СДСМ и Заев не го подготвиле протоколот за избори

[Рецензија: Филипче по налог на Заев и СДСМ подготви протокол за изборна кампања среде корона?]

Прашалникот во насловот не го намалува фактот дека во него се тврди оти министерот за здравство, Венко Филипче, по партиски налог на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, подготвил протокол за изборна кампања среде корона. Меѓутоа, протоколот го има подготвено Комисијата за заразни болести, во која членуваат медицински лица и чиј состав е повеќеброен и може да се прочита овде. 

Линк до оригиналниот напис: Филипче по налог на Заев и СДСМ подготви протокол за изборна кампања среде корона?

Датум и време на објавување: 14.5.2020

Датум на рецензија: 14.05.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Комисијата за заразни болести е стручното тело од кое потекнува секоја иницијатива и протокол за буквално секој сегмент на живеењето во услови на  епидемија на Ковид-19, вклучително и изборите. На 12 мај имаше лидерска средба, на која присуствуваа лидерите на политичките партии кај претседателот на државата Стево Пендаровски, а на која се договорија да почекаат миселење од Комисијата за заразни болести, мислење од ДИК и консултација за набљудувачите од ОДИХР, па повторно да има лидерска средба за да се одреди датумот. Значи, датум за избори нема.

Познавачите на состојбите толкуваат дека ова е направено по налог на Заев и СДСМ, на кои им се брза за избори во пресрет на економската криза, која доаѓа поради нивната не/реакција на корона-кризата, особено имајќи предвид дека вчера имавме четири смртни случаи од КОВИД-19 и процент на заразени наспрема тестирани, кој е во постојан непроменлив тренд, без намалување на статистиката, се вели во текстот.

Повикувањето на анонимни експерти не е кредибилно. Протоколот (од 7 минута и 30 секунда до 8 минута во видеото), како што рече министерот за здравство Филипче, не значи повик за брзи избори, туку е донесен за кој било период во којшто изборите ќе се одржат.

Вакво прашање на прес-конференцијата беше поставено од телевизијата „Канал 5“  и гласи:

Дали изработката на протокол за изборите значи и брзо спроведување на изборите?” (од 33 минута и 3 секунда до 33 минута и 47 секунда во видеото)

Одговорот од Филипче е негативен:

Не. Во ниту еден момент не е наведено во документот кога треба да се одржат изборите. Тоа ќе го договарат лидерите на лидерска средба. До нас стигна барање да се изготви протоколот од здравствен и епидемиолошки аспект гледано и тоа го содржи документот.

Но, во текстот не е претставена втората страна, односно министерот Филипче.

Да се каже дека Заев и СДСМ наложиле да се одржат избори, во најмала рака е несериозно кога се знае дека тоа мора да се направи со консензус и токму од таа причина се одржуваат и лидерските средби.

Протоколот за изборите кој Комисијата за заразни болести го донесе не значи дека има изборен датум, со оглед на тоа што датумот треба да го одредат лидерите на партиите следната недела на нова лидерска средба и тоа во координација со Државната изборна комисија (ДИК).

На последната средба кај Пендаровски е одлучено токму тоа, да се побара мислење од Комисијата за заразни болести за начинот на кој изборите треба технички да се спроведуваат и за ова согласност дале сите присутни на состанокот, а не само Заев од СДСМ. Понатаму, избори без ДИК да даде временска рамка за тоа колку време ѝ е потребно да го организира процесот, исто така, не се можни. Се најавува и дека ќе се менува Изборниот законик зашто се предлага гласањето да трае два часа подоцна, односно до 21 часот, а не како досега до 19 часот.

Значи, многу субјекти се вклучени во организирањето на овој комплициран изборен процес, дополнително отежнат од присуството на корона-вирусот. Затоа, не е издржано да се тврди дека Заев, СДСМ и Филипче веќе си закажале избори и си донеле протокол за изборите, со кој притискаат за брзи избори. Датумот, едноставно, не е одреден. Особено е сомнително што тоа се прави со анонимни извори претставени како експерти.

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција