„Сатанистичка паника“ и дезинформации за пожарот во „Пулс“

Фото: Теута Бучи, Порталб

Истражувањата покажуваат дека уште од 1980-тите ваквите тврдења често се дел од т.н. „сатанистичка паника“ (Satanic Panic), при којашто трагични настани или криминални дела без докази се припишуваат на тајни сатанистички култови. Подоцнежните истраги во бројни случаи покажаа дека ваквите обвинувања биле неосновани

Истражувањата покажуваат дека уште од 1980-тите ваквите тврдења често се дел од т.н. „сатанистичка паника“ (Satanic Panic), при којашто трагични настани или криминални дела без докази се припишуваат на тајни сатанистички култови. Подоцнежните истраги во бројни случаи покажаа дека ваквите обвинувања биле неосновани

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Да не ви е чудно,болни мозоци го прават ова,треба да ги спречиме.

Во склоп на ваквиот опис, се споделува и фотографија од коментар на српски јазик:

16 март сатанистички датум за жртвување луѓе и машко и женско врзано за дрво. Анализа на имињата и значењата: место Кочани (гореа ко кочанки), име на дискотеката „Пулс“ (пулсирање на срцето, страв, забрзан пулс, гушење), пожарот настана од прскалки кога настапи бендот ДНК (жртвите подразбираат палење и на ДНК на жрвите до јагленисување). Ваквите несреќи намерно се предизвикуваат и претставуваат принесување жртви од страна на умоболни сатанисти. 

Наспроти морбидните дезинформации во оваа објава, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, не беше „намерно предизвикан сатанистички ритуал за принесување жртви“, туку несреќа предизвикана од човечки фактор (пиротехника активирана во простор со низок плафон изработен од материјали што не се огноотпорни и несоодветен простор без дозволи, лиценци, архитектонски неподобен да се користи како дискотека). Објавата претставува теорија на заговор за наводно намерно предизвикување на пожарот од неименувани таканаречени „сатанистички сили“ во дискотеката Пулс во Кочани а аргументацијата со која се прави обид да се оправда ваквата морбидна дезинформација е измислица со аналогија од случајно избрани зборови и нивно поврзува со „аналогии“ на српски јазик (Кочани-кочанки, „Пулс“- пулсирање, името на групата ДНК). Сето ова е нелогично, неосновано, непоткрепено со фактите кои ги потврди истрагата итн.

16 март не е никаков „сатанистички датум за жртвување луѓе“. На овој датум се случи голема трагедија каде се запали дискотеката од активирана пиротехника во внатрешноста, а од чадот и во обид да излезат од несоодветната за дискотека просторија, со само еден излез, загинаа 63 претежно млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени. Ниту една релевантна институција што се занимава со проучување на религиите, екстремизмот или криминалот не признава постоење на универзален „сатанистички календар“ во кој 16 март е ден за човечки жртви.

Истражувањата покажуваат дека уште од 1980-тите ваквите тврдења често се дел од т.н. „сатанистичка паника“ (Satanic Panic), при којашто трагични настани или криминални дела без докази се припишуваат на тајни сатанистички култови. Подоцнежните истраги во бројни случаи покажаа дека ваквите обвинувања биле неосновани.

Анализата на имињата не претставува доказ за наводниот „сатанистички план“. Аналогијата со зборовите (Кочани, ДНК итн) се нарекува апофенија – психолошки феномен при кој луѓето препознаваат шеми и скриени значења во случајни совпаѓања. Во психологијата ова е добро документиран когнитивен механизам. Тоа што некој збор може симболично да се поврзе со трагедија не значи дека трагедијата била однапред планирана.

За тврдењето дека „несреќите намерно се предизвикуваат од сатанисти“ би биле потребни форензички докази, сведоштва, признанија, документи, судски утврдени факти, докази за постоење на организирана група. Во објавата не е приложено ништо од наведеното.

Дека дискотеката „Пулс“ во Кочани не била намерно запалена, ниту пак, некој „принесувал жртви на сатанисти“, покажуваат обвинението што го поднесе Јавното обвинителство и видеоматеријалите коишто се составен дел од доказниот материјал, а дел од нив се јавно достапни. Обвинението коешто беше презентирано на прес-конференција нема во својата содржина дејствие дека „дискотеката била намерно запалена“, ниту пак, дека некој изведувал сатанистички ритуали.

Обвинението се однесува на мноштво верижни пропусти од тоа што просторот немал дозвола ниту технички услови и стандарди да биде дискотека, употреба на несоодветни и лесно запаливи материјали,  до тоа дека се пропуштале поголем број на луѓе отколку капацитетот, но во делот на самото настанување на пожарот нема дел за „сатанистички мотиви“.

Наспроти тоа, во обвинението се наведува дека како резултат на мноштвото пропусти, критичната вечер на 16 март, на усно договорен настап без формално потпишан договор со музичката група ДНК, заради сценските ефекти при настапот била договорена употреба на пиротехнички средства. Во клубот се пропуштале посетители, меѓу кои и деца со што бил надминат дозволениот број посетители.

Биле активирани три пиротехнички фонтани на три базни уреди со телескопска антена, кои биле набавени без одобрение. Фонтаните исфрлале искри во правец на плафонот над сцената и како резултат на тоа започнало прогресивно опожарување на полиуретанскиот сунгер со кој бил обложен плафонот во објектот. Огнот брзо се проширил на целиот објект.

Меѓу посетителите настанало масовно, неконтролирано и панично бегање преку единствениот излез за евакуација, кој не бил безбеден затоа што на патот за евакуација имало двокрилна двонасочна врата која претставувала пречка за движењето.

Поради целосното непочитување на безбедносните правила за заштита од пожар, преполнетоста на објектот со посетители, настанало масовно туркање и паѓање на посетителите во ходникот со што напуштањето на објектот било целосно попречено и биле предизвикани тешките последици, информираа од Обвинителството.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција