Сашо Мијалков

 

ПРИВАТЕН ЖИВОТ

Сашо Мијалков,  македонски политичар и поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање на Македонија, е роден во Скопје на 15 септември 1965 година. Женет е со примабалерината Александра Мијалкова и има две деца со неа. Мијалков е прв братучед на Никола Груевски.  Неговиот татко Јордан и мајката на Груевски, Надежда, се брат и сестра.

 

ОБРАЗОВАНИЕ

Дипломирал на Универзитетот Свети Кирил и Методиј на Економскиот факултет во 1998 година. Магистрирал во областа бизнис Администрација. Дипломирал и магистрирал и на Економскиот факултет во Прага во 1994 година.

 

ПОЛИТИЧКА КАРИЕРА

Во периодот од 1998 до 2000 година, работел во Министерството за одбрана на позиција помошник-министер за одбрана и безбедносно разузнување.

Во периодот 2000 – 2001 година, бил советник за безбедносни прашања во Владата на Република Македонија. Од 29 август 2006 година е назначен за Директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. На таа функција бил до 12 мај 2015 кога си поднел оставка.

 

Мијалков во „бомбите“

Најекспониран во прислушкуваните разговори од „бомбите“ беше токму Сашо Мијалков. Тој се посочува и како директен нарачател на прислушкувањето на над 20.000 граѓани на Република Македонија. Од снимките има јасни индиции дека Мијалков договарал и реализирал назначувања во судството, а јасно е дека е еден од политичарите кои го „теледиригирале“ медиумскиот простор. Човек кој координирал со изборните измами и директно се пресметувал со политички неистомисленици преку судскиот систем. Името на Мијалков директно се поврзува со апсењето на Љубе Бошкоски, со апсењето на Велија Рамковски, како и со затварањето на А1 и неколку други печатени медиуми.

Со актот за аболиција на Претседателот Иванов Сашо Мијалков беше аболициран 6 пати за различни кривични дела и злоупотреби на службена должност и овластувања. Со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, неговата аболиција е повлечена на 6 јуни 2016 година.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција