СДСМ не молчат за можното доаѓање на одбиени мигранти од Британија во С. Македонија

Фото: Photo: Gémes Sándor/SzomSzed, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Уште на 21.5.2025 г., СДСМ го покрена прашањето дали нашата Влада договорила релоцирање на одбиени азиланти или мигранти од Британија во С. Македонија, но една објава на Фејсбук од 6.12.2025 г. дезинформира дека СДСМ молчи за таа проблематика

Уште на 21.5.2025 г., СДСМ го покрена прашањето дали нашата Влада договорила релоцирање на одбиени азиланти или мигранти од Британија во С. Македонија, но една објава на Фејсбук од 6.12.2025 г. дезинформира дека СДСМ молчи за таа проблематика, што е наводно „доказ“ дека кај нас нема здрава демократија, па ни вистинска опозиција, која би била коректив на власта

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук од 6.12.2025 г., која вели:

Каде е опозицијата сега?

Во овој критичен момент, додека се водат официјални разговори со Велика Британија за поставување на кампови за неуспешни азиланти, опозицијата не се слуша. Слушаме Венко Филипче како коментира на сите други теми контра ВМРО, но на оваа тема – тишина.

Ова е дезинформација и манипулација. Опозицискиот СДСМ уште на 21.5.2025 г. го покрена прашањето дали нашата Влада договорила релоцирање на одбиени азиланти или мигранти од Британија во С. Македонија. СДСМ тоа го сторија на прес-конференција на која говореше нивниот организациски секретар Мартин Костовски, што беше објавено на нивниот сајт, Фејсбук и Јутјуб.

Ако авторката на објавата, која сега ја рецензираме, сакала да биде објективна, таа имала дури половина година за тоа да го истражи и осознае. Таа тоа можела да го стори со најобично „гуглање“, по што сознанијата можела чесно да ги изложи пред јавноста, но тоа не го сторила.

Што се однесува до лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кого објавата го прозива, тој го покренал тоа прашање околу мигрантите на 11.10.2025 г. (линкови: сајт, Фејсбук и Јутјуб), за на 23.10.2025 г. тоа повторно да го стори портпаролката на неговата партија, Богданка Кузеска (линкови: сајт, Фејсбук и Јутјуб). Овие изјави биле пренесени и во разни медиуми, примери: тука, тука и тука.

Како доказ за сето она што го наведовме приложуваме и неколку клипови.

Со цел авторката на објавата да избегне одговорност за изнесените дезинформации и со цел однапред да се одбрани од обвинувања за тоа, таа прибегнала кон лукавост, па ја уфрлила и следнава реченица:

Или бар јас не сум свесна за заложби и изјави во врска со ова.

Тоа оправдание не држи, затоа што, како прво, ние веќе аргументиравме дека тие изјави на СДСМ се од поодамна нашироко објавувани, а како второ и побитно, Вистиномер повеќепати ја има забележувано таа авторка во ширење на дезинформации, па тука не се работи за наивен пропуст, кој би можел да се прости во стилот: „Луѓе сме, грешиме“, туку ова е свесно манипулирање.

Таа авторка шири проруска пропаганда околу агресијата врз Украина, за што сме пишувале тука и тука, а кога една Британка од палестинско потекло беше кривично гонета за ширење на омраза кон Евреите и за оправдување на терористичката организација Хамас, авторката лажно ја претстави Британката како „недолжна жртва на исламофобните и недемократски британски власти“.

Во објавата, којашто сега ја рецензираме, авторката ја обвинува за недемократичност и нашата земја, што го дознаваме од следниов цитат:

Ако СДСМ, како опозициска партија, не заземе јасен став, тогаш граѓаните имаат право да се прашаат дали тие се во согласност со владините планови. Во секоја здрава демократија, улогата на опозицијата е да биде гласен коректив. Сега, во овој момент, тој глас го нема.

Со ова објавата сугерира дека кај нас нема здрава демократија и реална опозиција, која би била коректив на власта, туку дека опозицијата за сè се согласува со власта, дека тука владее едноумие, дека се молчи за проблемите и сл., но видовме дека тоа не е така.

А, тоа што мета на објавата е проевропска и прозападна партија како СДСМ не чуди, имајќи ја предвид изразито антиевропската и антизападна реторика на авторката. Се разбира, критикувањето на политичарите е демократско право, но авторката нема право да манипулира.

Патем, кај неа гледаме и противречност. Во споменатиот напис во врска со Британија, авторката ја осудуваше таа земја за исламофобија или ксенофобија, но во написот во врска со СДСМ гледаме нешто сосема обратно – авторката нив ги осудува за толеранција кон имиграцијата, во смисла дека преќутно ја одобруваат, со што СДСМ не се вистински коректив за грешките на власта.

Фактички, авторката само се расфрла со осуди кон (про)западните политичари, а тие осуди се противречни и взаемно исклучувачки. На авторката ем ѝ пречи тоа што некој, според неа, е исламофоб или ксенофоб кон мигрантите, ем ѝ пречи ако некој ги толерира. Што и да сторат (про)западните политичари – авторката секако ќе ги осудува.

Инаку, можната релокација на одбиени азиланти или мигранти од Британија е чувствителна тема, затоа што, за жал, среде нив има и недобронамерни поединци и групи, кои се бават со тероризам, верски екстремизам или криминал и кои одбиваат да се интегрираат во британското општество, наметнувајќи му свои правила на игра. Затоа, многумина сметаат дека неодговорно е најмоќните политичари во една земја да молчат околу тоа, па објавата ги претставува СДСМ како неодговорни, пасивни и незаинтересирани.

Но, нашата цел тука не е да пресудиме дали таквата имиграција е нешто негативно или позитивно, ниту ни е целта да утврдиме дали такво нешто е навистина договорено меѓу С. Македонија и Британија, туку просто да утврдиме дали СДСМ го покренувале тоа прашање. Да, СДСМ го покренувале тоа прашање, па објавата ја оценуваме како невистинита.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција