СДСМ преку Филипче директно негираше актуелни врски со Башановиќ
Владејачката партија последните денови е фокусирана на пи-ар службата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, при што партијата невистинито тврди дека од СДСМ „шест дена кукавички молчат“ и „не ја демантираат соработката со лицата Зоран Башановиќ и Милан Шчекиќ“. Конкретно, невистина е дека од опозициската партија молчат, бидејќи демант дека не се користат услугите на српски пи-ар и лицето Башановиќ даде лидерот на СДСМ Филипче на вчерашна (24.03.2026) прес-конференција
Владејачката партија последните денови е фокусирана на пи-ар службата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, при што партијата невистинито тврди дека од СДСМ „шест дена кукавички молчат“ и „не ја демантираат соработката со лицата Зоран Башановиќ и Милан Шчекиќ“. Конкретно, невистина е дека од опозициската партија молчат, бидејќи демант дека не се користат услугите на српски пи-ар и лицето Башановиќ даде лидерот на СДСМ Филипче на вчерашна (24.03.2026) прес-конференција
ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку дена во своите комуникациски алатки со јавноста, преку соопштенија и прес- конференции тврди дека опозициска СДСМ користи пи-ар услуги од српска компанија поврзана со лицето Зоран Башановиќ, тврдејќи дека од СДСМ молчат, нешто што може да се оцени како невистина:
СДС и Венко Филипче шест дена кукавички молчат и не ја демантираат соработката со Зоран Башановиќ и Милјан Шчекиќ.
Молкот на СДС не е ништо друго освен директна потврда дека врските постојат. Наместо да излезат пред јавноста и јасно да одговорат, тие се кријат зад демагогија и евтини манипулации.
СДС е заглавена во погрешни и промашени ПР стратегии диктирани од странски советници, Башановиќ и Шчекиќ ги водат СДС директно на дното без автентична политика и јасни ставови, СДС се тотално без концепт и отуѓени од народот.
ПР стратегијата што ја следат, под влијание на Башановиќ и Шчекиќ, не само што е промашена, туку ја турка партијата кон политички амбис. Наместо да понудат визија и решенија, тие се занимаваат со интриги и дезинформации…Молкот од СДС е најгласното признание дека немаат аргументи, концепт и идеи за развој на државата.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – Датум: 25.03.2026]
Образложение:
Владејачката партија последните денови е фокусирана на пи-ар службата на опозициската СДСМ, при што партијата невистинито тврди дека од СДСМ „шест дена кукавички молчат“ и „не ја демантираат соработката со лицата Зоран Башановиќ и Милан Шчекиќ“.
Последното соопштение е од денеска (25.03.2026), а другите примери може да се видат тука, тука, тука…Притоа од ВМРО-ДПМНЕ се повикуваат на тврдење на српски портали или пак, поставуваат прашања за поврзаноста на лицето Зоран Башановиќ во енергетски зделки преку трета компанија за набавки на јаглен од Грција за потребите на македонскиот енергетски сектор. Во сите овие тврдења единствено е докажливо и вистинито е, дека лицето Зоран Башановиќ во времето кога Зоран Заев беше лидер на партијата СДСМ и премиер, едно време бил советник на премиерот.
Но, тврдењето дека од СДСМ молчат и не ја демантираат соработката е неточно. Првиот човек на опозициската партија Венко Филипче на вчерашната прес-конференција посветена на антикризните мерки поврзани со војната на Блискиот Исток, доби прашање за обвинувањата од ВМРО – ДПМНЕ за Башановиќ и за користењето на српски пи-ар услуги, при што го изјави следново тврдење и демант:
Јас на тоа прашање веќе одговорив. Ние немаме пи-ар со човекот којшто го посочува ВМРО-ДПМНЕ, со Башановиќ. Јас немам никаква врска со Башановиќ. Партијата нема никаква врска со Башановиќ. Немаме српски пи-ар. Ние имаме наш пи-ар.
Меѓутоа, што е битно во контекст на ова прашање. Суштината е, зошто ВМРО-ДПМНЕ не одговора на прашањата коишто ние ги поставуваме, туку прави дефокус. Како премиерот да е опседнат со српски пи-ар и со Харис Џиновиќ. Тоа му се него одговорите. Ние го прашуваме што ќе прави со кризата, тој зборува за Дубаи. Помош за граѓаните, тој зборува за Харис Џиновиќ. Помош за земјоделството, да се намалат(цените на) горивата, тој зборува за Башановиќ… (види видео од пресот од 7.05 до 8.10 минута).

Како што е напишано погоре, во сите тврдења од ВМРО-ДПМНЕ е точно дека лицето Зоран Башановиќ, кој бил во кумски врски со сегашниот претседател на Србија Александар Вучиќ, а потоа биле во судир од нивни внатрешни причини, во 2018-19 г., бил на листата советници на поранешниот премиер Зоран Заев, што може да се види и од пишувањето на српски и домашни портали, базирано на официјално соопштение од тогашната влада, а тоа може да се види и на примерите тука, тука и тука. Таа соработка веќе во 2020 година со владата ја нема, судејќи според тогашното соопштение за соработници на премиерот што го пренеле медиумите.
Но, тврдењето во последните денови и денеска (25.03.2026) дека од СДСМ молчат и не демантираат за соработка со лицето Башановиќ и за тоа дека користат српски пи-ар услуги е невистина, зашто Филипче на прес-конференција вчера тоа директно го одрече и тврди дека ниту тој ниту партијата имаат врски со српски пи-ар и со споменатото лице.
Извори:
- (25.03.2026) ВМРО-ДПМНЕ – Соопштение – [Проверено на 25.03.2026]
- (24.03.2026) СДСМ – В. Филипче/прес – [Проверено на 25.03.2026]
- (2019) Курир.рс – Заев дебело ги плаќа…– [Проверено на 25.03.2026]
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар