Сатирична е објавата дека осомничениот за нападот на Арсовска бил префрлен на лекување во странство
„Вистиномер“ ја пронајде фотографијата објавена во медиумите во април минатата година, не се работи за осомничениот во случајот на градоначалничката Арсовска, туку за лице со мозочен удар транспортирано од Унгарија во земјава
„Вистиномер“ ја пронајде фотографијата објавена во медиумите во април минатата година, не се работи за осомничениот во случајот на градоначалничката Арсовска, туку за лице со мозочен удар транспортирано од Унгарија во земјава
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
КОМАНДАНТ БАРУТИ – УТРОВО ПРЕФРЛЕН НА ЛЕКУВАЊЕ ВО ЕДНА СОСЕДНА ЗЕМЈА.
Во склоп на објавата има фотографија од медикоптер којшто служи за превезување пациенти, на фотографијата се гледа како луѓе му помагаат на неподвижен пациент да биде сместен во медикоптерот. Втората фотографија што се споделува е од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, од што се добива и впечатокот дека се работи за објава по нападот врз неа во скопски Чаир после кој на првоосомничениот му беше определен притвор, а на второто лице што е осомничено му беа определени мерки на претпазливост.
Оваа објава е сатирична. Меѓутоа, бројни граѓани ја сфатиле сериозно. Дел од нив се шегуваат, но дел од нив се зачудени и прашуваат кој го платил медикоптерот.
Фотографијата во оваа сатирична објава не е од испраќање на првоосомничениот на лекување во соседна држава, туку од друг настан и од сосема друг пациент кој лани бил транспортиран – вратен од лекување во странство. „Вистиномер“ ја пронајде фотографијата објавена во медиумите во април минатата година, не се работи за осомничениот во случајот на градоначалничката Арсовска, туку за лице со мозочен удар транспортирано од Унгарија во земјава.
Изворот на фотографијата е Центарот за управување со кризи и потекнува од 20 април 2024 година кога лице со мозочен удар беше превезено од Унгарија во земјава со полициски хеликоптер на МВР опремен со потребна медицинска опрема за таков лет. Тоа беше вторпат да се извршува таков вид воздухопловен транспорт од Сегедин до Скопје, откако првиот пат успешно се реализираше на 11 април (2024).
„Вистиномер“ се обрати до Кривичниот суд кој е надлежен за спроведување на мерките коишто им се определуваат на осомничените лица при кривично-правни настани, од каде ни потврдија дека досега (13.07.2025) немало никакво барање за лекување на првоосомничениот во конкретниот случај.
Инаку, основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две лица за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Првоосомничениот на 11 јули се заканувал и физички ја нападнал градоначалничката на Скопје, која заедно со вработени во градските служби, по претходна пријава, излегле да извршат вонреден надзор на нелегален објект во градба на улицата „Севастополска”. Тој се претставил како сопственик на објектот во градба, па почнал грубо да ја навредува, да ѝ се заканува, по што и физички ја нападнал.
Кога изреагирале останатите вработени во градските служби и припадниците на МВР и го тргнале првоосомничениот, со закани продолжило и второосомниченото лице. Со чинот на насилство двајцата осомничени во јавноста и кај другите присутни лица предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот, пред сè поради ризикот да го повтори, односно да го изврши делото со кое се заканувал, но и поради опасноста од бегство.
За вториот осомничен се предложени мерки на претпазливост кои вклучуваат забрана за приближување и воспоставување контакт со градоначалничката и другите оштетени, забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, одземање на патната исправа и повремено јавување кај определено службено лице во судот, информираа од ОЈО Скопје на 12 јули.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар