Се најавува стартот на изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш

Локација на патот Штип-Радовиш, Фото: Скриншот

Проект: Изградба на експресен пат Штип-Радовиш. Делницата Штип–Радовиш ќе се гради на ниво на експресен пат со широчина од 11,4 м, односно со две ленти за возење и две за застанување. Вкупната должина на делницата изнесува околу 38 км. Средствата ќе бидат обезбедени од меѓународни финансиски институции. (Буџет: проценета вредност 60 милиони евра, Рок: 2017–2019 година)

Проектот „Изградба на експресен пат Штип – Радовиш”, е најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018 година во делот – Патна инфраструктура (стр. 53), со рок на имплементација 2017 година – 2019. Имајќи предвид дека временскиот период за имплементација на овој проект го надминува редовниот мандат на Владата кој е до 2018 година, самото ветување е недоследно. Но, бидејќи подготовките за проектот започнаа порано, проектната документација е  подготвена, обезбедени се финансиски средства за истиот и спроведувана е тендерска постапка за избор на најповолен понудувач, ова ветување се оценува дека е во тек.

Проектната документација за магистралниот пат Штип-Радовиш е подготвена во 2014 година од страна на  фирмата „Простор“ од Куманово. За нејзината подготовка пред две години ЈП за Државни патишта одвоило финансиски средства во висина од над 116 милиони денари, односно 1,9 милиони евра. Согласно изготвениот проект, се предвидува проширување на коловозот, кој во иднина е предвидено да има две коловозни ленти со широчина од 3,5 метри и две помошни сообраќајни ленти со широчина од 2,2 метри. Како дел од патот А4, подобрениот патен правец ќе ги поврзе и новиот автопат Миладиновци – Штип, автопат кој води до секцијата каде што се сечат двата југо-источни паневропски коридора (Коридор 8 и Коридор 10).

На 06.11.2015 година Собранието на РМ го усвои законот за гаранција за заемот од ЕБОР за изградба на експресниот пат Радовиш – Штип (Закон за гаранција на Република Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на патната делница Штип-Радовиш, меѓу Европската банка за обнова и развој и ЈП за државни патишта). Заемот е во износ од 64 милиони евра, а вкупната вредност на проектот е 78, 4 милиони евра.

На 18.11.2015 година беше потпишан Договор за заем помеѓу ЕБОР и Министерство за финансии за изградба на експресниот пат Радовиш – Штип. Во оваа прилика Министерот за финансии Зоран Ставрески изјави:

Станува збор за пат со должина од 39 километри, модерен пат, експресен пат кој значително ќе ја подобри патната инфраструктура во југоисточниот дел на земјата, односно ќе обезбеди поврзување на целиот југоисточен регион од Струмица, Радовиш, преку Штип со Скопје, главниот град на Република Македонија. На тој начин ќе овозможи посилен економски развој на сите градови и општини кои гравитираат околу тоа подрачје. (Зоран Ставрески,Министер за финансии 18.11.2015)

Во истата прилика, Сју Барет, Директор за транспорт на ЕБОР изјави дека ова е  четиринаесетиот транспортен проект што ЕБОР го потпишува со Владата на РМ и дека тоа  доведува до вкупна сума од околу 660 милиони евра за инвестиции во транспортна инфраструктура во земјата.

На 18.03. 2016 година, при посета на радовишкиот регион, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски изјави дека тендерот за експресниот пат Радовиш-Штип е во тек и дека изградбата на патот би започнала во јуни-јули 2016 година:

Првата фаза е завршена. Пријавени се 18 компании, дел од нив што ќе се квалификуваат за втората фаза ќе дадат и конкретни понуди така што очекуваме изградбата на експресниот пат да почне во јуни-јули годинава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при денешната посета на радовишкиот регион.

Имајќи ја предвид оваа анализа, се заклучува дека проектот Проектот „Изградба на експресен пат Штип – Радовиш”,  најавен во Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ 2014 -2018  е во тек.

ИЗВОРИ:

Oценето од: Mилена Јосифовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција