Само сеопфатен пристап може да помогне во справување со дезинформациите
Борбата со дезинформациите преку законско санкционирање е можна но е ризична. Потребен е многу поширок сеопфатен пристап…
Борбата со дезинформациите преку законско санкционирање е можна но е ризична. Потребен е многу поширок сеопфатен пристап во кој преку институционалната рамка е неопходно вклучувањето и на граѓанскиот сектор и на хармонизација на европската со домашната регулатива. Ова го покажа истражувањето помеѓу експерти и засегнати страни во врска со можноста преку санкции да се води успешна борба со сите видови на штетни информации и манипулации, вклучително и таканаречените FIMI
Пишува Теофил Блажевски
Aнализа на неколку прашање поврзани со мислењето на граѓаните за опасноста од дезинформациите, каналите по кои се шират и кој и како треба да се справи со нив, а што произлегоа од последното истражување на Метаморфозис, може да се сублимираат во неколку констатации:
- Законско санкционирање на дезинформациите, како што мислат голем дел од граѓаните, би можел да биде опасен пристап, поради евентуалните можности да се злоупотреби против слободата на говорот и да заврши со цензура.
- За потребата од нова национална стратегија исклучиво за дезинформации има различни мислења, иако експертите нагласуваат недостатоци во постојните, нивни преклопувања и се бара активна примена со соодветно буџетирање. Сепак, надлежните од Министерството за дигитална трансформација велат дека „е оправдано да се размислува“ за нов стратешки документ.
- Дел од експертите и од инволвираните страни препорачуваат дека решавањето на проблемот со дезинформациите на прифатливо ниво кое нема да биде закана за демократските процеси во земјата, може да се направи само преку координиран, сеопфатен институционален пристап во кој и претставниците од граѓанскиот сектор би биле активно вклучени и би можеле да дадат сериозен придонес. Се нагласува и потребата од имплементација на европското во националното законодавство во делот на медиумите и особено во делот што ги регулира и социјалните мрежи.
- Се препорачува поширока примена на активности за медиумска писменост, вклучувајќи ги и опасностите од вештачката интелигенција, како и поддршка на саморегулацијата во медиумската сфера, што впрочем е препознато и од државата.
Контекст
Дел од прашањата во најновото истражување* на Метаморфозис поврзани со опасноста од дезинформациите и како и кој треба да се справи со нив ги покажаа следниве резултати:
Поголемиот дел од испитаниците (67%) делумно или целосно се согласуваат дека дезинформациите се многу штетни и дека треба со закон да се санкционираат.
Големо мнозинство (74%) од граѓаните сметаат дека Владата треба да преземе мерки за справување со дезинформациите.

Социјалните медиуми/мрежи, со високи 87% се на прво место како канал (чинители), преку коj се шират дезинформациите.

Дали досегашните стратешки документи се доволни?
Државата преку извршната власт уште од 2019 г. започнала со активности за борба со дезинформациите, продолжила во 2021, но последните два главни активни документи се Национална стратегијата за безбедност на РСМ 2024-2029 година, како и Стратегија за сајбер безбедност 2025-2028 г.
Во првиот документ дезинформациите се ставени под Хибридните закани, поточно во делот Странски малигни влијанија (стр. 12), а како би се одвивала борбата е опишано во делот „Спротивставување на дезинформациите….“(стр.30), каде, меѓу другото, се вели:
„Треба да се формира координативно тело на централната власт составено од комуникатори од редот на: Канцеларијата на претседателот на Владата“ и неколку други министерства…
„Ова тело треба да развие: ефективно партнерство со останати тела (како Советот за етика во медиумите, Синдикатот на медиумските работници и сл.) и граѓанскиот сектор во насока на заедничко дефинирање на проблемот со дезинформациите и начините на кои секој актер треба да делува во својот ресор; помагање и овозможување на саморегулацијата на медиумите; унапредување на медиумската писменост; промоција на начелата на слободно, објективно информирање преку почитување на новинарските стандарди и етички кодекси и зајакнување на професионалното новинарство.
Не е можно ефикасно спротивставување со дезинформациите без активно учество на сите засегнати чинители во медиумскиот етер“ – се наведува во оваа стратегија.
Активен и важечки документ е и Стратегијата за сајбер безбедност 2025-2028 со Акциски план, каде што освен општата цел – создавање на свесно и отпорно општество, наведени се и планови за едукација на ученици во основно и средно образование, а активна е и Стратегија за развој на ИКТ:СМАРТ/МК 2030, во која во еден мал дел се споменува дека „неопходно е да се спроведат едукативни и промотивни програми и содржини наменети за широкото население“. Сепак потребна ли е национална стратегија исклучиво за справување со дезинформациите, бидејќи во сите три документи, дезинформациите се само мал дел.
Ова прашање го поставивме и на дел од експертите и засегнатите страни, вклучувајќи го и надлежното Министерство за дигитална трансформација (МДТ). Целта беше да се согледа дали перцепцијата на граѓаните за поголема проактивна улога на државата и за законски санкции е реално потребна или пак, недостасува друг посеопфатен стратегиски пристап.

МДТ: Оправдано е размислувањето за сеопфатен национален документ
На поставеното прашање за тоа дали се доволно погоре наведените две стратегии или е потребна нова посветена исклучиво на дезинформациите, надлежното министерство (МДТ) наведе дека постоечките документи го препознаваат проблемот, а посебно ја акцентираат Стратегијата за сајбер безбедност која го третира и аспектот на изградба на отпорно општество, што е приоритетна цел. Затоа „…може да се заклучи дека државата веќе располага со основна стратешка рамка која овозможува започнување на активности за превенција, едукација и јакнење на општествената отпорност кон дезинформации“. Сепак, надлежните додаваат:
„Со цел обезбедување појасна институционална координација, дефинирани носители, индикатори за успех, временски рамки и соодветно буџетирање, оценуваме дека е оправдано да се размислува за изработка на посебен Национален документ кој ќе биде фокусиран исклучиво на справување со дезинформациите. Тоа може да биде:
Национална стратегија за справување со дезинформации, или
специфичен Национален акциски план, како под-документ кој ќе произлезе од постојните стратегии.“ – велат од МДТ
Тоа би овозможило „подетална разработка на мерките, појасни улоги на институциите, јакнење на мултисекторската координација, интегрирање на образовни, медиумски и безбедносни политики и усогласување со европските стандарди и практики во областа на борба против дезинформации“ – се наведува во одговорот.
Експертите гледаат недостатоци во стратешките документи

Снeжана Трпевска од Институтот Ресис, експертка за медиумска политика, смета дека нема потреба од нови стратегии, барем во однос на дезинформациите како дел од хибридни закани од надвор, т.н. FIMI. Нагласува дека проблемот е комплексен, а често и аналитичарите и истражувачите прават грешки, при што главната е што „поимите ‘дезинформации’ и ‘лажни вести’ се користат со исто значење, како содржини или информации што неточно ја претставуваат реалноста“. За посочените стратегии Трпевска вели:
„Тргнувајќи од она што Европската комисија го препорачува, мислам дека нашата држава веќе има развиен стратегиски пристап за борба против хибридните закани и СММИ (FIMI). Двете актуелни стратегии ги покриваат овие форми на закани и наложуваат координиран пристап. Со оглед дека во реалноста често е тешко да се разграничат овие форми на закани и дезинформации од друг тип (какви што се мисинформации, лажни вести, гласини…), во постојната Стратегија за безбедност се предвидува координиран пристап и се препорачува партнерство на владините тела со граѓанскиот сектор и другите актери.
Трпевска укажува на потребата од справување и со другите штетни информации:
Она што ѝ треба на нашата држава, а што не е опфатено со двете споменати стратегии, е координиран и стратегиски пристап за справување со различни други штетни содржини што се шират на социјалните мрежи – овде не спаѓаат само дезинформациите, туку и говорот на омраза, заканите по физичката безбедност, содржините штетни за малолетниците, онлајн демнењето и други видови штетни содржини и закани по безбедноста на корисниците“, вели Трпевска (целосниот одговор може да се прочита ТУКА).

Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, за досегашните стратешки рамки и евентуална потреба од нова, смета дека проблемот лежи во примената, јазикот на кој се напишани, но и во неопходна соработка со граѓанскиот сектор:
„Во демократско општество институциите не се тие кои што треба да ја дефинираат вистината. Може да помогнат во одредена мерка во процесот на справување со дезинформации, но тоа би требало да биде во соработка со граѓанскиот сектор. Национална стратегија би значело дека последниот збор го има институцијата која функционира на основа на почитување закони… Примарен предизвик во развојот на овие стратегии е балансирањето на потребата од борба против штетните дезинформации со заштитата на основните човекови права, како што се слободата на изразување и независниот печат. За да се ублажат ризиците од пречекорување на владината моќ или цензура, стратегијата треба да користи прецизен јазик кој ќе го делегираат спроведувањето на независни, одговорни тела. Дополнително, треба да се воведе и едукација во рамките на засегнатите институции за да бидеме сигурни дека нема да се случи погоре наведеното во контекст на ризикот“– вели Секуловски(целосниот одговор може да се прочита ТУКА).

Билјана Георгиевска, директор на Извршната канцеларија на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ) вели дека во двата стратегиски документи има преклопување и се залага за единствен пристап, акцентирајќи го и моментот и тежината на проблемот:
Тежината на проблемот со хибридното војување и ранливоста на нашето општество, бараат што поширок опсег, национален фронт. Во (првите -н.з.) два документи што ги посочувате, по прашањето нa дезинфомациите како закана за демократијата – има преклопување. Логиката вели дека единствен пристап, добро координиран, со партнерско учество на сите чинители, би дал пофокусиран и поефикасен одговор. Конечно, искуството од изминатите три децении во земјава покажува дека документи имало доволно, но реализацијата на тоа што во нив е зацртано – хронично затајува-вели Георгиевска, укажувајќи на потребата од сериозен и сеопфатен пристап, „заради градење на отпорност на целото општество“.
Таа додава дека не смее да се остават главните активности на граѓанскиот сектор – кој секако мора да биде вклучен, a СЕММ иако бил повикуван и учествувал на повеќе настани на институциите, конкрето не добил никаква информација поврзана со активности околу Стратегијата за безбедност на РСМ 2024-2029 г., која предвидува вклучување и на СЕММ:
Неодговорно би било и натаму со проблемот со дезинформациите да се справуваат само неколку невладини организации, со скромни капацитети и неизвесност околу нивниот опстанок на подолг рок“… вели Георгиевска.(целосниот одговор може да се прочита ТУКА).
Санкционирање на дезинформациите со закон носи ризик од цензура
Во однос прашањето дали може со законско санкционирање на дезинформациите да се води ефикасна борба, Секуловски од ЗНМ нагласува може, но тоа носи опасност:
„Можно е со законско санкционирање да се води борба против дезинформации, но тоа носи значителни ризици за слободата на говорот. Во тие случаи ефектот не е секогаш позитивен, посебно ако правосудните органи не се подготвени за овој тип на предизвици. Најголем дел од проблемите настануваат во онлајн просторот на социјалните платформи. Ако тргнеме од оваа точка, ризикот за неуспех е многу поголем бидејќи не можеме да бидеме во постојана контрола на интернетот“ – вели Секуловски.

Марина Тунева, вонреден професор на ИКС и експерт за стратегиски комуникации, со големо искуство и во саморегулацијата, во овој контекст (баланс помеѓу санкции со закон и чување на слободата на говор), нагласува дека најефикасните решенија лежат во транспарентноста, но предупредува на внимателност при барањето баланс:
„Најефикасните решенија во светот не се засноваат на цензура, туку на транспарентност. Намалување на досегот на докажано лажна содржина, означување на манипулативни објави, упатување кон проверени извори и јасни стандарди за политичко рекламирање, се инструменти кои го штитат јавниот интерес без да ја задушат дебатата. Тука е важна и културата на отчетност, на пример ако на граѓанин му е отстранета содржина мора да знае зошто, да има право на жалба и да не биде оставен на милост или немилост на технолошки алгоритам.
Таа додава дека „ниту платформите, ниту државата не треба да бидат единствените арбитри на вистината“.
Саморегулаторните тела, факт-чекерите, медиумските организации и академската заедница имаат суштинска улога во одржување на рамнотежата. Ова е особено важно во поларизирани општества како нашето, каде што граѓаните повеќе веруваат на новинарите и експертите отколку на политичките институции“, наведува Тунева.
Законот за дигитални услуги може да помогне
Ако социјалните мрежи се главен канал за пренесување на дезинформациите, се наметнува прашањето дали овој проблем би можело да се адресира успешно и преку Законот за дигитални услуги (ЗДУ) што треба да го донесе надлежното министерството. Од МДТ во одговорот на ова прашање меѓу другото се наведува:
МДТ, во соработка со Делегацијата на ЕУ, во периодот септември/октомври 2024 подготви проект со кој ќе се обезбеди експертска поддршка за усогласување на националното законодавство со Digital Services Act и European Media Freedom Act. Проектот предвидува целосно транспарентна и инклузивна постапка, анализа на добри практики, како и значителен фокус на реална проценка на влијанието на регулативата и можните решенија…
На 21 ноември се одржа почетниот состанок, а проектот е со времетраење од 20 месеци и опфаќа повеќе компоненти. Во исчекување сме на нацрт-деталниот работен план, кој треба попрецизно да ја дефинира временската рамка за резултатите што ќе се испорачуваат – се наведува во одговорот од Кабинетот на министерот Стефан Андоновски.
Трпевска, во овој контекст појаснува што значи Регулативата за дигитални услуги на ЕУ (РДУ) во однос на дезинформациите:
„РДУ предвидува и т.н. Механизам за итна интервенција кога дезинформациите носат ризик (Crisis Response Mechanism), во периоди на војна, пандемија, избори и сл. Со РДУ Европската комисија има овластување да бара од платформите: побрзо отстранување на штетните содржини и мрежи, засилено модерирање на содржините и други мерки против координираните дезинформациски кампањи. Сето ова значи дека РДУ не ги забранува „дезинформациите“ како содржина, но создава системски механизми на транспарентност, одговорност и надзор, кои значително можат да го ограничат нивното ширење. Во пракса, тоа значи дека платформите мора да се однесуваат одговорно, да ги намалат ризиците за демократијата и да дозволат надзор врз нивните алгоритми и практики“.
Таа појаснува и што подразбира хармонизацијата на нашето со европското законодавство во поглед на РДУ, со што станува појасно зошто процесот на носење на ЗДУ оди бавно :
„Во процесот на хармонизација со законодавството на ЕУ, нашата земја набрзо ќе треба да го инкорпорира и пакетот на регулативи поврзани со дигиталниот простор, вклучително и РДУ. Ова, меѓу другото, вклучува и назначување на национален координатор за дигитални услуги“.
Националните координатори за дигитални услуги со полни законски овластувања, се клучни за примената на РДУ за да можат корисниците во својата земја да поднесуваат известувања за нелегални содржини на платформите и за да се спроведува процедурата за доделување статус на доверливи означувачи во конкретната земја. Во најголем број земји, улогата на координатор за дигитални услуги ја имаат регулаторите за комуникации или регулаторите за медиуми, така што е препорачливо и во нашата земја оваа улога да му се додели на едно од овие тела. Со оглед дека јурисдикцијата на повеќето големи онлајн платформи се наоѓа во Ирска, каде дигитален координатор е Ирското регулаторно тело за медиуми, за спроведување на обврските од РДУ од клучно значење е соработката меѓу регулаторните тела, односно координаторите за дигитални услуги, преку Групата европски регулатори. и надлежните тела на Европската комисија“ – вели Трпевска.

Улогата на саморегулацијата во справување со дезинформациите
Во сеопфатниот пристап за кои зборуваат експертите влегува и саморегулацијата на медиумите како начин за справување со дезинформациите, а тоа го предвидела и државата со една од стратегиите(стр.30), појаснети погоре.
Актуелната директорка на СЕММ Георгиевска вели дека ова тело има проактивна улога:
„Во отсуство на широк и вмрежен фронт, СЕММ реализира сопствени активности, зависно од капацитетот и поддршката од донаторите, за унапредување на медиумската писменост, особено кај младите во земјава, но и за обука на новинари за препознавање, неширење и разобличување на дезинформации преку медиумите. Минатата година пристапивме до преку 350 средношколци и студенти, во Скопје, Штип и Тетово, за да размениме искуства со младите околу манипулативните содржини, главно онлајн, но и за методите за препознавање и важноста од неширење на креирани текстови, фотографии и видеа чија цел е да создадат лажна слика во општеството за чувствителни теми“ – вели Георгиевска.
Марина Тунева, која беше исто така долгогодишна директорка на СЕММ, се согласува и нагласува дека саморегулацијата може да одигра многу голема улога во справувањето со дезинформациите кај традиционалните и онлајн медиумите:
„Саморегулацијата е најдемократскиот механизам за заштита на јавниот интерес во медиумите, особено во борбата против дезинформациите. Таа функционира токму затоа што не доаѓа од државата, туку од професионалната заедница – новинарите, редакциите, уредниците. Суштината на нејзината улога е во тоа што создава стандарди и норми, а потоа обезбедува фер и независен процес за нивно почитување.
Во контекст на дезинформациите, саморегулацијата треба да биде не само корективен, туку и проактивен механизам. Тоа значи дека и самите медиуми треба да имаат јасни внатрешни редакциски правила за онлајн работа, односно проверка на извори, постапување со содржини од социјални мрежи, транспарентност за сопственоста и интересите. А, исто така, да се развијат стандарди за работа со автоматизирани алатки и вештачка интелигенција, затоа што токму тие се новата точка на ранливост“ – вели Тунева.
Медиумската писменост и нејзино посеопфатно третирање во образованието (види тука, тука и тука), но и пошироко, исто така беше препорака од експертите.

Метаморфозис со години наназад се залага за сеопфатен пристап
Начинот за справување со дезинформациите што произлегуваат како резултат на странско вмешување и манипулација со информации (FIMI), како и градење на отпорност на општеството, со години е во фокус на интерес и на Фондацијата Метаморфозис. Резултатите што произлегуваат од повеќето истражувања што се спроведени на оваа тема се адресирани и како иницијативи, од кои беше прифатено и ЗДУ да влезе во Програмата на Владата за 2025 г. и како препораки, не само до извршните власти, туку и до граѓанското општество, медиумите, бизнис заедницата, итн.
Иницијативите и препораките доаѓаат и по бројни истражувања и анализи меѓу кои се и истражувањата за перцепциите на граѓаните за дезинформациите во 2022 г., во 2023 г., а слично истражување е направено и годинава, кое наскоро треба да биде објавено.
Една од последните активности на Метаморфозис беше презентацијата на извештајот „Овозможувачи и поттикнувачи на ФИМИ за време на изборите во Северна Македонија“, кој Метморфозис го промовираше во рамките на Деновите на медиумската писменост.
*Истражувањето на Индаго за перцепциите на граѓаните околу дезинформациите, за потребите на Метаморфозис ќе биде објавено за неколку денови
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
