Сe гради втората фаза од новиот скопски булевар „Босна и Херцеговина“

Фото:skopje.gov.mk

 

Ветување: Булевар „Босна и Херцеговина“ нова градска вена!

Ја надградуваме улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар. Го пренасочуваме фреквентниот сообраќај од урбаните крвни садови во вените на градот Скопје. Одговараме на барањата на граѓаните од општината Бутел со системско решение. Оваа градска магистрала ќе ги поврзе булеварот „Словенечка“ и новопланираниот булевар „Хрватска“. Мобилност за сите!

 [Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.35 – датум, октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов за надградување на улицата „Босна и Херцеговина“ во булевар, дадено за локалните избори  во октомври 2017 година, досега  (12.05.2020) е делумно исполнето.

Изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“ (прва фаза), на потегот од раскрсницата со булеварот „Словенија“ и улицата „Македонска косовска бригада“, до раскрсницата со улиците „Бутелска“ и „Кемал Сејфула“, почна во септември 2018 година.  Овој  потег сѐ уште се гради поради инфраструктурни проблеми при пробивањето на трасата. Градежни зафати  за споменатата делница во Бутел фактички се поклопија  со  втората фаза од изградбата на новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“, кој неодамна беше пуштен во употреба.

Деновиве екипите на Град Скопје  почнаа со изведба на втората фаза од изградбата на  булеварот „Босна и Херцеговина“, на потегот од крстосницата со булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“ до крстосницата со улиците „Ќемал Сејфула“ и „Бутелска“. На 11.05.2020 година увид во градежните работи на оваа делница извршија скопскиот градоначалникот Шилегов и градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски:

Очекуваме во наредните десетина месеци да дојде до спојување со трасата на булеварот „Босна и Херцеговина“, која веќе се работи. Граѓаните на Бутел, Чаир, Шуто Оризари и на Железара ќе имаат целосно булеварско решение, со кое се спојуваат булеварот „Словенија“, „Босна и Херцеговина“ и „Христијан Тодоровски – Карпош“. 

Со тоа го реализираме она што го зборувавме со граѓаните во текот на кампањата,  да почне да се формира северниот секундарен прстен околу градот. Градот Скопје нема алтернатива освен да гради добра инфраструктура за да го подобри развојот. Овде станува збор за нови 1.700 метри булевар, со ширина од 40 метри, со шест коловозни ленти, две велосипедски  и две пешачки патеки и централно и странично зеленило што ќе овозможи развој на градот во наредните триесетина години , рече Шилегов.

Од Градот потсетуваат дека улицата „Босна и Херцеговина“ е изградена пред 40-ина години, оттогаш асфалтот не е променет, а улицата била широка само 7 метри.

Информација и фотографии од стартот на втората фаза од изградбата на новопроектираниот булевар „Босна и Херцеговина“, за чија реализација од буџетот на Град Скопје издвоени се приближно 100 милиони денари со пресметан ДДВ, се објавени на официјалната веб-страницата на Град Скопје, како и во повеќе медиуми.

Ветувањето на Шилегов за дека улицата  „Босна и Херцеговина“ во Бутел ќе прерасне во  булевар и ќе биде „нова градска вена“ е дадено  во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“, (стр.35) со која како кандидат на СДСМ ја бараше довербата за градоначалничката функција во главниот град. Овој проект  е дел и од предизборната програма на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски „Живот во Бутел! За сите!“ (2017 -2021), каде на стр. 21  е наведено дека:

Во соработка со град Скопје наместо улицата „Босна и Херцеговина“ ќе се изгради булевар

******Инаку, реконструира и проширување на  улицата „Босна и Херцеговина“ во  модерен булевар, пред седум години  ветија и поранешните градоначалници на Скопје и на Бутел, Коце Трајановски и Петре Латиновски (за локалните избори во 2013 г.), но не успеаја да го реализираат ветеното. „Вистиномер“ тогаш, пред крајот на мандатот на Трајановски  и на Латиновски, го анализираше ова нивно изборно ветување и го оцени како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција