Самопрогласен онколог без докази тврди дека ковид-вакцините предизвикувале турбо рак кај жените
Независни истражувачи го оценуваат Макис како чест промотор на дезинформации, особено за ковид-вакцините и нивната наводна поврзаност со појавата на рак.
Студиите немаат пронајдено поврзаност меѓу вакцинацијата и ризикот од појава на лимфом. Опсежните студии покажаа дека пациентите со канцер имаат висок ризик за компликации од ковид-19. Независни истражувачи го оценуваат Макис како чест промотор на дезинформации, особено за ковид-вакцините и нивната наводна поврзаност со појавата на рак
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Д-Р МАКИС: Млади жени кои се вакцинирале против Ковид, развиваат турбо канцери на дојка.
Објавата споделува и напис во кој се посочува дека д-р Вилијам Макис е доктор онколог кој има клиника во Канада во која лечи канцер со антипаразитски лекови. Според неговите тврдења, за кои ниту во објавата, ниту во написот нема понудено релевантни медицински докази и факти, млади жени вакцинирани против ковид развиваат исклучително агресивни форми на рак на дојка.
Станува збор за жени во своите 20-ти, 30-ти и 40-ти години, кои по примањето на вакцините против КОВИД-19 од Фајзер или Модерна развиваат рак во трета или четврта фаза. Ова е појава што досега не сме ја виделе. Оваа појава се нарекува „турбо рак“, се посочува во написот.
Д-р Вилијам Макис се претставува себеси како радиолог, онколог и истражувач на рак кој работел во Канада. Според неговата веб-страница, тој нуди „алтернативни“ протоколи за лекување на рак со антипаразитски лекови (како ивермектин, мебендазол, фенбендaзол), што научно и медицински не е поддржано.
Во неговите јавни настапи има изнесено тврдења дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат „турбо канцери“ – агресивни, брзо растечки канцери кај млади жени – што исто така не е поддржано со научни податоци.
Независни истражувачи го оценуваат Макис како чест промотор на дезинформации, особено за ковид- вакцините и нивната наводна поврзаност со појавата на рак.
Лекар кој неодамна почна да ја промовира идејата за „турбо рак“ е д-р Вилијам Макис, радиолог по нуклеарна медицина кој честопати се претставува себеси како „онколог“, пишува во своето истражување Sciencebasedmedicine.
Во септември 2025 година, Колеџот на лекари и хирурзи на Алберта (CPSA), кој е регулатор на лекари во покраината Алберта во Канда и е одговорен за надгледување на практикувањето медицина, објавил дека Вилијам Макис нема лиценца за практикување медицина во Алберта.
На рочиштето на ЦПСА одржано на 15 август 2025 година, беше изречена привремена забрана против г-дин Макис од страна на Кралскиот суд на Алберта. Според условите на привремената забрана, на г-дин Макис:
Забрането му е претставување или имплицирање дека има лиценца за практикување медицина во Алберта.
Забрането му е нудење или обезбедување какви било здравствени услуги во јавноста, вклучително (но не ограничувајќи се на) нудење или давање совети или консултации во врска со лекување на рак.
Забрането му е користењето на титулата лекар, онколог, кратенката д-р и која било од титулите, кратенките или иницијалите наведени во Член 2, Прилог 21 од Законот за здравствени професии, во врска со обезбедување здравствена услуга. На г-дин Макис му беше наредено и да ги отстрани сите такви титули или кратенки од неговите платформи на социјалните медиуми, се наведува на веб страницата на ЦПСА.
Во својата изјава, од ЦПСА додаваат:
Г-дин Макис нема активна лиценца кај ЦПСА од февруари 2019 година и стануваме сè позагрижени од извештаите дека г-дин Макис се претставува како лекар во врска со медицинската пракса, вклучително и давање медицински мислења, совети и консултации. Терминот „доктор“ се смета за заштитена титула според Законот за здравствени професии.
Оттука, ставовите на овој самопрогласен доктор онколог, мора да се земат со резерва.
Понатаму, во написот што го анализираме, исто така се тврди дека медиумите во Соединетите Американски Држави, Канада и Обединетото Кралство конечно признале дека постои нагло зголемување на бројот на случаи на млади жени кои развиваат исклучително агресивни карциноми на дојка и дека овој тренд е во пораст, односно дека медиумите го негирале ова сè до неодамна, во изминатите две недели.
Вистиномер не успеа да најде кредибилни и сериозни медиуми во САД, Канада или Обединетото Кралство кои во последните две недели објавиле дека одеднаш е откриено нагло зголемување на агресивни карциноми на дојка кај млади жени поради ковид-вакцините.
Доколку такво нешто навистина било откриено тоа секако ќе беше главна вест во сите светски и домашни медиуми, но такво нешто нема.
Што се однесува до тврдењето дека ковид-вакцините предизвикуваат турбо рак, тоа медицински не е докажано. Вистиномер на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.
Спротивно на тврдењата во објавата, фактите говорат дека вакцините против ковид-19 не предизвикуваат рак.
Вакцините против ковид-19 имаат краткотрајни и минливи несакани ефекти, како замор и болка во местото на инјектирањето кои генерално може да се појават и кај лица што имаат карцином и кај оние кои немаат. Досега нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат рак или водат до влошување на состојбата од карциномот кај луѓе што веќе го имаат.
Вакцините против ковид беа тестирани во големи клинички студии кои помогнаа да се утврдат нивните почести несакани ефекти и студиите не покажаа врска меѓу вакцинацијата и појавата на карцином. Системите за мониторирање на безбедноста следат кои се идните несакани ефекти откако вакцините ќе станат широкораспространети. Иако во овие клинички студии немаше многу вклучени лица со карцином, истражувачите продолжија дополнително да ги мониторираат ефектите кај оваа група на луѓе.
„Фајзер“, Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и Агенцијата за храна и лекови на САД, за Лид Сторис изјавија дека нивниот мониторинг не открил каузална врска или безбедносен сигнал поврзан со карцином, кој поврзан со вакцините против ковид-19.
Студиите немаат пронајдено поврзаност меѓу вакцинацијата и ризикот од појава на лимфом. Опсежните студии покажаа дека пациентите со канцер имаат висок ризик за компликации од ковид-19.
Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека објавата која ја анализираме е невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар