Се подготвува теренот за нов парк и ботаничка градина во Карпош

Официјален ФБ профил на Град Скопје

Ветување: Нов градски парк со ботаничка градина

Како логичен продолжеток на зелениот појас по течението на Вардар и Градскиот парк, во делот помеѓу СЦ „Борис Трајковски“ и „Карпош 4“, создаваме нов градски парк со првата ботаничка градина во Македонија. Го надоместуваме изгубеното зеленило меѓу зградите во оваа скопска општина, со заеднички простор во најубавиот дел од општината.

 [Извор:  Изборна програма на Петре Шилегов– „Живот во Скопје за сите!“ стр.38 – датум, октомври 2017 г. ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

За локалните избори (октомври 2017г.) градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вети изградба на нов градски парк со ботаничка градина во населбата Карпош 4. Реализацијата на ова ветување на Шилегов, наведено во неговата изборната програма, „Живот во Скопје за сите!“,  стр.38, е во тек.

На почетокот на март почна  расчистувањето на просторот за новиот парк  во близина на СЦ „Борис Трајковски“ покрај булеварот „Илинден“. Новиот парк во скопската населба Карпош 4 ќе се простира на површина од 60.000 м2 и ќе се надоврзе на Спортско – адреналинскиот дел кај Алпинистичката карпа. Во паркот покрај зеленило и дрвја, ќе биде направена и ботаничка градина, како и содржини за спорт и рекреација.

Претходно Град Скопје  објави конкурс за избор на идејно решение за изгледот на паркот, кој траеше до средината на минатиот месец (март).

Изградбата на овој парк во Карпош  беше  најавена на крајот на јануари, а за деталите околу уредувањето на просторот долж Кејот на реката Вардар – после Aлпинистичката карпа до бунарите на реката Лепенец, на прес-конференција зборуваа градоначалниците на Скопје и на Општина Карпош, Петре Шилегов и Стефан Богоев.

На овој простор ќе бидат поставени содржини за спорт и рекреација, а ќе биде предвиден и простор за ботаничка градина, за што разговаравме со граѓаните во нашата предизборна кампања. Дополнително, планирана е изведба на сервисна улица и два моста. Една по една, неуредените јавни површини ги претвораме во паркови. Непристапните и небезбедните површини, кои се диви депонии и диви паркиралишта ги уредуваме и ги отвораме за сите граѓани, рече Шилегов.

Според градоначалникот Богоев, пак, оваа локација ќе прерасне во една од поатрактивните спортско – рекреативни зони во Скопје.

На местото на децениските депонии, каде што се одлагале и остатоци од разурнатите објекти од скопскиот земјотрес во 1963 година, започнуваме со изведба на нов парк. На површина од 60.000 м2 ќе се добие ново, уредено зеленило со многу содржини за граѓаните. Сакам да истакнам дека во должина на овој потег, веќе интензивно се работи на Спортско – адреналинскиот парк, кај вештачката карпа, па со уредувањето и на овој дел градот ќе добие нов зелен појас и филтер на воздухот…,  кажа Богоев.

Информација и фотографии  за активностите околу изградбата на новиот парк во Карпош 4 се објавени на  официјалните веб-страници на Град Скопје и на Општина Карпош, како  и во повеќе медиуми.

Имајќи предвид дека се преземаат конкретни чекори во правец на реализација на проектот – објавен е конкрус за идејно решение на паркот и во изминатиот период  на терен се расчистува градежниот шут и кабастиот отпад,  ова изборно ветување според методологијата на „Вистиномер“ добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција