СДСМ го смени ставот за избор на претседателот на Комисијата
Генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски на прес-конференцијата одржана по координацијата на пратеничките групи на 23.03.2017 година, соопшти дека е постигната согласност за составот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата и за претседател на Комисијата. Спасовски тогаш, меѓу другото, изјави:
Иако постоеше едно од низата неразумни барања коешто беше поставено од ВМРО ДПМНЕ, ние прифативме претседателот на Комисијата да биде од ВМРО ДПМНЕ се со цел да се откочат процесите во Р.Македонија, да профункционираат демократските тенденции и се со цел ниту граѓаните ниту законодавниот дом да не бидат заложници на било кој политичар или политичка партија во Македонија. На тој начин сакаме да го ставиме во функција Собранието на Р.Македонија како највисок претставнички дом на граѓаните на Р.Македонија.
[Извор: веб – страница на СДСМ , датум: 23.03.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ваквиот став на СДСМ, искажан од генералниот секретар Оливер Спасовски, го сметаме за недоследен во поглед на претходните ставови на партијата за ова прашање, поточно во однос на тоа што го кажа лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан (21.03.2017). Заев тогаш на новинарско прашање дали претседателот на Комисијата за избори именување ќе биде од СДСМ или од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека тоа ќе се направи на конститутивната седница, а не на коридинацијата.
Цело време со внимание посветени на целиот процес. Додека буквално не дриблаа, дека некој е приватно зафатен, па не може да се одржи координација, го почекавме тој момент. Кога стоеја на своите стојалишта дека составот на членовите треба да биде 6, 5, 1, 1, а мислевме ние поинаку, да биде 5, 5, 2, 2 и тоа го прифативме. И сега се бара претседателот на Комисијата да биде од ВМРО-ДПМНЕ. Ние немаме проблеми ни со ова работа, но тоа е само уште една причина за да биде блокиран изборот на претседателот на Собранието, е тоа нема да го дозволиме. Легитимно е да се знае, дека согласно Деловник, парламентот на пленарна сесија бира претседател на Комисијата за избори и именувања и заменик претседател. Бира членови и заменици-членови. Нека ги каже ВМРО-ДПМНЕ своите аргументи зошто треба да имаат претседател на Комисијата за избори и именувања, пред целата јавност, на пленум да се дискутира за оваа работа. Ние ќе ги кажеме нашите аргументи и на крајот се знае како во демократска земја се одлучува, ќе се дигнат двата прста или ќе се притисне копчето и ќе се одлучи кој да го има претседателот на Собранието – изјави Заев (од 0.00 до 1.23 минута од видеото).
Оттука, имајќи ги предвид двете изјави се забележува недоследност во ставот на СДСМ, особено по најавата на Заев дека за изборот на претседател на Комисијата треба да се дебатира во Собранието и на тој начин ќе се одреди која партија ќе го добие претседателското место. Според последната изјава на Спасовски, пак, јасно е дека претседателот на Комисијата е веќе определен, а во Собранието само со гласање ќе се потврди негово назначување.
Исто така, да споменеме и дека според Деловникот на Собранието, член 20, став 1, Собранието го избира претседателот на Комисијата за избори и именување.
-
Собранието на конститутивната седница, по предлог од најмалку десет пратеници, избира Комисија за прашања на изборите и именувањата.
ИЗВОРИ:
- Веб-страница на СДСМ (23.03.2017): Спасовски: Го прифативме неразумното барање на ВМРО-ДПМНЕ, наша цел е Македонија да оди напред! [Пристапено на 27.03.2017]
- Канал на СДСМ на видео сервисот „YouTube“ (21.03.2017): Заев: Иванов ќе добие писмо од новиот претседател на Собранието треба да го додели мандатот! (од 0.00 до 1.23 минута од видето)[Пристапено на 27.03.2017]
- Собрание на РМ: Деловник на Собрание на Р.М. [Пристапено на 27.03.2017]
Оцени: Димитар Тануров
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар