Се отвора патот за чистење на линданот од Охис

Фото: Мета

Во декември 2018 година  од Владата го дадоа следното ветување:

Токсичниот линдан кој лежи затрупан во кругот на поранешната фабрика Охис, ќе биде отстранет во наредните 3-5 години

[ Извор: Веб-страница на Владата ; Датум: 17.12.2018 г.]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пред речиси една година (кога беше потпишан Меморандум за соработка со Канцеларијата за услуги на проекти на Обединетите нации – UNOPS и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка), од Владата ветија решавање на проблемот со чистењето на индустрискиот токсичен отпад линдан во скопската фабрика „Охис“ и реализацијата на ова ветување е „во тек“.

Како што беше тогаш соопштено, процесот за  решавање на проблемот со илјадниците тони отпад од опасниот пестицид, којшто со години се наоѓа на две депонии во поранешната фабрика, ќе го води Генералниот секретаријат на Владата. Да потсетиме дека на 17. 12. 2018 година генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски  кажа:

Во зависност од собраните средства ќе зависи изборот на методот кој ќе го користиме за уништување на отпадот од опасниот пестицид линдан. Сакам да истакнам дека истовремено ќе се чистат двете депонии во поранешната фабрика Охис и очекуваме дека тој процес ќе трае од 3 до 5 години.

Во јули оваа година од кабинетот на Рашковски во изјава за „Мета“  најавија дека ќе има тендер за чистење на линданот од малата депонија кај ОХИС.

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) денес (16.10.2019) информираа дека е објавен меѓународен тендер за избор на технологија за отстранување на линданот и неговите изомери од кругот на фабриката ОХИС.

Тендерот е објавен на 15.10.2019 година на официјалната веб-страница на УНИДО на следниот линк, а периодот за доставување на понуди ќе трае до 11 ноември 2019 година.

По пристигнувањето на понудите, како што појаснуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе биде формирана комисија од страна на УНИДО, составена од меѓународни и национални експерти, која ќе ја избере најдобрата понуда. Потоа ќе следат активности за започнување со работа на терен, односно обезбедување потребна документација, обезбедување на просторот и превентивни мерки за заштита на околината и конечно започнување со чистењето.

Па имајќи предвид дека се преземени одредени конкретни чекори  во насока да се отвори патот за да може да започне процесот на чистење на линданот од Охис (распишан е меѓународен тендер) , ветувањето добива оценка „во тек“.

  

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција