Се кројат измените на Законот за локална самоуправа – градоначалниците нема да бидат незаменливи
Градоначалниците нема да останат единствените незаменливи функционери, нивното отповикување станува реалност со измените на Законот за локална самоуправа.Тековниот процес за изготвување на предлог-законот засега ги запазува предвидените рокови и во него партиципираат засегнатите страни
Градоначалниците нема да останат единствените незаменливи функционери, нивното отповикување станува реалност со измените на Законот за локална самоуправа.Тековниот процес за изготвување на предлог-законот засега ги запазува предвидените рокови и во него партиципираат засегнатите страни
Партијата ВМРО-ДПМНЕ, која ја предводи актуелната владејачка коалиција, во предизборната програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“ за единаесетти по ред парламентарни избори кои се одржаа на 8 мај 2024 (заедно со вториот круг на претседателските избори), во делот насловен „Реформа на политичкиот систем“ ги најави и измените во функционирањето на локалната самоуправа, во кои главен постулат е воведување на законска можност за разрешување на градоначалник.
Ветување: Преку поширок политички дијалог ќе предвидиме законски измени со кои ќе се воведе можност Советот на единицата на локалната самоуправа да го отповика градоначалникот. Членовите на Советот ќе имаат можност во јасно утврдена процедура со 2/3 мнозинство да го отпочнат и да го завршат процесот на отповикување на градоначалникот.
[Извор: Предизборна програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“(стр.98) ; датум:18.04.2024]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ова изборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ дадено во предизборната програма „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“(стр.98), е во тек на реализација. Министерот за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински пред неколку месеци ги најави измените во Законот за локална самоуправа, со кои ќе се создаде можност за отповикување на градоначалникот. Процесот за подготовка на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа започна на 21.10.2024 година.
Како што е наведено во Известувањето за почеток на процесот за подготовка на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, објавено на ЕНЕР (Електронски национален регистар на прописи):
Досегашната примена на Законот ги истакна недостатоците во спроведувањето на одредени конкретни одредби и овозможи идентификување на сите одредби од законот кои треба да бидат унапредени за да се подобри неговата примена. Завршена е оценката на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа. Подготвени се анализи и извештаи за примената на конкретни одредби кои се предмет на уредување на Законот за локалната самоуправа.
Целта на предлог законот е „подобрување на функционалните аспекти на системот на локалната самоуправа, надминување на правните празнини, недоречености и воочени потреби за усогласување во Законот за локалната самоуправа низ добро осмислени, аргументирани и целисходни нормативни интервенции“.
Како временска рамка за изготвување на предлог законот е наведен периодот 21.10.2024 – 16.03.2025 година, а како начин на вклучување на засегнатите страни се посочени постапките на јавен увид на предлогот на закон; јавни расправи; барања за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни; учество во работни групи формирани од страна на министерството или Владата, како и состаноци со засегнатите страни.
Деновиве (20.01.2025) во Штип се одржа вториот консултативен настан за измените и дополнувањата на Законот за локална самоуправа, организиран од Министерството за локална самоуправа, со поддршка од проектот „Зајакнување на општинските совети“, финансиран од Владата на Швајцарија и Министерството за локална самоуправа, а кофинансиран и имплементиран од УНДП. Настанот е дел од серијата активности насочени кон активно вклучување на локалната самоуправа, експертите и граѓанскиот сектор во процесот на подобрување на законската рамка, со што се обезбедува поголема транспарентност и инклузивност. Во оваа прилика министерот за локална самоуправа, Перински истакна дека:
Законската рамка, стара повеќе од 20 години, бара модернизација и усогласување со актуелните потреби на граѓаните и можностите на општините. (соопштение на Министерството за локална самоуправа).
Проф. д-р Гордан Георгиев, кој е дел од експертската група, истакна дека промените се насочени кон три клучни области и го оцени процесот како конструктивен и со широка партиципација на засегнатите страни.
Првиот аспект се однесува на зацврстување на односот на општината и граѓаните кон јавното добро и хигиената. Вториот фокус е отчетноста на градоначалниците кон граѓаните, со можност за воведување механизам за отповикување како демократска контрола. Третиот аспект има за цел да ги отвори општините за поголемо вклучување на граѓаните во нивното работење, изјави Георгиев.
Се очекува предлог измените на Законот за локална самоуправа да завршат до крајот на март, по што ќе следат консултации со сите парламентарни политички партии.
Очекувањата се дека од следните локални избори изменетиот Закон за локална самоуправа ќе биде применлив. Главната иницијација за референдумски отповик на градоначалник, меѓу другото е и состојбата којашто ни се случува во Скопје. Но, главната иницијација се потребите и барањата на граѓаните. Сите функционери во Република Македонија се заменливи, освен градоначалниците и сметаме дека тоа не значи казна за градоначалниците, туку напротив ние тоа го гледаме како подобрување и зголемување на квалитетот на нивната работа, изјави Перински на новинарско прашање дали несогласувањата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со скопската градоначалничка Данела Арсовска биле поттикот за иницијативата за измените во Законот.
Иако Арсовска стана градоначалничка на Скопје на локалните избори во 2021 како независна кандидатка со отворената поддршка и партиска логистика на ВМРО-ДПМНЕ, по една година започнаа караниците и препукувањата меѓу нив. Тензиите меѓу нив честопати доведуваат до парализа на комуналните услуги и нефункционирање на јавниот превоз.
Со предложените измени на Законот за локална самоуправа градоначалниците нема да останат единствените незаменливи функционери. Тековниот процес за изготвување на предлог законот засега ги запазува предвидените рокови и во него партиципираат засегнатите страни.
Според горенаведеното, оценката за исполнувањето на ова предизборно ветување на ВМРО-ДПМНЕ е – во тек.
Извори:
- (18.04.2024) „Платформа #1198 – Македонија повторно твоја“ – [проверено на 21.01.2025]
- (21.10.2024) Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа – [проверено на 21.01.2025]
- (21.10.2024) Електронски национален регистар на прописи на Република Северна Македонија – [проверено на 21.01.2025]
- (20.01.2025 Министерство за локална самоуправа Перински во Штип: Во соработка со експертите до поефикасна и отчетна локална самоуправа – [проверено на 21.01.2025]
- (20.01.2025) Независен Дебата во Штип за измена на Законот за локална самоуправа – отповик на градоначалник и комунални редари главни постулати – [проверено на 21.01.2025]
- (31.08.2023) Мета Нова доза препукувања меѓу Данела Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ – [проверено на 21.01.2025]
- (27.12.2024 Мета Студентите повторно жртви на инаетот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска – [проверено на 21.01.2025]
- (29.10.2024) Мета ДЗР: ЈСП „СКОПЈЕ“ не е во состојба да им обезбеди квалитетни и навремени услуги на граѓаните – [проверено на 21.01.2025]
Оценил: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар