Само премиерот вози по нови 1.300 километри патишта

Фото: vlada.mk

Објавата на претседателот на Владата,  Димитар Ковачевски во која вели дека во последните пет години во земјата се изградени 1.300 километри нови патишта,  во нашата македонска реалност прозвучува чудно, па дури и смешно. Излегува дека годишно се граделе по 260 километри, или секоја недела по 5 километри?! Што е просто неверојатно, ако се знае дека автопатот Кичево-Охрид напредува  по еден километар годишно. Вистиномер побара од Владата попрецизна информација кои патишта се изградени во споменатиот период од пет години, а на листата што оттаму ни ја испратија има автопатски делници, експресни и регионални патишта, но и  локални улици, патчиња и сокаци од по стотина метри. Се забележува дека главно се работи за рехабилитации, реконструкции, санации, а само неколку се новоизградени патишта,  вкупно стотина километри во последните пет години

Објавата на претседателот на Владата,  Димитар Ковачевски во која вели дека во последните пет години во земјата се изградени 1.300 километри нови патишта,  во нашата македонска реалност прозвучува чудно, па дури и смешно. Излегува дека годишно се граделе по 260 километри, или секоја недела по 5 километри?! Вистиномер побара од Владата попрецизна информација кои патишта се изградени во споменатиот период од пет години, а на листата што оттаму ни ја испратија има автопатски делници, експресни и регионални патишта, но и  локални улици, патчиња и сокаци од по стотина метри. Се забележува дека главно се работи за рехабилитации, реконструкции, санации, а само неколку се новоизградени патишта,  вкупно стотина километри во последните пет години

 

 

Премиерот Димитар Ковачевски неодамна на социјалните мрежи се пофали дека „власта посветено гради квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе кон нашиот економски развој“ и притоа ја искажа следната невистина:

Изградивме 1.300 км нови патишта во последните 5 години.

 [Извор: Официјални Фејсбук и Твитер профили на премиерот Димитар Ковачевски – датум:23.01.2023]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Објавата на претседателот на Владата,  Димитар Ковачевски во која вели дека во последните пет години во земјата се изградени 1.300 километри нови патишта,  во нашата македонска реалност прозвучува чудно, па дури и смешно. Излегува дека годишно се граделе по 260 километри, или секоја недела по 5 километри?! Што е просто неверојатно, ако се знае дека автопатот Кичево-Охрид напредува  по еден километар годишно – почна да се гради пред девет години, во февруари 2014 година, а досега е завршена и пуштена за сообраќај под времен режим само делницата меѓу Требеништа и Охрид  долга 8,5 километри.

Затоа и не изненадува тоа што ваквиот „фантастичен градителски подвиг“ со кој се пофали премиерот наиде на реакции и потсмев во јавноста, особено на социјалните мрежи кои зовреа од зајадливи коментари. Некои го прашаа премиерот каде се наоѓаат тие нови патишта за и ние да возиме по нив ?“

Дополнителна забуна внесе и пропагндното видео прикажано во рамките на објавата во кое како илустрација за „1.300 километри нови патишта изградени во последните пет години“,  се прикажани инсерти  на кои пишува: Крупиште-Кочани експресен пат – 13,7 километри, продолжување на експресен пат Градско-Плетвар -19 километри, автопат Кичево – Охрид  57 километри и обиколница Куманово (за неа нема наведено километри). Но, овие делници се со вкупна должина од 89,7 километри, што е  далеку под 1.300 километри (настрана тоа што автопатот Кичево-Охрид  досега не е изграден).

 

А, што се однесува, пак,  до „новата обиколница во Куманово“, премиерот  всушност мисли на реконструкцијата на мостот кај Проевце. Ковачевски пред крајот на годината правејќи увид во градежните работи, самиот кажа дека мостот кај Проевце  е „своевидна обиколница на Куманово, но и значајна врска, за автопат А1 спој со Република Србија, како и со магистралниот пат А2, преку кој Република Северна Македонија е поврзана со Република Бугарија“.

За ова имаше и коментари на социјалните мрежи, меѓу оние кои реагираа беше и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски кој е од Куманово. Под објавата на премиерот Ковачевски тој коментираше  дека во Куманово нема изградено никаква нова обиколница, дека такво нешто не постои и дека на видеото е прикажан само реконструираниот надвозник во с.Проевце, дел од регионалниот пат Св. Николе – клучка во нас. Карпош.

 

Каде премиерот виде 1.300 километри нови патишта за последните пет години?

Вистиномер побара од Владата попрецизна информација кои патишта се изградени во споменатиот период од пет години откако СДСМ дојде на власт, со која должина (поединечно) и дали се работи за нови делници или за реконструкција и рехабилитација на веќе постоечки патишта.

Од Владата ни испратија преглед на изградени и рехабилитирани патишта во периодот 2017 -2022 година и на овој список се наоѓаат автопатски делници, експресни и регионални патишта, но и реконструирани локални улици, патчиња и сокаци од по стотина метри.

Извор: Влада на Р.С.Македонија

Се забележува дека главно се работи за рехабилитации, реконструкции, санации, а само неколку се новоизградени патишта. Според листата што ни ја испрати Владата, има вкупно стотина километри нови патишта, поточно 175,1 километар, вклучувајќи ги и оние започнати (некои речиси привршени) од претходната власт.

Извор: Влада на Р.С.Македонија

На овој список се посочени: регионалниот пат Опае – Белаковце – Станчиќ – граница Косово долг 16 километри, изграден 2017 година , експресниот пат Велес – Кадрифаково (III фаза)  во должина од 10,7 километри (2017), автопатот Миладиновци Свети Николе – Штип  долг 47 километри (2019) и автопатската делница Демир Капија – Смоквица со должина  28.2 километри (2018). Иако, тие беа започнати и во поодмината фаза на изградба  од претходната Влада (на ВМРО-ДПМНЕ), а завршени и свечено пуштени во употреба од власта предводена од СДСМ. За отворањето на делницата Демир Капија – Смоквица  во еден од тунелите имаше и прослава со трубачи, блех музика и чочек.

Исто така, паѓа в очи што на листата изградени патишта е и оној од Скопје до Сончев град долг 4,4 километри  (2017), кој почна да се гради и беше речиси целосно завршен во времето на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Па, иако за неговата изградба се соголи „пола“ Водно, тој сѐ уште не е пуштен во употреба.

Овие нови патишта со кои се фалат премиерот и Владата се со вкупна должина 106,3 километри.

Асфалтирање на патот до Сончев Град, април 2015 г.
Фото: roads.org.mk

 

Скромна изградба на нови патишта

Според прегледот што го добивме од Владата, СДСМ може да се пофали со скромна изградба на нови патишта во петте години откако се дојдени на власт. Станува збор за помалку од 70 километри поточно 68,8 км (сметајќи од 31 мај 2017 година кога е избрана Владата предводена од Зоран Заев).

Тоа се експресниот пат  Штип – Радовиш, фаза 1 –  23,5 километри  пуштен во употреба 2021 година  и фаза 2 – 16,9 километри (2022) ,  експресниот пат Штип – Кочани,  делницата Штип-Крупиште долга 14,3 километри пуштена во сообраќај во 2020 година и делницата Крупиште – Кочани  со 13,7 километри (2022). Оваа делница која е официјално пуштена за сообраќај на 26 декември минатата година, како што може да се види од фотографиите и видеото објавени од владината прес-служба, премиерот Ковачевски и лично ја испроба возејќи еден од службените автомобили, додека на совозачкото друштво му правеше министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Освен овие експресни патишта, во периодот на власта предводена од СДСМ е изградена и улица во село Градaшорци долга цели 400 метри (2022).

 

Во списокот што го добиме од Владата е наведена и изградбата на  регионалниот пат Старо Коњарево – Ново Коњарево со должина  3 километри, но не е посочена година на финиширање. Како што може да се види на сајтот на Јавното претпријатие за државни патишта овој регионален пат не е завршен.

Од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ  го критикуваа премиерот дека бројката  – 1.300 км новоизградени патишта е сосема произволно нафрлена:

Само во имагинарниот свет на Ковачевски и СДС постојат изградени 1.300 километри нови патишта, додека реалноста е сосема поинаква.
СДС и Ковачевски мислат дека граѓаните не возат низ Македонија и не знаат по какви и по кои патишта се вози, па затоа свесно лажат со измислени изградени патишта…
Воедно СДС и Ковачевски не знаат колку се 1.300 километри па водејќи се по изреката „ако се лаже, нека се лаже“ си ставиле произволна бројка која нив им изгледала убаво.
Да имаа изградено 1.300 километри нови патишта, низ цела Македонија граѓаните ќе возеа по нови патишта, а не по руинирани патишта полни со дупки.

Инаку, според податоците објавени на веб-страницата на Јавното претпријатие за државни патишта, вкупната должина на патната мрежа во државата изнесува 14.182 километри, од кои 242 км се класифицирани како автопатишта, 911 км се магистрални патишта, 3.771 км се регионални, а 9.258 се локални патишта,

Табеларен приказ на видот на патишта низ Р. С. Македонија
Извор: roads.org.mk

 

Имајќи го предвид сето ова објавата на премиерот Ковачевски, во која кажува  дека во последните пет години се изградени 1.300 километри нови патишта, ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција