Само министерот Николоски слушна од Брисел „одлични вести“ за превозниците
Иако министерот уште пред повеќе од две недели се пофали дека добил „одлични вести од Брисел“ за проблемот со транспортерите, па еуфорично тврдеше дека барањата се прифатени и возачите ќе се третираат како професионалци, сепак реалноста е поинаква. Од Европската комисија деновиве стаса веста дека нема да има отстапки за превозниците, туку ќе мора да го почитуваат правилото 90/180 и да се прилагодат на постојниот режим за влез и излез (ЕЕС) во Шенген-зоната
Иако министерот уште пред повеќе од две недели се пофали дека добил „одлични вести од Брисел“ за проблемот со транспортерите, па еуфорично тврдеше дека барањата се прифатени и возачите ќе се третираат како професионалци, сепак реалноста е поинаква. Од Европската комисија деновиве стаса веста дека нема да има отстапки за превозниците, туку ќе мора да го почитуваат правилото 90/180 и да се прилагодат на постојниот режим за влез и излез (ЕЕС) во Шенген-зоната
Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски неодамна, кога транспортните превозници од Западен Балкан протестираа против примената на системот за престој во Шенген-зоната и правилото 90/180 дена, кое според превозниците, ја парализира нивната работа, преку објава на Фејсбук соопшти „одлични вести“:
Само што добив ОДЛИЧНИ вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како ПРОФЕСИОНАЛЦИ. Тоа е тоа што го баравме.
После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, напиша Николоски на Фејсбук.
Притоа тој им се заблагодари „на сите пријатели на Македонија кои помогнаа со цел да се реши овој проблем“.
[Извор: Официјална веб-страница на Владата на РСМ, Официјална Фејсбук профил на министерот Александар Николоски; Датум – 29.01.2026]
Образложение:
Оваа изјава на министерот Александар Николоски се покажа невистинита. Иако министерот уште пред повеќе од две недели слушнал „одлични вести од Брисел“ за проблемот со транспортерите и еуфорично тврдеше дека барањата се прифатени и возачите ќе се третираат како професионалци, од Европската комисија стаса веста дека нема да има отстапки за превозниците, туку ќе мора да го почитуваат правилото 90/180 и да се прилагодат на постојниот режим за влез и излез (ЕЕС) во Шенген-зоната.
За ваквиот исход од „силната офанзива изминатиот период“ за која говореше министерот Николоски, уверен дека „Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи“, деновиве реагираа и опозициските партии – СДСМ и ЛДП. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче го праша Николоски „дали ќе понесе одговорност затоа што не ја зборел вистината“? Од ЛДП, пак, упатија апел до нашите државни претставници за искрена посветеност и сериозен ангажман за надминување на ситуацијата во која се најдоа превозниците.
Што бараат превозниците, а што слушнал министерот од Брисел?
Транспортните превозници од Западен Балкан на крајот на минатиот месец (26 јануари) со камиони ги блокираа граничните премини кон земјите од Шенген-зоната, меѓу кои и премините Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце и Блато, барајќи Европската Унија (ЕУ) да го измени правилото за електронска евиденција за престој на превозниците во зоната. Превозниците револтирани од правилата на ЕЕС, реагираат дека се третираат како туристи и им е дозволен престој во земјите од ЕУ најмногу до 90 дена во период од 180 дена.
Министерот за транспорт Николоски на 29 јануари годинава тврдеше дека добил „одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците“.
Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е тоа што го баравмe. После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи…, се пофали Николоски, споделувајќи дел од новините.
Од документот што го објави Николоски, може да се забележи внимателната интонација на Европската комисија (ЕК), од каде велат дека тесно ќе соработуваат со земјите членки за да се најдат прагматични решенија со цел да се овозможат продолжени краткорочни престои за одредени категории државјани на трети земји. Таму нема експлицитно ветување дека возачите се прифатени како професионалци и дека ќе бидат изземени од системот ЕЕС.
Што одговори Европската комисија?
Во меѓувреме, на 15 февруари, дел од регионалните медиуми информираа дека Европската комисија го одбила барањето на превозниците – да ги третира како професионалци, а не како туристи, што е причина за нивна депортација по пречекорувањето на 90-дневниот престој во Унијата.
Подгорички Вијести објави дека ЕК ги отфрли сите предлози испратени од земјите од Западен Балкан со цел да се најде компромис за ограничување на престојот на транспортните превозници од регионот во земјите од Шенген-зоната, поради што се можни нови протести од страна на превозниците и блокади на граничните премини и пристаништата. Превозниците барале професионалните возачи да добијат посебна виза или документ што ќе им овозможи подолг престој и работа во Европската Унија без промена на живеалиштето, како и можност времето поминато на релации според патни налози да не се пресметува како престој.
Претставници на европските институции им порачале на здруженијата дека предлозите не се прифатливи и не се во согласност со Шенген правилата, а како единствен став го повториле барањето превозниците да се приспособат на правилото 90 дена во 180.
Министерството за транспорт смирува: Не потпаѓајте на шпекулации
Од Министерството за транспорт и врски ги демантираа (16,02.2026) ваквите информации и апелираа „да не се потпаѓа на шпекулации и секаков вид непроверени информации што можат да му наштетат на дијалогот со ЕК, а особено да не се потпаѓа на шпекулации пласирани од соседните земји, оти секоја држава одлучува сама за себе, а Македонија продолжува со дијалог за трајно решение“. Оттаму соопштија дека со Европската комисија се работи на трајно решение во рамки на новата визна стратегија, дека е најавено одложување на примената на електронскиот систем и дека дијалогот продолжува преку техничка работна група со засилена динамика.
Министерството за транспорт е во постојана комуникација со превозниците, како и со Европската комисија со цел изнаоѓање решение во рамки на новата визна стратегија која ја промовираше Европската Унија каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци како и можностите за друг вид визи. Би сакале да потенцираме дека е најавено одложување на примената на ЕЕС системот и дека активно сите чинители работат на решавање на овој проблем, велат од Министерството за транспорт
За Брисел нема исклучоци
Сепак, онака како што сега стојат работите, Брисел не планира исклучоци од примената на Системот за влез/излез (EES) за возачите на камиони од Западен Балкан, туку инсистира на спроведување на постојните Шенген правила со технички појаснувања и евентуално користење на постојните законски механизми.
Како што објави „Слободен печат“ повикувајќи се на реакцијата на Европската комисија (16.02.2026) што ја пренесе Н1, ЕК е свесна за проблемите на возачите на камиони од Западен Балкан кои настанаа со примената на Системот за влез и излез (ЕЕС) во Шенген-зоната, но ги советува „да ги користат постојните законски механизми“. Нов состанок на работната група за ова прашање е најавен за следната недела.
Гијом Мерсие, портпаролот на ЕК, изјави дека на првиот состанок на работната група, кој се одржа на 3 февруари, биле разјаснети шенгенските правила и биле разгледани опциите за нивна примена во контекст на воведувањето на новиот пропис.
Ги охрабруваме партнерите од Западен Балкан да ги користат можностите за долгорочни визи и дозволи за престој, како и флексибилностите предвидени во шенгенските правила, особено во однос на правилата за прекуграничните работници, рече Мерсие.
Според него, ова вклучува и соработка со соседните земји кои се членки на Шенген-зоната, како Бугарија, Грција и Хрватска.
Така што, пораката од Брисел е прилично јасна, за Европската комисија се неприфатливи измени на правилото 90/180 за превозниците и тие ќе мора да се прилагодат на постојниот режим. Значи, наспроти уверувањето од Министерството за транспорт, не биле во прашање „шпекулации“. А „одличните вести“ од Брисел, изгледа ги слушнал само министерот Николоски, исто како и пораката дека „возачите се прифатени како професионалци“.
Впрочем, познато е дека актуелната десничарска Влада, предводена од партискиот лидер на Николоски, премиерот Христијан Мицкоски, сака да се говори само за убави работи и да ечат позитивни вести.
Извори:
- (29.01.2026) Официјална веб-страница на Владата на РСМ: Николоски: Одлични вести од Брисел, нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци [Проверено на 18.02.2026]
- (29.01.2026) Официјална Фејсбук профил на министерот Александар Николоски: [Проверено на 18.02.2026]
- (29.01.2026) Тајм.мк: Николоски: Одлични вести од Брисел, возачите се прифатени како професионалци
- (29.01.2026) 360 степени: Николоски: Одлични вести од Брисел, возачите се прифатени како професионалци
- (16.02.2026) Тајм.мк: МАКЕДОНИЈА ГО ПРОДОЛЖУВА ДИЈАЛОГОТ СО ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА ПРЕВОЗНИЦИТЕ Се работи на трајно решение на проблемот [Проверено на 18.02.2026]
- (16.02.2026) Макфакс: Да не се потпаѓа на шпекулации, Македонија продолжува со дијалог, велат од Транспорт за проблемот со превозниците [Проверено на 18.02.2026]
- (16.02.2026) Слободен печат: Брисел вели дека ги разбира шоферите од Западен Балкан, но прописот е пропис и исклучоци нема [Проверено на 18.02.2026]
- (17.02.2026) Независен: ЛДП: „Одличните вести“ од Брисел за транспортерите не се одлични: [Проверено на 18.02.2026]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар