Санкциите што ги воведува ЕУ не се „поради различно мислење“

Каја Калас Фото: Принтскрин видео ФБ пост

Во изјавата на Калас санкции се споменуваат како опција за Грузија и како решена работа за Русија. Конкретно, откако Русија изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, ЕУ и партнерите воведоа екстензивни санкции за руската економија, особено за нафтениот сектор во обид да ги намали приходите на Кремљ од кои се финансира војната. Овие санкции не беа, како што невистинито се вели во објавата „затоа што некој имал поразлично мислење“ туку зашто Русија го нападна територијалниот интегритет на Украина и ги прекрши меѓународните правила

Во изјавата на Калас санкции се споменуваат како опција за Грузија и како решена работа за Русија. Конкретно, откако Русија изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, ЕУ и партнерите воведоа екстензивни санкции за руската економија, особено за нафтениот сектор во обид да ги намали приходите на Кремљ од кои се финансира војната. Овие санкции не беа, како што невистинито се вели во објавата „затоа што некој имал поразлично мислење“, туку зашто Русија го нападна територијалниот интегритет на Украина и ги прекрши меѓународните правила

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал од Каја Калас, висока претставничка за надворешна политика на Европската Унија. Во објавата пишува:

Каја Калас, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, зборува за санкции, санкции, санкции!
Западот ги санкционира сите што имаат различно мислење.
Демократски избрана влада?
Небитно!
Западот прифаќа само исходи кои се во согласност со НИВНИТЕ интереси.
Никому веќе не му е гајле за санкциите што значи западот сам систематски се уништува.
Каква група на забегани дипломати кој никој не ги гласал се овие во ЕУ. Кој ја овозможува војната во Украина, Русија? Вие сте тие забеганите, гладни за моќ и пари идиоти во Европа и Америка, вие сте причината зошто започна специјалната операција.
Во изјавата на видеото Калас зборува за одржувањето на првиот совет за надворешни работи со три главни теми – Сирија, Украина и Грузија.
Во саботата бев во Јордан и остварив средба со арапските нации, како и со Турција и САД за да дискутираме за принципите на нашата комуникација со новото раководство на Сирија и што се очекува од нив. Мислам дека е многу важно што регионалните актери како и интернационалните актери ја гледаат сликата на ист начин, односно сакаат оваа земја да биде стабилна мирна и со сеопфатна влада. Затоа мислам дека беше важно да се согласиме за овие принципи. Му дадов задача на европскиот главен дипломат во Сирија да оди во Дамаск да ги направи контактите со новата влада и луѓето таму. Денеска ќе дискутираме како ќе се поставиме кон новото раководство во Сирија и на кое ниво ќе се ангажираме со новото раководство. И секако кои идни чекори би ги презеле ако видиме дека Сирија оди во добра насока. Сирија се соочува со оптимистична, но неизвесна иднина. Мора да осигураме дека ова оди во вистински правец. За Украина, министрите за надворешни работи денеска ќе го усвојат петнаесеттиот пакет санкции. Тој ја вклучува „флотата во сенка“, со санкции за неа. Вклучува санкции за функционери во Северна Кореа како и за кинеските компании кои ја овозможуваат оваа војна. Така што испраќа јасна порака дека кој и да ја овозможува оваа војна да продолжи, ќе плати цена за тоа. За Грузија, секако развојот на настаните што го гледаме во Грузија не е во вистински правец каде што треба да бидат земјите кандидатки. Ќе разговараме за тоа што се последиците за грузиската влада, која ја репресира опозицијата и сите алатки што ги користат таму. Што можеме да направиме од европска страна. Едното прашање е секако, санкции, а другото да се ограничи безвизниот режим, вели таа во видео-изјавата која во транскрипт може да ја погледнете овде.

Во објавата што ја рецензираме се посочува дека „Западот ги санкционира сите што имаат различно мислење“, а дека е „небитно што владата е избрана демократски“. Ова не е вистина. Во изјавата на Калас санкции се споменуваат како опција за Грузија и како решена работа за Русија. Конкретно, откако Русија изврши неиспровоцирана воена инвазија врз Украина, ЕУ и партнерите воведоа екстензивни санкции за руската економија, особено за нафтениот сектор во обид да ги намали приходите на Кремљ од кои се финансира војната. Овие санкции не беа, како што невистинито се вели во објавата „затоа што некој имал поразлично мислење“, туку зашто Русија го нападна територијалниот интегритет на Украина и ги прекрши меѓународните правила.

Најновиот пакет санкции е насочен кон танкерите што превезуваат руска нафта. Впрочем тоа што ЕУ се обидува да го направи, е да спречи да се заобиколат претходните санкции воведени за да се намали способноста на Москва да војува против Украина. Европскиот совет објави дека се согласил на значителен пакет мерки против 54 поединци и 30 ентитети „одговорни за дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина. Повторно, не станува збор за „санкции кон сите што имаат различно мислење“ туку санкции против оние кои го нарушуваат територијалниот интегритет на суверена држава, во случајов Украина. Со овие санкции треба да се помогне да се намалат приходите од кои се финансира војната, што е легитимна цел.

Меѓу санкционираните е и воената единица одговорна за нападот на детската болница Окмадит во Киев, како и високи менаџери на водечки компании во рускиот енергетски сектор и лица одговорни за депортацијата на украинските деца и двајца „високи“ севернокорејски функционери.Таканаречената руска „флота на танкери во сенка“ е група стари, неосигурени нафтени бродови што се користат за да се заобиколат западните санкции и да продолжат да заработуваат од продажба на нафта. Лошата состојба на овие бродови ја зголеми загриженоста за еколошки катастрофи, извести „Радио Слободна Европа“.

Дека „никому не му е гајле за санкциите“ не би можело да биде вистина, бидејќи тие директно влијаат (и тоа е впрочем нивната цел) врз економските параметри кои потоа се одразуваат на воениот фронт. ЕУ се обидува на секој начин да ја поддржи Украина во спротивставувањето на руската инвазија.  „Западот не се уништува сам систематски“ туку кога би одлучил да не ја поддржува Украина во својата самоодбрана од руската неиспровоцирана воена инвазија, тогаш би се однесувал во спротивност со своите вредности и принципите на демократијата и на меѓународното право, врз коишто впрочем почива.

И санкциите што Калас ги споменува против Кина и Северна Кореа не се „поради различно мислење“.

ЕУ за првпат воведе санкции меѓу кои и замрзнување на имот и забрани за виза за кинески фирми што биле добавувачи на руската армија за војната во Украина. На листата на санкции е додаден и министерот за одбрана на Северна Кореја, откако од Северна Кореја се испратени војници во руската армија за да ја зајакнат. Чекорот не е „поради различно мислење“ како што се прави обид да се банализира во објавата што ја рецензираме, туку поради тоа што Кина одигрува клучна улога да ја одржи руската воена машина.

ЕУ најави дека на црната листа става 4 кинески компании за „добавување сензитивни компоненти за дронови и микроелектронски компоненти“ за руската војска. Две други фирми и една кинеска бизнисменка се санкционирани зашто ги заобиколувале ЕУ санкциите насочени кон тоа да се сопре доставувањето опрема за Москва. Меѓу компаниите беше и „Ксијамен Лимбах“ која наводно добавувала мотори за беспилотни летала за напад со долг дострел, пишува „Гласот на Америка“.

Што се однесува на вториот дел од изјавата на Калас каде таа зборува за санкции кон Грузија, самата грузиска претседателка во заминување Саломе Зорабишвили на 18 декември 2024 година, побара од Европската Унија да изврши притисок врз проруската влада во нејзината земја, да организира нови избори по задушувањето на антивладините протести. Во Грузија десетици илјади Грузијци со недели протестираа против владината одлука да го суспендира процесот на приклучување на Грузија во ЕУ до 2028 година, наспроти расположението на граѓаните и нивната волја за европскиот пат.

Тензиите поради коишто почнаа овие протести се појавија на крајот на октомври кога партијата Грузиски сон, прогласи победа на изборите кои беа оспорувани. Грузија се осамостои од Советскиот Сојуз во 1991 година и со години се стреми кон членство ЕУ и тоа е наведено во Уставот на државата. Најголемиот дел Грузијци го поддржуваат ова, како што и константно покажуваат анкетите. Минатата година земјата доби и кандидатски статус за ЕУ. Но, на 28 ноември 2024 година, владата на Грузија презеде чекор назад што значи оддалечување од Европа и тоа предизвика веднаш огромни протести и гнев од страна на народот во Грузија. Премиерот Иракли Кобахиџе рече дека Грузија ќе ги суспендира преговорите за пристапување кон ЕУ во времетраење од 4 години, до 2028 година, откако Европскиот парламент посочи дека имало нерегуларности во изборите во Грузија.

Поради оддалечувањето на Грузија од европскиот пат, ЕУ се согласи да го укине безвизниот режим за оние функционери што имаат дипломатски пасоши, објави Ројтерс.

Не е точно наведеното во објавата дека „никој не ги гласал дипломатите во ЕУ“ како ни навредливиот дел каде се користат недолични квалификации за ЕУ и САД и тие се обвинуваат дека поради нив почнала т.н. (според објавата) „специјална воена операција“. Конкретниот „Совет за надворешни работи“ е составен од министрите за надворешни работи на сите членки на ЕУ, а тие пак се бирани на избори во своите држави.
Русија не спроведува „специјална воена операција“ туку целосна неиспровоцирана инвазија. Специјалните операции (Special ops) се воени активности спроведени, според НАТО, од специјално назначени, организирани, избрани, обучени и опремени сили кои користат неконвенционални техники и начини на делување. Специјалните операции можат да вклучуваат извидување, неконвенционално војување и антитерористички акции, а обично се спроведуваат од мали групи високо обучен персонал, со акцент на брзината и тактичката координација. Во воената инвазија на Русија врз Украина, наспроти ова, гинат голем број цивили. Ниту САД ниту ЕУ не беа причина за воената инвазија на Русија врз Украина. Вистиномер за тоа пишуваше овде.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција