Се намалува бројот на родени,  45 општини со негативен прираст! 

СДСМ: „Во првите три месеци од годинава во земјава починало 61 новороденче, што е запрепастувачки податок за Македонија.“ Фото: flickr

„За жал продолжува црната статистика. Според последните студии смртноста на новороденчиња во Македонија покажува дека во земјава умираат три пати повеќе новороденчиња од просекот на земјите од Балканот и ЕУ! Во Македонија умираат повеќе од 14 бебиња на 1.000 новородени. Во општините во Македонија каде што недостигаат гинеколози, умираат над 30 бебиња на 1.000 живородени, што е катастрофа“

 

 

„За жал продолжува црната статистика. Според последните студии смртноста на новороденчиња во Македонија покажува дека во земјава умираат три пати повеќе новороденчиња од просекот на земјите од Балканот и ЕУ! Во Македонија умираат повеќе од 14 бебиња на 1.000 новородени. Во општините во Македонија каде што недостигаат гинеколози, умираат над 30 бебиња на 1.000 живородени, што е катастрофа“

 

Пишува: Анета Додевска

 

Оваа 2016 година започна со црна статистика за штотуку родените. Имено, во првите три месеци од годинава починале 61 доенче, што во однос на четирите квартали од ланската 2015 година претставува највисоко ниво како апсолутна бројка. Дополнително, во анализираниот период имало 29 мртвородени деца, пишува неделната економска анализа на Порталб.мк. Според официјалните податоци на Заводот за статистика, годинава започна со намален број на живородени деца за 0,8% во однос на истиот период лани.

 

ВО 45 ОПШТИНИ – НАМАЛУВАЊЕ НА БРОЈОТ НА НАСЕЛЕНИЕ

Кичево, Кочани, Кавадраци, Куманово, Крушево се дел од општините со негативен природен прираст, односно во овие општини се намалува бројот на населението како резултат на тоа што стапката на морталитет ( бројот на починати) е повисока од стапката на наталитетот ( бројот на родени). Според најновите статистички податоци во оваа група на општини и градови во кои се намалува бројот на население само како резултат на овие фактори се и Охрид, Прилеп, Ресен. На ниво на државата, заклучно со март годинава статистика измери природен прираст од 42 лица, но она што дополнително може негативно да влијае врз оваа слика е и иселувањето на луѓето, кое во оваа методологија воопшто не е опфатено, односно не е пресметан бројот на оние што заминале од земјава и како тоа влијае врз бројноста на населението.

Во исто време, додека статистиката мери негативен прираст во 45 општини, односно градови, првото тромесечје од годинава заврши со уште еден негативен тренд – пад на наталитетот.

Бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2016 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 0.8 % и изнесува 5 537 живородени деца, посочуваат од Заводот за статистика.

Податоците покажуваат дека заклучно со март годинава во земјава имало 5 537 живородени деца или за 47 помалку во однос истиот период од 2015 година. Незначително намалување има кај смртноста на новородените или само две мртвородени деца помалку од истиот период минатата година, но од друга страна пак во период од три месеци починале 61 доенче, што во посредба со претходните четири квартали од 2015 година претставува највисоко ниво.

Анлизрано по општини, на годишно ниво, во апсолутни бројки наголем број на смртни случаи со новороднчиња има во Скопје, Гостивар, Куманово, Тетово и Струмица.

Според најновите податоци на годишно ниво пак, ланската 2015 во споредба со 2014 е регистрирано намалување на бројот на живородени а зголемување на бројот на мртвородени деца. Имено, во 2015 година бројот на живородени деца е намален за 2,2%. Така , лани имало 23 075 живородени деца и во споредба со 2014 година бројот се намалил за 52. Во истата година во споредба со 2014 та, бројот на мртвордени се зголемил за 14.

Споредбената анализа што ја направи Порталб.мк покажува дека лани бројот на новородени деца бил на најниско ниво од 2012 година. Еве колку деца се раѓале на годишно ниво: 2014 година 23 596, 2013 година 23 138 и во 2012 година се родиле 23 568 деца. Со цел да ги стимулира многудетните семејства и да ги негува традиционалните вредности, владата од 2007 спроведува мерки и кампањи со оваа таргетирана политика.

Недоманешното истражувањето на “Finance Think“ посветено на политиката за стимулирање на трето дете покажа дека генерално, мерките имаат негативен сегашен нето- ефект.

Бројот на третородени деца има минимален ефект врз вкупната стапка на природен прираст, освен во годините 2009 и 2010 кога се исплатуваше и додаток за второ и за четврто дете. Показателите упатуваат на фактот дека ефектот од мерката не кореспондира со поставената цел, односно зголемениот број третородени деца не е доволен за да го надомести недостигот од првородени и од второродени деца во вкупниот број живородени деца, се вели во истражувањето .

Состојбата со наталитетот во земјава предизвика партиски реакции. Од опозициската СДСМ обвинија дека актуелната Владата води, како што велат, криминални политики на штета на здравјето.

Во првите три месеци од годинава во земјава починало 61 новороденче, што е запрепастувачки податок за Македонија. За жал продолжува црната статистика. Според последните студии смртноста на новороденчиња во Македонија покажува дека во земјава умираат три пати повеќе новороденчиња од просекот на земјите од Балканот и ЕУ! Во Македонија умираат повеќе од 14 бебиња на 1.000 новородени. Во општините во Македонија каде што недостигаат гинеколози, умираат над 30 бебиња на 1.000 живородени, што е катастрофа, велат за Порталб.мк од СДСМ.

На овие обвинувања возвратија од владеачката Вмро-Дпмне, од каде велат дека опозицијата со ваквите ставови води некрофилска политика.

Поради манипулациите и измислиците на некрофилите од СДСМ, само за споредба, јавноста треба да ги знае овие официјални бројки: во 2004 година во првиот квартал имало 68 починати доенчиња (за 10% повеќе во споредба со годинава), во 2005 година во првиот квартал имало 83 починати доенчиња (26.5% повеќе), а во 2006 година имало 67 починати доенчиња (9% повеќе во споредба со оваа година). Овие бројки јасно покажуваат дека доенечката смртност во Македонија се намалува, а доказ за тоа се и прелиминарните податоци од Заводот за мајки и деца, при ЗД Скопје за 2015 година, според кои стапката на доенечка смртност во 2015 година бележи значително намалување и изнесува 8.5 на 1000 живородени, напиша владеачката партија во своето соопштение.

Заклучно со првиот квартал од годинава статистика објави дека во однос на лани истиот период, бројот на склучен бракови е зголемен за 12,1% додека бројот на разведен бракови пораснал за 20.5%.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција