Се крчка Пржино 2 или се домесува Пржино 1?!

ПОВТОРНО ПРЖИНО? Радмила Шеќеринска. Фото: СДСМ

Не треба да бараме нов договор, туку треба да го реализираме постоeчкиот. Нема време за губење. Целта ни е да завршиме, а не да одложиме. Важно е да има фер и демократски избори со реформирани медиуми и прочистен избирачки список. Значи, да профункцинираат сите елементи од Договорот од Пржино – вели Радмила Шеќеринска за Вистиномер.

 

Не треба да бараме нов договор, туку треба да го реализираме постоeчкиот. Нема време за губење. Целта ни е да завршиме, а не да одложиме. Важно е да има фер и демократски избори со реформирани медиуми и прочистен избирачки список. Значи, да профункцинираат сите елементи од Договорот од Пржино – вели Радмила Шеќеринска за Вистиномер.

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Специјално одделение во судовите за случаите кои ќе ги процесуира Специјалното јавно обвинителство (СЈО) побара опозициската партија СДСМ, апотврди за Вистиномер, заменик-претседателката Радмила Шеќеринска. Таа, сепак, вели дека конечен договор помеѓу лидерите на четирите најголеми партии во Македонија: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ДПА сè уште е далеку.

Точно е дека побаравме специјално судско одделение за случаите кои ќе произлезат од СЈО. Само така ќе може да излезе правдата на виделина во ова корумпирано судство – вели Шеќеринска.

Речиси една година по Договорот од Пржино (2 јуни и 15 јули 2015), тајно, без многу официјални информации, на истото место како и лани се случуваат нови преговори. Засега, тие се билатерални со претставниците на САД и ЕУ во Македонија, Џес Бејли и Аиво Орав и со кратки средби на работните групи формирани од политичките партии.

 

ТАЈНИ СРЕДБИ

По последната средба која се одржа на 27.06.2016 година ниту еден од претставниците не беше преголем оптимист и никој не сакаше да даде прогноза кога може да се очекува некаков напредок.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали се разговара за датум за избори, Шекеринска рече дека сè уште не стигнале до тоа, затоа што на сите, особено на претставниците на меѓународната заедница, им е јасно дека она што прво мора да се договори е како ќе се исполнат условите, а дури потоа кој ќе биде денот на изборите.

Ние сметаме дека Македонија може да добие избори во релативно краток период, кои ќе бидат фер и демократски. Изборите можеа да бидат дури и во април и во мај, меѓутоа немаше политичка волја – рече Шекеринска.

Артан Груби од ДУИ изјави дека има напредок со тоа што воопшто седнале да разговараат. Тој додаде дека се зборувало за избирачкиот список и за медиумите, а кога ќе има некој конкретен договор, сите ќе бидат известени.

Евроамбасадорот Аиво Орав, сепак, истакна дека се надева наскоро повторно да се одржи средба, но не одговори на прашањето дали е оптимист.

Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и на ДПА, Никола Тодоров и Имер Алиу, не сакаа да коментираат ништо во врска со средбата.

 

ШТО ТОЧНО СЕ КРЧКА ВО ПРЖИНО?

Формирање специјално судско одделение во рамки на скопскиот Кривичен суд, кое ќе постапува по предметите на Специјалното судско обвинителство, прочистувањето на Избирачкиот список и реформи во медиумите. Ова се трите теми на кои, според нашите информации, најмногу време и простор им се посветува на јавните и на тајните средби на претставниците на политичките партии.

Од владејачката ДУИ веќе се изјаснија дека би поддржале формирање на вакво специјално одделение во Кривичниот суд. Портпаролот на партијата, Бујар Османи, во изјава за Алсат-М, рече дека дека неговата партија во основа нема ништо против такво решение. ДУИ има резерви само за начинот на кој тоа прашање треба да се отвори.

Ова е сериозна тема, која не може да биде прашање на медиумски разговори или кругови. Ако има таква волја, тоа треба да помине институционално, првин преку разговори на релевантните партии потписнички на Пржинскиот договор. Ако во тие преговори се отвори таа иницијатива, ДУИ принципиелно е за формирање на канцеларија или посебен оддел, кој ќе се занимава со случаите на СЈО – вели Османи.

Сепак единствена партија која е против ваквата идеја е владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Воопшто, ниту се разговарало, ниту има потреба и логично образложение да се разговара за ова прашање. Зошто би се правело такво специјално одделение – вели директорот на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски.

 

ПРОФЕСОРИТЕ СЕ ЗА СПЕЦИЈАЛНО СУДСКО ОДДЕЛЕНИЕ

Како што веќе и пишуваше Вистиномер, професорката Мирјана Најчевска, неодамна на својот Фејсбук профил ја отвори дилемата за формирање на специјализирано одделение во рамки на Кривичниот суд.

Во членовите 12 и 23 од Законот за судовите е предвидено формирање специјализирани оддели за карактеристични видови судски спорови. Не гледам зошто да не се формира ваков оддел за споровите од делокругот на специјалното обвинителство. Тоа е многу законски и многу едноставно. Со членот 32 и 122 веќе е формирано вакво одделение за организиран криминал. Нели? Во членот 88 предвидено е овие оддели да имаат претседатели и заменици. Значи, не станува збор за никаков вонреден суд, туку специјализирано одделение составено од избрани судии – напиша Најчевска.

Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев, посочува дека не е запознаен со овие членови од Законот за судови, но нагласува дека формирањето на специјално одделение би можело да се разгледа.

Проблем е што прашањето за посебен суд за предметите од специјалното обвинителство не се отворило кога се формираше СЈО, за што имаше политички договор меѓу четирите најголеми партии. Не верувам дека на некој не му текнало за такво нешто, но, сепак, тоа се премолчело. Што се однесува до членовите од Законот за судови кои ги посочува професорката Најчевска, сметам дека вреди да се разгледаат. Не верувам дека кога се пишувале, се мислело на посебно одделение за предмети од Специјалното јавно обвинителство, од причина што тоа тогаш не постоело – посочува Калајџиев.

Сепак, во недостаток на повеќе информации за тоа што точно се преговара и договара, Шеќеринска за Вистиномер вели дека што е можно побрзо договор мора да има.

Не треба да бараме нов договор, туку треба да го реализираме посточкиот. Нема време за губење. Целта ни е да завршиме, а не да одложиме. Важно е да има фер и демократски избори, со реформирани медиуми и прочистен избирачки список. Значи, да профункцинираат сите елементи од Договорот од Пржино – вели Шеќеринска за Вистиномер.

 

ЛИНКОВИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција