации не се добиваат ниту со пребарување на веб-страницата на Општина Центар, каде излегуваат само стари вести поврзани со споменатата градинка.

На 10 февруари оваа година (2017) ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција го обвини  градоначалникот на Општина Центар,  Жерновски   дека ги заборавил и не ги реализирал ветувањата што ги дал во 2013 година,  при што беше посочен и проектот за енергетски фасади во училиштата и градинките. На ова реагираа од Општина Центар со  соопштение  во кое, меѓу другото, велат :

Андреј Жерновски и Општина Центар реализирале бројни, капитални како изградба на ново училиште и нова градинка во Капиштец, целосна реконструкција на градинките “13 Ноември“ и Панорама и обнова на голем број детски игралишта

Со пребарување на сајтот на Општина Центар може да се добијат информации   само за овие  две – три целосно обновени градинки и за тоа дека  се гради новото училиште во Капиштец. Пребарувањето не дава резултати   дека се направени енергетски фасади на седумте основни училишта во Општина Центар

За тоа како се спроведува  проектот Енергетско ефикасни фасади на сите училишта и градинки“,  „Вистиномер“ се обарти во Општина Центар, но оттаму до објавувањето на овој текст (11.04.2017) не добивме одговор.

Па, имајќи го предвид сето ова, вклучително и фактот дека мандатот на Жерновски завршува наредниот месец (мај 2017),  според Методологијата на „Вистиномер“, ова негово изборно ветување го оценуваме како делумно исполнето.

 

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција