Сатирата за попуст од 70 отсто во Клиниката Жан Митрев е контекстуализирана невистина

Фото: скриншот од постот

Постот, всушност, претставува пренесен твит од извесен корисник @BlackTaurus7, преку кој, во форма на сатира, се шири невистина, се нанесува навреда и се нанесува штета на здравствениот систем

Сатира за поврзаноста на ИСИС и Клиниката Жан Митрев, со лажна порака, нанесува голема штета сублимирана во лична навреда и штета врз јавно-здравствениот систем

 

На Фејсбук страницата „99% Macedonia“, објавен е пост, кој, всушност, претставува пренесен твит од извесен корисник @BlackTaurus7 и преку него, во форма на сатира, се шири невистина, се нанесува навреда и се нанесува штета на здравствениот систем. На постот-фотографија пишува:

Ако влезеш со исис маица у Жан Митрев добиваш 70% попуст на услуги.

Ваквата сатира е контекстуализирана изместено од вестите што се појавија во јавноста последните неколку денови, а кои се поврзани со судбината на синот на кардиохирургот Жан Митрев, Филан Митрев. Синот од првиот брак на д-р Жан Митрев, во моментов е среде судски процес во Германија, откако лани во ноември беше уапсен, а потоа и обвинет поради планирање на самоубиствен бомбашки напад врз локален ресторан во близина на Франкфурт, а за таа цел преку интернет набавувал средства за составување на експлозивна направа.

Како што е пошироко познато, д-р Митрев по молк од ден и половина се огласи во јавноста, признавајќи дека станува збор за негов син, изјави дека Филан тргнал по погрешен пат и дека тој не можел да му помогне, иако се обидувал, како и дека секој треба да си одговара за своите постапки.

Според тоа, освен крвна поврзаност, јасно е дека д-р Жан Митрев нема никаква друга врска со неуспешниот терористички обид на неговиот син. Но, во ФБ постот што го разгледуваме, и покрај тој факт се употребува сатира, при што, преку невистинито претерување („70 посто попуст на сите услуги ако се влезе со исис маица во клиниката“), најпрво се нанесува јавна навреда и штета и на личноста на докторот, но и на неговата клиника. Изместениот контекст во кој е сместен овој сатиричен пост, нанесува и друга поширока штета за јавниот интерес, бидејќи кај многу корисници на здравствени услуги може да создаде одбивност да побараат здраствени услуги во Жан Митрев.

Да потсетиме, иако Клиниката Жан Митрев е приватна здравствена установа, таа е дел од севкупниот јавен здравствен систем. Оваа улога е потврдена со тоа што преку јавно здравствениот систем Клиниката Жан Митрев игра важна улога во лекување на деца со срцеви проблеми во најрана возраст, специјализирани се за кардио-хирургија и интервентна кардиологија и за тоа плаќаат сите осигуреници во земјата преку Фондот за здравство, а лекуваат пациенти и од многу други медицински гранки. Клиниката неодамна објави и научни сознанија за лекување на пациенти заболени од Ковид-19 преку систем на екстракорпорално прочистување на крвта кај пациентите, а потоа и примена на ЕКМО, есктракорпорална оксигенација на крвта. Според тоа, јасна е потенцијалната штета што може да ја предизвика ваквата сатира како во постот што го рецензираме, создавајќи чувство на одбивност кај пациентите да ги користат зравствените услуги на оваа клиника.

Патем, сатирата изнесена во јавноста, пред сѐ, поради методот на претерување или минимизирање (исто како и карикатурата), често е тема на дебати кои го поставуваат прашањето до каде може да оди сатирата. Сатирата често се користи и во политички пресметки или пресметки со јавни личности, а тоа може да се види и од коментарите што се наоѓаат под постот што го рецензираме:

Овие што као го жалат џганот Митрев ова л…. го продаде газот и отворено учествуваше во спотови на дегенот што ги шитна сите национални интереси и треба да се штеди демек ова гнасно л….

Или

НАРОДОВ УШТЕ СПИЕ, ДО ТОЛКУ ПРОСТОТИЛУК И СЛЕПИЛО ДА СЕ ВЕРУВА ВО АВТОРИТЕТ КОЈ ЈА КОРИСТИ МАКАТА НА НАРОДОТ ДА СТАНЕ МИЛЈАРДЕР? ЕЈЈЈ КОЈ СЕ ЗБОГАТИЛ ТОЛКУ МНОГУ НА ЧЕСЕН НАЧИН. АЛОО БУДЕЊЕ НАРАЧАВТЕ?

Или

Од што бил толку хуман заработил таква ексклузивна болница?

Како што може да се види, сатирата во изместен контекст (таткото не е одговорен за постапаките на неговиот полнолетен син, кој патем не живее со него), како што е во случајот на овој пост на страницата „99% Macedonia“, нанесува штета сублимирана во лична навреда и навреда кон клиниката, како и потенцијална штета врз системот на здравство во државата.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција